|
|
Научно патување на етнографот А. Стоилов во Драмско, Кавалско и Правишко |
По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна, етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов Ников (15.II 1869 – 9. VIII 1928), патувал низ Охрид, Скопје, Велес, Крива Паланка, Серско и Драмско во потрага по историски и етнографски споменици со кои требал да го покаже бугарскиот карактар на Македонија. Во периодот од 13 септември до 2-ри октомври 1916 година, тој ги обиколил градовите и околината на Демир Хисар (Валовишта), Сер, Драма, Филипи и други места. Во својот извештај од 12 ноември 1916 година, за посетата на Драмско, Кавалско и Правишко, Антон Поп Стоилов ќе напише: „ 1. - Во градот Драма до Првата балканска војна имавме мешовита средна гимназија со економски пансион и општина со сопствено здание до станицата. Во грчко време последното е претворено на воен магацин. Во градот имавме околу 200 лица Бугари (Македонци- н.з), додека во околијата, во селата Просечен, Плевна, Височан, Боблич, Ѓуроџик, Дреново, Кобалишта имаше повеќе од 8.000 луѓе Бугари (Македонци –н.з.). Меѓу руралното население имаше доста добри ... патриоти кои водеа непрестајна борба со Грците. Во тој однос најмногу се истакнуваа селата Просечен, Плевна и Кобилишта. Од Просечен беше видно семејство Хаџи Георгиеви, чиј последен член го убија Грците во 1908 година. И тука, како и насекаде, не останала никаква трага од нашата (македонската – н.з.) култура, иако во сите села имавме ред години основни училишта, а во некои и првокласни (егзархиски училишта – н.з). Спомениците на “нашето“ минато не се среќаваат, но има од старата римска и византиска култура. Нивното барање и проучување ќе дојдат кога ќе дојдат мирни времиња. 2. Кавалско и Правишко. Во овие две околии не постои бугарско (македонско – н.з) село, а нема повеќе од 5-6 бугарски (македонски – н.з) семејства во градовите Кавала и Правишта. Впрочем, и грчкото население е малку. Есклучиво е турско. a. На патот од Драма за Кавала на растојание од 21 километар се наоѓаат урнатините на стариот град Филипи. Североисточно, врз еден висок врв се гледаат како штрчат урнати ѕидови, а тие се од тврдината, која го чувала градот. Десно од патот има остатоци од стара црква, изградена во V век по Христа, и остатоци од други градби. За овој град многу нешта се напишани од странските научници, правени се и ископувања, но на бугарски (славјански – н.з) нема ништо напишано. Еве една важна задача на нашето археолошко друштво во Софија е што треба да преземе веднаш ископувања, штом се смират времињата. А тоа се наметнува не само од општ интерес за науката, туку и заради нашето минато, зашто еден од најстарите споменици за населението на славјанското племе (Смолјани – н.з) се нашол тука (француски калуѓер го видел во 1707 година), но сега исчезнал, а можно е да се пронајдат и другите. Пред да ги наведам некои познати и новооткриен споменици од Филипи, од кои симнав преписи и фотографии, интересно е да се спомене за патувањето на апостол Павле во Филипи, кога го ширел христијанството. Апостол Павле (на повик на некој Македонец - н.з) излегол од гемија во Кавала и оттука се упатил за градот Филипи да проповеда христијанската вера... Толпата се разгневила на апостолот, го обвинила и го предала на властите, сакајќи да го казни. Aпостол Павле бил врзан на столбот на срамот, му ја искинале облеката, го исмевале и фрлиле, окован во железа, во темница. Овде тој ја продолжил својата проповедничка дејност меѓу затворениците. Маките на апостолот во влажните и темните затвори биле неописливи. Една ноќ, вратите од занданите се отвориле со ужасен земјотрес, а железата на апостолот и неговите соработници паднале. Затворските стражари се разбудиле, се уплашиле и сакале да се самоубијат, за да се избават од страшна казна, зашто ги оставиле да избегаат затворениците. Но апостол Павле извикал од темнината на затворот дека никој не избегал, дека сите се тука. За настанот биле известени властите; кои дознавајќи дека казниле и затвориле невини луѓе побрзале да ги ослободат и низ солзи го молеле апостолот да им прости. Кратко време потоа, Павле тргнал за Солун со својот другар Сила, оставајќи го во Филипи Свети Лука за да ја одржува Христовата вера кај Филипјаните. Св. Лука во овој град имал болница, бидејќи се разбирал од медицина.“ Во текот на посетата на Филипи, Антон Поп Стоилов нашол неколку споменици од римско и византиско време со натписи кои ги препишал. Интересен е натписот во кој се спомнува 5-тата мекедонска легија: Во својот извештај, етнографот на Втората бугарска армија вели: „Еден од интересните споменици е споменикот на Дикели Таш. Ова е огромен конусен камен, поставен на пиедестал, со двострано натпис од кое се читаат само првите два реда. Овој споменик е темелно истражен од Леон Хеузе и Н.