Среда, 18 Септември 2019   
Борис Ничов – бизнисмен и градител на „Преспанскиот крст“ (15)

xhdfd1

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ - САД

Борис Ничов е познат американски бизнисмен и општественик во Чикаго, но во исто време тој е познат и признат во македонската заедница, особено во македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“, во која бил претседател и значаен член на Управата. Во Подмочани е подигнат и се вишнее Преспанскиот крст, кој е изграден во 2.000 година, како симбол на христијанството, а е донација на иселеникот во Чикаго, познатиот бизнисмен и донатор Борис Ничов.

Борис Ничов  познато име во македонската заедница во Чикаго како бизнисмен и донатор, е активен член во македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ и во македонската заедница  во тој дел на Илиноис, од почетокот до денешни дни. Роден е во селото Подмочани, во Преспа, од каде уште како дете, заедно со родителите, заминал за Соединетите Американски Држави. Борис е почитувана личност не само во Чикаго каде живее педесетина години, туку и во своето родно Подмочани,  во Преспа и во Македонија, бидејќи тој е еден од значајните донатори на својот роден крај.

Неговото Подмочани се наоѓа во Горна Преспа, на десетина километри од Ресен на патот за Љубојно и Маркова Нога, во непосредна близина на Преспанското Езеро. Тоа е едно од најголемите, позначајните и поубавите села во Преспа. Подмочани е старо македонско христијанско село, во кое сложно живеат православни Македонци и неколку муслимански семејства. Тоа било центар и општина за селата: Бела Црква, Грнчари, Рајца, Курбиново, Претор и Асамати.

Така било и со централното училиште што го носи името на славниот војвода „Славејко Арсов“, чија зграда е меѓу Подмочани и Грнчари кое ги спојува овие две преспански села. Тука, кај училишната зграда, кај споменикот на борецот за Македонија Коста Кусаковски, се спојува и се разделува Подмочани од Грнчари.

Карактеристично за Подмочани е тоа што таму се наоѓа црквата „Свети Ѓорѓи“, во чиј круг се наоѓаат селските гробишта. Но, денес, се чини новата црква „Свети Петар и Павле“ претставува пример на  многу убав духовен, народен и преспански храм. Црквата е резултат на донаторство и израз на големата љубов кон родниот дедовски крај, особено на бројните иселеници од сите делови на светот, по потекло од Подмочани, пред сè, на донаторствата од страна на Борис Ничов.

dkhk2

Во овој духовно-црковен комплекс е подигнат и се вишнее Преспанскиот крст, кој е изграден во 2.000 година, како симбол на христијанството, а е донација на иселеникот во Чикаго, познатиот бизнисмен и донатор Борис Ничов. Крстот е висок 33 метри, со што симболично се прикажани годините на спасителот Исус Христос. Овој црковен комплекс е изграден на ридот Горица што се наоѓа над селото и од каде како на дланка се гледа значителен дел од Преспанската Котлина и од Преспанското Езеро. Благодарение на голем број иселеници и, секако, на селаните од Подмочани: првите помагаат со пари, а вторите со работна рака, за неколку години во оваа преспанска населба се изградени три христијански храма.

Борис Ничов е главниот донатор за „Преспанскиот крст“, кој е подигнат во непосредна близина на месноста Горица на највисокиот рид, веднаш крај Преспанското Езеро. Крстот е висок 30 и широк 20 метри. Осветлен е со 14 рефлектори и се гледа од сите страни на Преспа. Изградбата на крстот и на комплетната инфраструктура чинела стотици илјади американски долари.

