Среда, 07 Февруари 2024   
По патот на Македонската историја

18175

Нови предизвици за соработка со македонската дијаспора!

Kaко да се зголеми интересот за Македонија и за македонските прашања од Македонците кои никогаш не биле во земјава и од македонските државјани кои живеат во други земји.

Повеќе од 700 илјади луѓе од македонско потекло живеат во САД, Канада, Австралија, Велика Британија, Западна Европа и други земји. Македонската дијаспора, како директен резултат на историјата на македонскиот народ и разни историски пресврти кои се случија во земјата во текот на минатиот век, стана составен дел од основата на денешниот македонски дух.

Секој разумен човек треба да се праша што е тоа што Македонија реално може да го направи за одржување на културните и економските врски со македонските заедници кои живеат во други земји. Треба да се прашаме и за тоа дали официјалната македонска политика е правилно поставена кон нејзината дијаспора, дали се негува и соодветно користи.

Кратка историја на македонската емиграција

Историјата покажува дека од 19 век се случиле шест големи бранови на емигрирање на Македонците од нивната матица. Многумина од овие Македонци и нивните потомци денес се успешни граѓани во нивните држави и даваат позитивен придонес во развојот на тие земји во различни области, во политиката, економијата, академските институции и културата.

Првиот голем бран на македонската емиграција се случила во осумдесетите години од 19 век, кога многу Македонци заминаа на печалба и емигрираа во Бразил, Аргентина, Романија, САД и Канада. Вториот голем бран се случил по Илинденското востание во 1903 година, кога историска Македонија беше дел од Отоманската империја, а потоа и многу Македонци избегале како бегалци во Бугарија, Русија, САД и Канада.

Потоа следува бранот од 1912 до 1918 година кога во периодот меѓу двете балкански војни и во Првата светска војна на територијата на Македонија се воделе големи борби кои генерирале масовен егзодус на Македонците во Западна Европа и Северна Америка.

Периодот по Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција беше уште еден многу трауматичен дел од историјата на македонскиот народ кога околу 60 илјади Македонци емигрирале во САД, Канада, Австралија и во други европски земји.

Во 1960 година југословенската федерална влада го укина ограничувањето за патување, околу 80 илјади Македонци емигрирале во прекуокеанските земји. И по распадот на југословенската федерација во 1991 година уште еден значаен број Македонци емигрирале во странство.

Ова значи дека голем е бројот на луѓето кои се од македонско потекло, а никогаш не биле во Македонија. Голем е и бројот на оние Македонци од дијаспората кои имаат и македонски пасоши.

Значи кој би бил реалниот интерес на Република Македонија да се поврзе со толку различното македонско население во странство? Што треба да се направи? Поседувањето македонски пасош или седиште во македонскиот парламент за некој кој има македонско потекло и никогаш не стапнал во Македонија е многу благородно, но во исто време и нереално.

Прво, треба да се воспостави една организација или институт кој кај сегашните генерации ќе генерира интерес и почит за Македонија.

Треба да се направи јасна разлика помеѓу македонските граѓани кои имаат македонски пасоши и Македонците кои се потомци на македонските иселеници, а никогаш не биле во Македонија. Без разлика на ова, сите треба да бидат вклучени во сите нивоа на општественото живеење на Македонија.

Македонија треба сериозно да размисли за трансформирање и развој на постоечките методи на соработка со дијаспората која денес главно се спроведува преку Агенцијата за иселеништво.

Треба итно да се основа институција како што е германскиот Гете ­институт, институтот Ками во Португалија, Данте Алигиери во Италија, Француската алијанса, Британскиот совет...

На пример, Гете институтот е непрофитна германска културна асоцијација во светот со 159 институти за промовирање на изучувањето на германскиот јазик во странство, за меѓународна културна размена и развој на односите. Гете институтот промовира знаење за Германија со обезбедување на информации за германската култура, општество, политика... Ова значи и размена на филмови, музика, театар и литература.

Културните друштва на Гете институтот, читалните, испитите и јазичните центри веќе повеќе од 60 години имаат значајна улога во културната и образовната политика на Германија. Гете институтот е самостојна и политички независна институција.

Како се финансира Гете институтот?

