|
|
Сведоштво на Георги Ачков, преживеан заточеник од 1903 -1904 година |
Голготата на 323 македонски заточеници од Битола до Дијар-Бекир Дваесет години по враќањето од заточеништво по Илинденското востание, Прилепчанецот Георги Ачков, еден од 323-та Македонци отерани на робија во Дијар-Бекир, собрал сила да се потсети на ужасите што ги преживеал во 1903-1904 година кога на пат до затворот во Мала Азија биле убиени или умреле од мачење половина од Македонците осудени на сто и една година. Оваа потресна книшка со негово сведоштво, објавена пред речиси сто години, денес се чува во збирката ретки книги во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје. По апсењето како група која планирала да им се приклучи на четите што се подговувале за Илинденското востание, Георги Ачков, заедно со дваестина други Прилепчани, неколку дена бил измачуван во Прилепскиот затвор, а потоа префрлен во Битола. Додека бил во затворот во својот роден град, слушнал дека четата на Христо Оклев, четата во која тој и уште неколкумина планирале да се приклучат, била разбиена, односно војводата и тројца четници биле убиени. - Во Битола, пред да бидеме изведени пред судот, бевме затворени во таканаречениот Басма-ан, а потоа со решение на судот бевме префрлени во одделението за политички престапници Катил-ан на издржување на казната доживотен затвор. Токму тие денови се случи убиството на рускиот конзул Александар Ростоковски па раздразнетоста на турското население во градот беше големо, всушност секој миг чекавме толпата да влезе во затворот и сите да биде заколени. Сепак, притисокот на Европа беше голем и толпата беше спречена да влезе во затворот. Во меѓувреме во Катил-ан видов дека е затворен и мојот сограѓанин Владимир Милчинов кој беше облечен во дебарска облека, а во затворот беше под туѓо име. Еден месец подоцна мајка ми дојде да ме посети и тогаш ми кажа дека татко ми бил пресретнат на пат кон селото Сенокос, до смрт бил претепан од двајца турски војници и по три дена починал од повредите.“ Оковани на пат до Солун Сите што биле затворени во Катил -ан на 8 септември 1903 година, бидејќи не можеле да одат од тепањето или затоа што биле со пранги на нозете, со арабаџиски коли биле префрлени на Железничката станица во Битола. Само од Битолскиот затвор во еден од сточните вагони биле натрупани 62 затвореници Македонци. Кога стигнале во станицата во Воден, дел од затворениците се обиделе да побегнат, но биле фатени, претепани, оковани со синџири еден за друг и вратени во вагоните. Во Солунската железничка станица, биле построени и во строј спроведени до околиската управа, а по пат бичувани и тепани без престан. - Во таа солунска тортура беше прободен со бајонет Симо Трајков од Кичевско, кој беше префлен во Солунската воена болница каде што по десет дена починал. Тој беше првата жртва од 323 заточеници кои стигнавме во Солун. Три дена лежевме во Солунскиот затвор на земја, без леб и вода. На четвртиот ден оковани во тешки пранги тргнавме кон Солунското пристаниште. Кога бевме пребројани се констатира дека двајца од затворениците во меѓувреме избегале, успеале да се замешаат со народот што стоеше по улиците гледајќи како оковани во пранги се движиме кон пристаништото. Со кајчиња бевме префрлени до парабродот и буквално фрлени низ мал отвор под палубата, односно натрупани во делот каде што беа моторите. Додека не туркаа кон отворот, капетанот на бродот, Грк по народност, неколкупати повтори дека ниту еден од нас жив нема да стигне до брегот. Потоа капакот го спуштија. Се сеќавам дека меѓу затворениците беше и Димитар Мирчев. Го симнаа на островот Митилин. Пред да го повикаат на палубата ни даде 10 наполеона да ги разделиме меѓу нас, меѓу 22-та затвореника во групата. Како и да е, по извесно време стигнавме во Смирна каде што бевме сместени во касарната во градот. Додека одевме кон касарната бевме плукани и тепани од турското и грчко население што беше излезено на улицата. Тогаш од тепањето почина Неделко Атанасов од село Годеч, Битолско. Во касарните во Смирна останавме четири дена, чекајќи ги новите затвореници да пристигнат во градот. Следниот ден сите заедно бевме натоварени во нов параход. Капетан повторно беше Грк со невидена омраза кон Македонците што не ја ни криеше. По негова заповед не смеевме ниту капакот на потпалубата да го отвориме, а не смеевме ни да помислиме да бараме да излеземе за нужда. Внатре, во