Даумет [Leon Heuzey et Н. Daumet]... Висина на буквите 25, 21, 16, 15 см. Може да се прочете вака: C(aius) Vibius, C(aii) f(ilius), Cor(nelia), Qvartus mil(es) leg(ionis) (quintae) Macedonic(ae) decur(io) alae Scubulo(rum) praef(ectus) coh(ortis) (tertiae) Cyreneic(ae) (trinunus militum le)g(ionis) (secundae) Au(g)u(stae)....... На македонски "Гајус Вибиус IV, син на Гај, од трибите на Корнелиј, војник от 5-и македонски легион, кавалер на скубулите, началник на толпата (војската) оd 3-та Киренајка, трибун - од војниците на 2-риот Августов легион Од неговата содржина се гледа дека е надгробен споменик. Сепак, од врвот конусот е издлабен и може да се претпостави дека служел како олтар - или како споменик на Каус Вибиус IV или како обичен камен без натпис. Прашањето останува отворено сè додека не се најдат други споменици околу него по ископувањата.“ Во продолжение на својот извештај од 12 ноември 1916 година, Стоилов за посетата на Кавала и Правишта вели: „б. Од Драма до Кавала има 36 км. Кавала е стар град и има голема трговија со тутун со големи магацини не само за локалните трговци туку и за странци. Како стар град, има свои стари остатоци. Најважен од старите денови е грандиозниот водовод, направен во облик на камен мост, кој спојува еден гол врв со друг, издаден во морето. Овој водовод, останал од римско време и поправен пред 50 години од египетски паша (Мохамед Али паша – н.з), родум во блиското помашко село Ески Кавала, снабдува со свежа вода дел од градот, населена во старата тврдина. Интересно е старата тврдина во градот, на која и се сочувани сите ѕидови од кај морето, како и кулата. Во турско време, како и во грчко, кулата на тврдината, како и зградите покрај неа, служеше како затвор. Во Кавала е познатата "Имарет џамија", која беше поддржана, со манастирот и духовно училиште во неа од египетскиот хедив. Џамијата и другите градби се цврсти, направени од камен и тули. При џамијата има библиотека во која се чуваат многу стари ракописни курани со најразновидни ориентални орнаменти. Тие имаат голема археолошка вредност за источната уметност. Најстариот Куран, на убава свилена хартија со чудесни златни и разнобојни украси, е датиран на 315 година од арапското летоброење, а според наше - од X век, но ми се гледа дека таа дата е неточна, толку повеќе дека е приписка на Турски јазик од последно време. Библиотеката брои 1.500 примероци ракописи, исклучително верски, на арапски јазик. Сите се врзани, наредени во посебни простории и заштитени од пожар. За време на Балканската војна (1912), по иницијатива на нашите (бугарски- н.з) офицери, беше објавена хроника во џамијата. Покрај обележаните впечатоци на џамијата од посетителите, стои потписот на грчкиот крал Константин, кој ја посетил на 30.VII.1913. До џамијата од пред три години беше започната со изградба на масивна камена зграда за духовно турско училиште, но поради настаните изградбата беше прекината. Таа е градена со средствата на локалниот богаташ Ибраим Паша и египетскиот хедив. Старото македонско име на Кавала беше. в. Правишката околија има 42 села, од кои само три се грчки, а останатите се турски. Градчето Правишта, кое пред Балканската војна броеше околу 3.000 луѓе, од кои 2/3 Турци и остатокот Грци, сега има многу повеќе грчко од турското население, бидејќи бегалците или раселените грчки семејства се населиле во избегани или протераните турски семејства. Едно нешто што Грците го направија во текот на изминатите три години е новата ограда на нови гробишта поделени во три класи. На ѕидовите на гробиштата се поставени саксии со цвеќе. На јужните падини на Парнардаг, далеку од Белото Море, половина час, се наоѓа руски метох "Св. Андреј ", сопственост на светогорскиот руски скит „Сарај“. Во овој метох живееле околу 30 калуѓери кои се занимавале со земјоделие и одгледување на маслинови дрвја. Метохот има неколку згради за монасите и ратаите. Параклисот на метохот е стар и нема старини. На 27 септември со двајца војници и фотограф се упативме по патот што оди покрај северните падини на Парнардаг за грчкиот манастир "Крушница". Минавме покрај селата Мешани, Палеор и стасавме во село Горјан од коде манастирот е одалечен на еден час и половина. Во ова село првенците Турци собрани при џамијата, штом не видоа дека одиме за манастирот, не повикаа настрана и ни соопштија да не одиме, бидејќи околу манастирот се вртела грчка чета со околу 34 лица под војводство на Дукас и Михаил. По овие изјави на Турците се вративме во Правишта. Наредниот ден, нашите (бугарските – н.з.) војници отидоа да следат појавената андартска чета. Од информациите што ги собрав за овој манастир дојдов до убедување дека во него има некои старини од важен научен карактер. Сепак, по мојата научна обиколка се сретнав со некои наши луѓе кои го посетувале во овој манастир и ме уверија дека немало важни старини од научен интерес; Пред неколку години, навистина постоеја некои старини, но тие биле земени во разни времиња од посетители и поклоници. Несомнено, и овде, можеби ќе најдов некоја старина, но за жал посетата ми беше спречена. (ЦВА, ф. 40, оп. II, а.е. 935, л. 114-159) Од извештајот на етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов Ников, кој патем ерон во Пиринскиот дел на Македонија, може да се види дека додека Грците ги ништеле сите славјански обележја на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, дотогаш Бугарија се обидувала да да го спаси преостанатото македонско културно наследство, но со цел да го престави бугарскиот карактер на македонскиот народ. Денес во музеите во Софија се наоѓаат бројни артефакти кои се дел од националното културно богаство на Македонија. (крај) |