"ЊУЈОРК ТАЈМС" ВО 1903 ПИШУВА
Со насловот "Смрт на македонскиот војвода" на 26 мај 1903 угледниот американски весник "Њујорк тајмс" пишува дека "грчки шпион го предал Делчев на Турците".
Во текстот стои:
"Дописникот на 'Тајмс' од Софија пренесува дека деталните извештаи за смртта на Делчев, познатиот македонски војвода, покажуваат оти тој бил со четата предводена од Војводата и Кирчовски заедно со поетот Таворов кога влегле во селото Баница во близина на Серез, а за неговото присуство Турците дознале откако го предал грчки шпион. Голема војска го опколила селото и сите припадници на револуционерната чета биле убиени по долгиот отпор. Жителите на селото, кое Турците го запалиле, исто така биле убиени. Делчев имаше 32 години. Тој беше даскал, и тој беше основач на Македонската организација којашто има разграноци низ целата држава. Дописникот на "Тајмс" од Виена вели дека продолжуваат потрагата и апсењата во вилаетот Адријанопле. Приведени се голем број свештеници и даскали. Во шест села било најдено оружје. Машката популација е во бегство, а земјоделските работи се во прекин." Овој текст во "Њујорк тајмс" го открија членови на македонската дијаспора во САД, кои во архивите на весникот истражувале откако во вторникот "Вест" објави друг архивски текст од "Њујорк тајмс" од 31 март 1902, насловен "Грците ги предадоа Македонците". Во него пишува дека година и пол пред Илинденското востание Грците ги накодошле Македонците кај турските власти. Најинтересно е што со овој текст се фрла нова светлина за убиството на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Имено, во историографијата е познат фактот дека тој е убиен затоа што е предаден. Но, и 105 години по смртта се уште не се знае кој го предал. Дека станува збор за предавство пишува и најблискиот соборец на Делчев, Ѓорче Петров, во неговата беседа за Гоце Делчев одржана во Софија во 1919, по повод 16-годишнината од неговата смрт, на комеморација што во софискиот Воен клуб ја организира македонската група студенти. За убиството на Делчев, Ѓорче пишува дека "предавство е во прашање, но не се дозна од каде". Оваа беседа на Ѓорче, инаку, беше за прв пат објавена во Македонија во 2003, по повод стогодишнината од Илинденското востание. Во турските архиви постои преписката за акцијата на отоманската војска против четата на Гоце, и таа е објавена кај нас пред петнаесетина години. Според "Шифрирана телеграма од управата на Серскиот санџак од 21 април 1319 година (4 мај 1903)" - "Врз основа на тајно спроведената истрага од пред една седмица па наваму и примените известувања од назначените разузнавачи (шпиони), се дознало дека во серските села Раховица (Рахово, Орехово, село северно од Сер), Баница (денес Карие, село североисточно од Сер), Фраштан (село соседно на Баница), и М’клен (село североисточно од Сер) и во нивната околина, обиколува една бунтовничка чета." Понатаму во преписката, има и телеграма од 5 мај која вели дека меѓу убиените е и војводата Делчев, дека битката траела точно 30 часа, а дека четата броела 21 член или вкупно 50-60 души сосе селаните кои им се придружиле. Сосе Делчев загинале вкупно 11-мина од четата. Текстот од "Њујорк тајмс" дека грчки шпион го предал Гоце е сведоштво за континуираната активност на Грците против македонската борба за слобода . Фактот дека само осумдесетина години пред тоа и самите се бореле за слобода против таа иста Отоманска империја воопшто не ги спречил Грците да работат против Македонците, а со цел во иднина да го шират своето влијание во Македонија и по можност да ја освојат. (М. К.) |