тој простор, долу, моравме да вршиме нужда. Не можеше тоа да се издржи па на деветиот или десетиот ден го избивме капакот, излеговме на палубата и некако издејствувавме да останеме на отворено. Следниот ден на островот Родос беа оставени затвореникот Јосиф Кондов и уште десетина други; во Подрум-кале оставија поголема група затвореници Солунчани, а сите што бевме од Битолскиот округ бевме спроведени до пристаништето Александрета или Скендерено, односно во тамошниот затвор, каде што четворица ковачи ни ги скинаа прангите од нозете, но не врзаа со синџири, врат за врат, по осум души. Сето тоа се заврши за два часа и веднаш потоа стигна наредба да се тргне кон селото Ешли-бахче кое беше 12 километри одалечено од Александрета. Попат Мицо Кирицов од село Гопеш, Битолско, поради стегањето на синџирот на вратот почна многу да крвари и почина на сред пат. Беше оставен како мрша на орлите. Само двесте метри подалеку, во група каде што бев и јас, падна полумртов Панчо Манев од Нерет, Костурско. Сепак, не го ослободија од синџирот па ние останатите седуммина требаше да го носиме на раце околу еден километар, додека еден од придружбата не го уби. Го скинаа синџирот и го фрлија во ендекот до патот. Пред да влеземо во селото со бајонети на аскерот беа прободени Ане Гроздев од Свиништа, Битолско, и Филип Божинов од Чумово, Прилепско затоа што не можеа да одат. Ноќта ја поминавме гладни, зашто леб требаше да ни се даде дури во следното село, во Хамам-ќој, а селото беше триесет километри подалеку од Ешли-бахче. Курдите беа ѕверови од луѓе! Следното утро негде на половина пат ги пресретнал некојси Бекир- паша, кој, откако видел дека се врзани со синџир врат за врат, наредил да се симнат веригите велејќи дека ако дознае Европа ќе мисли дека Турците се варвари. Пред него ги симнале синџирите од вратовите и јажињата од рацете и така останало до крајот на патот, до крајот на нивната голгота. Од Хамам-Ќој, пишува Ачков, продолживме за градот Халеп, одалечен 30 километри. Долг и тежок пат. Војниците што ги придружувале зеле коњи, а затворениците морале да одат рамно со коњите па дури и да трчаат на некои места. - Само еден километар можевме да го следиме тоа темпо. Потоа почнавме еден по еден да паѓаме. Секој што ќе паднеше добиваше штик во градите. Но, и покрај тоа не можевме да стигнеме истиот ден во градот па на десет километри пред градот преспавме на отворен простор, а другиот ден во мугрите продолживме кон градот. Еден километар пред да влеземе во Халеп застанавме во една медреса каде што наредија да се измиеме, да ја исчистиме облеката, секоја трага од крв на телото и облеката да биде избришана за кога ќе влеземе во градот да не се гледа дека сме мачени. Во Халеп не пречека многу љубопитна публика, меѓу кои имаше лица на кои се гледаше дека не сожалуваат, но имаше и Турци и Арапи кои пцуеја и плукаа во нас. На третиот ден продолживме кон градот Урф, но во придружба сега беа Курди, најкрволочните луѓе што можеше да се замислат. Беа облечени во дебели ризи наметнати со сива черга, препашани со каиш, со голи нозе, а на главата носеа 12 разнобојни шамии, завиткани како чалми. Секој од нив носеше јатаган, два револвера и по една пушка кримка. Секој од нив личеше на див ѕвер способен со заби да те раскине за еден миг. Според потресното сведоштво на Ачков запишано само 19 години по голготата што ја поминал како македонски заточеник во Мала Азија, веднаш штом излегле од градот, Курдите ги извадиле јатаганите, зеле петмина затвореници, ги симнале во една јама и ги заклале безмислосно пред очите на сите останати затвореници. Потоа патувањето продолжило уште шест деноноќија, а за тоа време биле заклани со курдски јатаган уште 21 Македонец. На полноќ седмиот ден влегле во градот Урф изнемоштени и претепани, затворени во еден говедарник испразнет од говедата пред час или два. Во говедарникот лежеле цело деноноќие без леб и вода. Кога станале виделе дека лежејќи во калта меѓу нив починал Миле Наумов од село Вранче, Прилепско. Градот Урф е во средината на Курдистан; овде, во Урф, во манастирот Свети Наум, биле заклани 1.500 Ерменци за време на Ерменското востание. Македонските заточници три дена останале во Урф, а потоа продолжиле кон градот Береџик, патувајќи по 12 часа на ден, а притоа предводени од Курди на коњи. Преморени, тепани и гладни морале да ги следат коњите, зашто, ако само малку застанеле, Курдите