Партнери на Гете институтот се јавни и приватни културни институции, федералните единки на Германија, локалните власти и стопанските комори. Голем дел од вкупниот буџет на Гете институтот доаѓа и од грантови од Министерството за надворешни работи на Германија. Односите со министерството се регулирани со општа согласност. Приходите и донациите од спонзори и покровители, партнери и пријатели се клучни за работата на институтот.

Гете институтот главно се финансира од владата на Германија. Бројот на вработените е 3.000, а вкупниот годишен буџет околу 366 милиони евра. Гете институтот нуди стипендии, вклучувајќи школување на студентите од странство, кои сакаат да станат наставници по германски јазик.

Македонски еквивалент

Логично е да се постави прашањето дали, со таква силна историја на македонската емиграција и големиот број на дијаспората, постои една таква институција во Македонија? Одговорот е НЕ. Сепак, постои Агенција за иселеништво, но тоа не е ни близу до она што за соверемениот свет е неопходно.

Она што е неопходно е во Македонија да се формира една слична институција како една од горенаведените, а можеби и да се редефинираат задачите на институтот „Крсте Петков Мисирков“ според примерот на Италија. Единствена цел на италијанскиот институт Данте Алигиери е да се промовира изучувањето на италијанскиот јазик и култура во светот, независно од политиката, националното или етничко потекло и верско уверување.

Новоформираниот македонски институт би требало да биде поставен слично на наведените институции кои успешно работат во други земји и се специјализирани во промовирањето на едно пошироко знаење и почитување на Македонија и на македонскиот јазик и преку тоа да се развијат поблиски културни врски меѓу Македонија и други земји .

Целта на оваа институција би била промовирање на љубовта и интересот за македонските прашања како на пример јазикот, културата, храната, туризмот, стипендии за младите, посети...

Македонија треба да има претставник на Агенцијата за иселеништво во амбасадите во земјите каде што дијаспората е бројна. Треба законски измени за да може претставници на Агенција за иселеништво, на министерствата за култура и образование, да бидат стационирани по амбасадите по 6 месеци или една година кои би имале јасна агенда за тоа што треба да прават.

На пример, претставникот на Агенцијата за иселеништво нема само да ја анализира актуелната ситуација и да ги попишува културните и образованите потреби на македонската дијаспора, туку ќе се среќава и директно ќе се ангажира македонските и други владини и невладини тела поврзани со прашањата околу емиграцијата. Министерствата за култура и образование исто така ќе имаат директен контакт за да ги спроведуваат работите околу нивното поле на интерес. Овие претставници по амбасадите би функционирале слично на актуелните претставници во странство на Агенцијата за странски инвестиции. Јас би предложил и лица од „Танец“ исто така да имаат времени претставници по амбасадите за да им помагаат на македонските културни друштва во странство.

Модерната технологија да не се користи само за подобрување и издавање на македонските документи, туку и за подобро разбирање на македонскиот економски и правен систем.

Предности

Со ова, ќе се зголеми интересот за Македонија и за македонските прашања од Македонците кои никогаш не биле во земјава и од македонските државјани кои живеат во други земји.

Овој, новогенериран интерес ќе предизвика и други клтурни и економски придобивки преку туризмот, бизнисот и можностите за инвестирање.

Македонската дијаспора ќе има сериозна улога во зајакнувањето на македонските билатерални односи со други земји, ќе има активна улога во градењето мостови меѓу земјите каде што живеат и Македонија, ќе се развие и личната посветеност за развојот на Македонија и ќе се развие локалното знаење и контакти во земјите, кои дипломатите понекогаш и не можат да ги имаат.

Предизвикот за Македонија е основање на една таква нова институција за приближување со македонската дијаспора во сите сфери. Овој нов ангажман треба да ги вклучува и другите етнички заедници од Македонија.

Зоран Ќосески, Австралија

 

На прво место

News image

Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија му ги направи најголемите национални предавс

Со партиската игранка од пред некој ден, СДС само потврди дека со неа сè уште раководи Зоран Заев ...

Историја

News image

Балканскиот пакт од 1953

Балканскиот пакт од 1953 година (официјално: Спогодбата за пријателство и соработка) е договор потпи...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО КАИРО – ПРЕСТОЛНИНАТА НА ДРЕВЕН ЕГИПЕТ (9)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

News image

НЕДА ЛОЗАНОВСКА – ПОЗНАТА ПОЕТЕСА ОД ТОРОНТО (29)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.