|
|
Mакедонскиот јазик да стане официјален во Грција |
Во сите образовни институции (основни училишта и гимназии) во општината Мелити (Овчарани) да се учи на македонски јазик. Сите топографски имиња на територијата на општината да бидат двојазични и сите официјални ознаки на јавните објекти да имаат написи на грчки и на македонски јазик. Ова се двете главни барања на градоначалникот на општината Овчарани во Грција, Панајотис Анастасиадис, кои се испратени до градоначалникот на Лерин, надлежна општина за регионот Западна Македонија и до министерот за образование. Писмото е испратено на 26 март, а е објавено вчера на интернет страницата на весникот на Македонците во Грција „Нова зора“. „Дозволете ми, исто така, да ве потсетам дека нашата земја е потписник, но за жал се уште не ја ратификувавме, на Рамковната конвенција на Советот на Европа за регионалните и малцинските јазици. Меѓу другото, оваа конвенција предвидува признавање на овие јазици како израз на културното богатство, почитување на географската област каде што се зборува таков јазик и, особено, олеснување и поттикнување на користење на јазикот во писмена и усна форма, како во јавниот, така и во приватниот живот“, пишува во дел од писмото . Анастасиадис потсетува дека токму во овој дел од Грција, населението не наидува на добронамерна заштита од државата во однос на употребата на јазикот што го зборуваат. „Граѓаните тука се отсечени од се. Невработеноста расте, а се појавија и одредени феномени како што е Златна Зора, што сите нас, кои сме дел на поинаков јазичен и културен идентитет, не плаши кога гледаме дека Грција со голема брзина се враќа во минатото, минато кое беше полно со бегалци, забрани и страв“. |