веднаш ги ваделе јатаганите и почнувале да колат. Секој што ќе заостанал, Курдите веднаш безмилосно го касапеле. По пет дена пристигнале во Береџик. По пат четворица умреле од премор, а седуммина биле заклани од Курдите затоа што не можеле да го следат темпото што го форсирале јавајќи на коњите. Еден од закланите бил и Наумче Грозданов од село Вранче, прилепско. Свештеник влечен врзан со брадата за опаш на коњ! - Во Береџик останавме три дена. На Третиот ден тргнавме кон Мимиш-хан, двесте километри подалеку од Береџик. Градскиот курдски џган не испрати со клоци и камења, а кога излеговме од градот, војниците Курди продолжија да се изживуваат, да го истураат со својот крволочен бес врз нас. Двајца од нив му ги врзаа рацете на свештеникот Билбил Чутуров, му ставија јаже околу вратот и го врзаа за опашот на еден арапски коњ. Јавачот го збодна коњот, свештеникот поттрча две-триста чекори, се онесвести и падна, а коњот го влечеше уште којзнае колку чекори во галоп. Иако беше мртов и целиот распартален од влечењето, Курдите му ја отсекоа брадата заедно со кожата и ја врзаа на опашката на коњот. Веднаш потоа Курдите го кутнаа Галаб Митрев од село Брждани, Кичевско, му ги пресекоа ушите и со камен му ја сплескаа главата. Се разбира, патот продолжуваше како ништо да не било; по пет дена стигнавме во Мишмиш-хан. По пат изгубивме уште деветмина; еден ред од пет души, затоа што се оздвоиле малку од стројот за да одат по нужда, беше стрелан, а четворица други беа прободени со штик. Во Мишмиш-хан престојуваме еден ден, а потоа тргнавме за гратчето Суверик, околу 100 километри подалеку. Патувавме два дена и две ноќи, а за тоа време беа убиени со камења од месното, крајпатно население уште тројца наши другари. Со маки, со последни сили, најпосле, на 10 ноември 1903 година, стигнавме во Суверик, последната точка пред нашата последна станица, пред Дијар Бекир. По наредба на Дијар-бекирските власти, во Суварик бевме задржани два дена, а на третиот ден врзни со јажиња по двајца, еден дел врзани со синџири врат за врат, излеговме од затворот во Суварик и редица војниците, построени во две врсти, не бодеа со штиковите каде што ќе стигнат. Од раните што ги добија од штиковите 16 души умреа на место, а 19 души останаа во агонија и дури по еден месец разбравме дека биле дотепани од насобраната толпа пред затворот. Освен нив, уште 33 души бевме полесно прободени, но моравме да продолжиме да одиме облиени со крв кон Дијар-бекир. По шест дена пат некако стигнавме во Дијар-бекир. Пред вратата на тврдината стоевме еден час. Тука бевме попрскани со вода во која повеќе од 10 дена стоеле отепани змии. Подоцна разбравме дека тоа било некакво верување, односно со водата требало да се заштити од зараза, од нашите каурски болести, домашното муслиманско население. Потоа минавме низ градот и бевме затворени во затвор кој го викаа Хасан-пашов хан. Седумдесетдневната голгота заврши, а десет дена по пристигнувањето во Дијар-бекир добиме дозвола првпат да излеземе во дворот на затворот. Ерменците кои во градот ги имаше околу 15.000 души собрале облека и ја донесоа пред капијата. Американското добротворно друштво не снабди со сламеници за да не спиеме на камените плочи во затворот. Градот Дијар-бекир е обиколен со камен ѕид висок осум метри, дебел три метри, со четири порти, кои ги отвора стража наутро и истата стража ги затвора навечер. Кој ќе задоцни да влезе, ноќта мора да ја помине надвор од ѕидините. А надвор секој има право да те убие како пес. Градот имаше околу 28.000 жители а повеќето од нив беа Ерменци, но имаше и Курди и неколку куќи Грци. Животот за оние што живееја во него беше многу евтин: 100 јајца се продаваа за пет гроша, млекото за 10 пари, лебот 7 пари а овошјето и зеленчукот по 5-6 пари. Бостанот го имаше во изобилие. Една лубеница тежеше од 70 до 100 оки. Според Георги Ачков, патувањето од Битола до Дијар-бекир траело 70 дена. Од Битола тргнале 323 души, а до доаѓањето во Дијар-бекир загинале 121 човек; од нив 42 биле заклани а 48 прободени. Останатите умреле од излив во мозокот, од умор, рани, глад и други мачења. Седум месеци подоцна, на 10 арил 1904 година, затворениците добиваат радосна вест дека се дава амнестија на сите политички затвореници, дека се ослободени. На 14 април тргнуваат кон Македонија. По 54 дена патување преживеаните 202 затвореници стигнале во Македонија. Блаже Миневски (МИА) |