„Преспанскиот крст“ е најголемата преспанска камбанарија. Ѕвоната се од Русија кои можат да се слушнат надалеку во Преспа и Преспанското Езеро. Во врска со црквата „Свети Петар и Павле“ и со „Преспанскиот крст“, два значајни монумента во Преспа, Борис Ничов изјави:

„Мораме да ѝ го вратиме сјајот на древната и славна Преспанска архиепископија. Основана е во времето на славниот македонски цар Самуил и беше значајна за развојот на православието на Балканот и во создавањето на македонската нација и држава. Преспанските бизнисмени во САД, Канада, Австралија и во Европа вложија околу половина милион долари“, рече Ничов.

Борис Ничов е познат во американското општество во Чикаго, но во исто време тој е познат и признат во македонската заедница, особено во македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“, во која бил претседател и значаен член на Управата. Иницијативата за покренување на изградбата на овој македонски духовно културен дом што ќе служи на интересите на македонските доселеници од сите делови на Македонија, бил покренат на 21 мај 1976 година. Притоа, било одлучено да го носи името на  светите  Кирил и Методиј, со што општината била примена како дел од МПЦ-ОА со писмо на светиот архијерејски синод.

Потоа, во 1978 година, во потесното градско подрачје на Чикаго, управата купила зграда на една лутеранска црква што ја преуредила и приспособила за вршење православни богослужби. Една година подоцна, на 3 август 1981 година црквата била осветена во присуство на неколку стотици Македонци доселеници и градски власти. Подоцна, е купено место каде се поставени темелите за новиот храм на 24 јули 1988 година. Во состав на црквата е изградена голема сала и други простории, во кои се организираат голем број манифестации. Црквата „Свети Кирил и Методиј“ е осветена на 30 август 1992 година од митрополитот Кирил, на кој церемонијал присуствуваше и авторот на овие редови Славе Катин, во својство на потпретседател на Комисијата за верски прашања на Република Македонија.

Инаку,посебно треба да се одбележи големото признание, кога, со Указ бр.43  од 16.7.2013 година, претседателот на Република Македонија, господинот Ѓорѓе Иванов го одликува иселеникот  Борис Ничов за неговиот значаен придонес за афирмација на Република Македонија во светот и унапредување на пријателските односи и соработката со Соединетите Американски Држави 

На убавите преспански простори во Подмочани, пак, главниот донатор: бизнисменот Борис Ничов, му изгради споменик на својот татко Коста и сето тоа го инвестирал и го направил во чест на семејството Ничови. Исто така, едни од најважните донатори не само на овој комплекс, туку и на сè што се гради во Подмочани се Калче Магдевски од Детроит и Марјан Кочовски од Охајо.

hfka3

Инаку, Калче Магдески, кој изгради убава куќа со интересна архитектура, денес живее во Калифорнија. Меѓутоа, тој беше еден од основоположниците на новиот објект на македонската православна црква „Света Богородица“ во Детроит. Таа е соборен храм и најголем објект на МПЦ во САД. До храмот се изградени големи сали и други простории што претставуваат убав македонски архитектонски комплекс.  Местото е осветено на 25 септември 1995 година, а на 21 септември 1998 година е поставен камен-темелникот. Новиот објект на „Света Богородица“ поточно салата е осветена од архиепископот Стефан и митрополитот Кирил на 21 септември 2000 година, а црквата е осветена на 21 септември 2002 година.

Калче повеќе пати бил член на Управата на црквата и бил познат општественик во најголемата македонска колонија во САД, Детроит. Неговиот придонес за афирмација на Македонците во американското општество е голем и значаен. Затоа со право се вели дека Калче Магдевски и неговото семејство се познати и признати во повеќе области на живеењето во Соединетите Американски Држави.

Марјан Кочовски, пак, кого често го викаат подмочански ресенец, живее во Охајо. И тој како Калче Магдевски е еден од втемелувачите на македонската православна црква „Свети Никола“ во Кентон. Оваа црковна општина е формирана во 1977 година, кога и се одржала првата конференција на која е решено да се изгради црква, што ќе биде под јуриздикција на МПЦ - ОА. Најзаслужни за оваа акција беа Марјан Кочовски и Крсте Гаговски од Брајчино.

