|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (14) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (14) ЈАКОВЛЕСКИ ГО СПАСИ МАКЕДОНСКИОТ САЕМСКИ ШТАНД Ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин и браќата Јаковлевски имаат големо значење во поновата историја на македонскиот народ. Ресторанот преставува неформална, македонска амбасада, каде се собираа Македонци кои работеа во Берлин, во Европа, како и од целиот свет. Таму се раѓаа идеи кои ќе доведат до независноста на Македонија. Имено, браќата Јаковлевски се едни од оснивачите на ВМРО ДПМНЕ, а во самиот ресторан во април 1990 година заедно со Стево Доневски-Мајката ќе го оддржат првиот консултативен ресторант за формирање на партијата. По осамостојувањето на Македонија браќата Јаковлевски се ставаат целосно на располагање на новата македонска држава. Во ресторанот „Ново Скопје“, како неформална амбасада, се пречекуваат македонски стопанственици, политичари и други високи преставници кои доаѓаат во Берлин. Ним им се помага на секаков начин. Од пречеци до контакти со македонската дијаспора и високи преставници на германската политика. Во еден случај Мане Јаковлевски го спасува и македонскиот саемски штанд. Во книгата „Македонија, мојот копнеж - Маноил Мане Јаковлевски“, авторот Киро Кипровски за овој настан пишува: „Во 1926 година во Берлин, беше одржан првиот меѓународен саем за храна и земјоделие, светската манифестација „Зелена недела“. Секоја година, во втората половина од јануари во германската метропола, се беше во знакот на земјоделско-сточарски производи и преработки од нив. Неколку години по осамостојувањето, Република Македонија, е речиси постојан учесник на саемот „Зелена недела“. На штандод околу шеесетина квадратни метри, вкусно се презентираат дел од богатата палета на земјоделско-сточарски, прехранбени производи, со кои нашата земја се претставува пред светот и го афирмира сопственото производството. Во 1997 година, на 73-тото издание на меѓународната манифестација „Зелена недела“, свој штанд закупи Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија на Стопанската комора на Македонија. Секретарот на здружението, м-р Киро Докузовски, пристигна во Берлин, меѓутоа возилото на „Проимпекс“, во кое се наоѓаа експонатите и пропагандниот материјал, се уште не беше пристигнато. Организаторот беше загрижен, бидејќи часовникот ги отчукуваше часовите до свеченото отворање на оваа значајна манифестација. Според протоколот, по свеченото отворање, Градоначалникот на Берлин и други високи функционери од Бундестагот на Германија, прошетката низ саемските хали, требаше да ги започнат од штандот на Република Македонија. И овој пат, ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, ја одигра улогата на неформална, македонска амбасада. Имено, сопственикот на ресторанот, Манојил Мане Јаковлески, во текот на ручекот ја забележа нервозата кај Докузовски, кој неколку пати по телефон се обидуваше да дознае, каде се наоѓа камионот со производите за саемот и кога ќе пристигне во Берлин. Манојил сочувствуваше со оправданата нервоза на секретарот Докузовски. За да му ги скрати маките и за да се надмине проблемот, му предложи македонскиот штанд да го аранжираат со македонски производи, што ги има во магацинот на неговата увозно-извозна фирма „Мак-поинт“. Предлогот со задоволство го прифати Докузовски. Заедно со Манојил и неговите гости: Драган Богдановски- идеологот на ВМРО- ДПМНЕ, Тодор Петров- претседател на Светскиот македонски конгрес и двајца работници од ресторанот „Ново Скопје“, со возило од фирмата „Мак-поинт“, од магацинот во саемската хала на македонскиот штанд, превезоа неколку пакети со повеќе видови на црвени и бели сортни македонски вина,жолта и бела ракија, ајвар, лутеница, таан алва, локум, кашкавал, сирење и други производи. Однесоа и постери од природните убавини и туристички места од Македонија, пропаганден материјал, државно знаме и сл. Напоредно со ова, Манојил успева со активистите на МПЦО „Св.КлиментОхридски“ и МК „Гоце Делчев“- од Берлин, за свеченото отворање да ангажираат девојчиња и момчиња, облечени во македонска народна носија, а за пречек на гостите да се подготват неколку погачи и триена црвена пипер. -„Постојано бевме во борба со времето. Меѓутоа, бевме присебни, организирани, без паника, со голема љубов: јас, Киро Докузовски, Драган Богдановски, Душан Божиноски, Tодор Петров и двајца активисти на црковната општина, работевме до раните утрински часови на декорирање на штандот. Тоа го чиневме со голема љубов и го подготвивме подобро и од професионалните аранжери. Задоволни бевме што навреме, пред отворањето на саемот „Зелена недела“, се беше „тип-топ“ се сеќава Јаковлески и додава: „Гостите ги пречекувавме со македонска погача и со триена сол, што беше импресивно за посетителите. Митрополитотг. Петар, надлежен архиереј на Пелагониско- преспанската епархија на МПЦ-ОА, го освети штандот, што беше посебно доживување за официјалните личности, кои ја отворија саемската манифестација. “Неколку дена по завршувањето на саемот „Зелена недела“, Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија на Стопанската комора на Македонија, на Манојил Јаковлески и на неговата фирма „Мак-поинт“, му испратија благодарност од името на македонските претпријатија-излагачи на саемот, за неговото ангажирање и придонес, за успешна презентација на македонското стопанство во Германија. „Со Вашето ангажирање, ни помогнавте да остане незабележано доцнењето на возилото на „Проимпекс“ и саемот добро да биде аранжиран, што предизвика интерес и посетеност на деловните луѓе. Во името на сите учесници, исто така Ви се заблагодаруваме и за Вашето севкупно ангажирање и помош, во создавање на услови за поефикасно работење и поудобен престој во Берлин“, стои во писмената благодарница, потпишана од секретарот, м-р Киро Докузовски.“
(продолжува) |