Среда, 22 Мај 2024   
ФОТО ТОМЕВ – ПОЗНАТ ЛИКОВЕН УМЕТНИК ВО КАНАДА (2)

1felo1

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Една од поистакнатите личности од македонско потекло во Торонто беше, секако, Фото Томев. Неговото име и дело е добро познато меѓу македонските иселеници и на пошироката канадска јавност. Тој ù припаѓа на генерацијата од првите македонски доселеници во Канада и беше еден од првите интелектуалци и учени луѓе од македонско потекло на северно-американскиот континент. Неговиот живот е исполнет со трудољубие, а неговата творечка фигура и делата што ги создаде во својот творечки период му обезбедија посебно место во канадското општество. Постигнатите резултати во ликовната уметност и во публицистиката го направија една од помаркантните личности сред иселеништвото во Канада, каде што живееше и твореше осум децении.

Видниот канадски ликовен уметник од македонско потекло, г-дин Фото Томев, е роден на 20 октомври 1899 година, според Јулијанскиот календар, во големото македонско село Желево, Леринско (порано Костурско), кое е познато како расадник на бројни интелектуалци и револуционери во минатото. Во неговото родно место го завршил егзархиското училиште, каде ги стекнал основните знаења, за потоа образованието да го продолжи во Канада.

Сликарот Фото Томев пристигнал во Торонто на 14 септември 1915 година, како шеснаесетгодишно голобрадо момче. Меѓутоа, за да дојде во Канада, односно за да добие патна исправа и да ја напушти Грција, неговата мајка платила околу 80 долари, што во тоа време биле голема сума пари. На новиот континент, во “ветената земја” заедно со уште петмина соселани прво пристигнал во Њујорк, а оттаму заминал за Торонто, каде што веќе живеел и работел неговиот татко Спиро Томев. Инаку, татко му Спиро бил еден од првите доселеници во Канада што дошле од Јужна Македонија. Тој доживеал длабока старост и починал кога имал 100 години.

Од разговорот што го водевме со Фото Томевво Старскиот дом (Канадско - македонски центар) во Торонто, во текот на август 1989 година, ги добивме сите информации за неговиот живот и дела. Така, веднаш по пристигнувањето во новата средина, Фото Томев започнал да оди на училиште и да го изучува англискиот јазик. Во исто време, тој како здраво и послушно момче работел на разни места и различни работи. Неговата желба за учење била голема, а бил природно надарен, интелигентен, со што се разликувал од својата генерација.

Во 1918 година, Фото Томев заедно со својот другар од детството Петар (Питер) Стојанов, исто така истакнат сликар со македонско потекло од Канада, се запишал на Уметничкиот колеџ на Онтарио, што бил на ранг на Уметничка академија. Татко му Спиро не знаел за каква факултетска програма станува збор, туку мислел дека неговиот син учи англиски јазик во вечерно училиште.

Според зборовите на Фото Томев, посетувањето на Колеџот му претставувало големо задоволство; бил присутен на сите предавања и со голем ентузијазам ги следел програмите, особено оние што се однесувале на темите од животот и од сликањето. Дипломирал во 1923 година како одличен студент, за што добил посебна награда како студент од групата што биле најуспешни, најталентирани и најтрудољубиви во таа генерација.

По завршувањето на Академијата, а поради економската мини - депресија во 1924 година, не бил во состојба да ги продолжи своите студии, па затоа се вработил во компанијата за уметнички дела „Мерчанд портреит” каде што работел хонорарно две години. Во 1929 година добил постојано вработување во наведената компанија, каде што направил голем број уметнички дела. Се определил да слика портрети и пејзажи, обично по нарачка, а насликал и неколку мотиви по сеќавања за неговото родно село Желево, потоа ликови од историјата, како и портрети на обични граѓани од Леринско и портрети на доселеници во Торонто.

Уметникот Фото Томев се оженил на 7 јуни 1931 година со Димка Белчева, Македонка по потекло од селото Емборе, Беломорска Македонија, а живеела во градот Бафало, во државата Њујорк. Го поминал поголемиот дел од животот со неговиот животен сопатник - Димка, која му давала поддршка во уметничкото творење.

Во времето кога се формирал Сојузот на македонските политички организации во САД и Канада, во 1922 година, кој подоцна стана познат по кратенката МПО (Македонска патриоска организација), Фото Томев бил и останал целиот живот активен учесник и член на оваа организација. Треба да се истакне дека во почетокот македонските доселеници веруваа во организацијата МПО, која била независна организација и која им служела на интересите на револуционерното движење на македонскиот народ. Меѓутоа, наскоро стана јасно дека МПО започнала да не му служи на интересите на македонското движење, туку на туѓи немакедонски цели и интереси.

Фото Томев започнал да слика уште како студент. Меѓутоа, непосредно по завршувањето на Академијата, четката и платното му станале живот. Неговите слики, особено портретите и пејзажите, за кои авторот има само фотографии, достигнувале високи цени и биле купувани од одредена категорија луѓе во Канада. Бројни уметнички дела создадени од раката на академскиот сликар Фото Томев красат многу домови и институции ширум Канада. Неговите уметнички дела се прикажувани на различни изложби што ги има организирано Друштвото на ликовните уметници на Онтарио, Кралската академија за уметности на Канада и Друштвото на уметниците на Монтреал.

Фото Томев беше познат сликар во Канада, особено во Торонто. Во неговата многу децениска работа тој насликал бројни дела кај кои се препознаваат длабоки траги од неговите уметнички способности и вештини. А неговите слики се со уметничка вредност и претставуваат дел од канадската ликовна уметност. За неговиот ликовен опус тој е добитник на бројни награди и признанија.

Академскиот сликар Фото Томев, покрај уметничката дејност, се занимавал и со публицистика. Тој е автор на публикацијата „50-годишнина на Македонско - бугарската православна катедрала ’Свети Кирил и Методиј’ (1910-1960)”, на публикацијата под наслов „Кратка историја на селото Желево, Македонија”. Третата публикација го носи насловот „Македонски народни прикаски”, за која ја доби наградата од Друштвото за историја и мултикултурата на Онтарио.

Фото Томев својот живот го завршил во Канадско - македонскиот центар во Торонто, а починал на 27 ноември, 1995 година. Тој беше еден од почитуваните станари на Старскиот дом. Фото Томев беше разговорлив и живо се интересираше за настаните во Македонија. На авторот на овие редови тој остави впечаток како голем ликовен уметник и публицист во Торонто.

Продолжува

1slavek4 copy copy copy copy copy copy copy Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Тажна е сликата од едвај 30-тина луѓе околу Ахмети кој направи богатство на грбот на народот, а сега остана буквално сам

Ахмети зборуваше пред едвај 30-тина луѓе. Тажна е сликата за политичарот кој направи кариера збору...

Историја

News image

Тргнување – истражување – враќање на Карнегиевата комисија

Комисијата трга од Париз на 2 август 1913 г., поточно 10 години од Илинденското востание. Застанува ...

Иселеници

News image

ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ БРОЈОТ 70 НА СПИСАНИЕТО „ПОВОД“ ОД СИДНЕЈ

Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ о...

Култура и туризам

News image

Чудотворни икони на Пресвета Богородица

Во селото Коњче има црква што ја имаат кончани и друзите села од околијата као за манастир, чунки во...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.