Во црквата „Свети Никола“, Марјан Кочовски повеќе пати бил претседател и еден од значајните членови на управата. Во  документариумот на овој храм стои дека на 25 август 1979 година, на купеното место од неколку хектари бил поставен и осветен крст за изградба на црква и културно-просветен центар. Таа година за првпат била извршена богослужба на мајчин македонски јазик во тој регион. Потоа, на 16 август 1981 година митрополитот Кирил го положил камен-темелникот на црковната сала. На 21 декември 1985 година, на свечен начин салата била предадена во употреба.

На тоа свето македонско место, во Охајо, каде што е изградена сала за 500 лица, се одржуваат пикници и други манифес-тации, а до неа е црквата „Свети Никола“, чиј камен-темелник бил осветен на 17 септември 1989 година од архиепископот господин господин Гаврил. Осветува-њето на црквата  е извршено на 13 септември 1998 година од владиката Кирил.

hssn4

Центарот на Подмочани

Интересно е да се спомене дека новата зграда на црквата е верна копија на архитектурата на црквата „Света Богородица“ во Калиште, Струшко. Покрај иконите, во неа има живописен изрезбан иконостас изработен во Охрид, кој претставува единствен пример од таков вид на северноамериканскиот континент. Во рамките на црквата работи: женската секција, играорната група „Пелистер“, неделното македонско училиште и бинго секцијата, активности за кои, најголем придонес има големиот Македонец и донатор Марјан Кочовски.

Денес за селото Подмочани во Преспа, покрај месното население се грижи и плејада иселеници раселени ширум светот. Покрај Борис Ничов, Калче Магдевски и Марјан Кочовски од САД, голем придонес за Подмочани имаат Дорче и браќата Николовски, Митко Стојановски, покојниот Кире Глобочки, Љупчо Андреевски, Џими Стојановски и многу, многу други.Затоа, не случајно за Подмочани се вели  дека е едно од најпечалбарските села во Преспа.

Во историјата на Подмочани е забележано дека од ова преспанско село води потекло, меѓу другите, Трајко Китанчев (1858-1895) педагог, публицист, писател и поет, академик на Бугарската академија на науките и професор-филолог на Московскиот универзитет, како и претседател на Врховниот комитет на ВМРО, како и корените на архимандритот Панарет, ректор на Пловдишката семинарија. Исто така, од ова село, меѓу другите е и војводата Кочо Кочовски, учесник во Илинденското востание, а за негова слобода, меѓу другите, своите животи ги дале: Коста Кусаковски, Петар Ристевски, Милан Стојчевски, Мите Фотевски, Ѓорѓи Шушевски, Панде Стефановски и други.

Подмочани е карактеристично место во Преспа, па и пошироко во Македонија. Тоа е село каде постои приватна етнолошка музејска поставка, во сопственост на ентузијастот Јоне Ефтимовски, единствена институција од ваков вид во Преспа и во Македонија. Во убавата зграда на фолклористот Јоне Ефтимовски која се наоѓа во центарот на Подмочани изложени се илјадници предмети како: народни носии, накити и украси, предмети од домаќинството, оружје и други експонати од Македонија и од други балкански држави.

Продолжува

 slave

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

ВМРО-ДПМНЕ има поддршка да формира Влада

Муцунски после завршената посета на Брисел: ВМРО-ДПМНЕ има поддршка да формира Влада која ќе го за...

Иселеници

News image

КРЕАТИВНОСТА МИ ЈА ПОЛНИ ДУШАТА

Разговор со Лара Мабеи која ја игра главната улога во „Баб...

Култура и туризам

News image

ИЗРАЕЛ - ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (12)

ЕРУСАЛИМ - ГРАДОТ НА ВЕЧНОСТА

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (31) I ДЕЛ

МИТОЛОШКА И ТЕОНИМСКА ОНОМАСТИКА НА ПАНОНИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.