Среда, 13 Ноември 2019   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (30)

1 4

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (30)

Остана уште не цели два месеци до новата 2020 година. Сега е време кога се вршат поготовки за украсување на домовите, излозите, улиците во градовите, потоа каде и како ќе се прослави престојната Нова година. Некои лица Новата година ќе ја дочекаат дома, некој во кафеана, а некој во странство. Самиот дочек на Новата година многу не се изменил со децеиии. Вообичаено е пукањето на шампањското и огнометот во 12 часот на полноќ на 31 декември да го означи прелазот од Старата во Новата година. Во книгата  „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“, авторот Киро Кипровски ни ги пренесува сеќавањата од патувањето со Мане Јаковлевски и Јонче Хруистовски за Западен Берлин, каде ја дочекаа Новата 1985 година.

За време на предновогодишното патување за Западна Германија, потоа за време на враќањето за Македонија, како и за време на дочекот на Новата 1985 година во З. Берлин, Киро Кипровски, Мане Јаковлевски и Јонче Христовски доживуваат низа непријатни и пријатни ситуации. Опишувајќи ги нив авторот ни ја доближува новогодишната бајка која владеела во осудесетите години на минатиот век. Тоа е бајка во која секогаш доброто го победува злото.

Во првиот дел од патувањето за З. Берлин имавме можност да се запознаеме со нивното патешествие до Прага, главниот град на тогашна Чехословачка. За она што го доживееја потоа во Прага, па патувањето до З. Берлин и пречекот на Новата година, како и враѓањето дома, авторот во ова продолжение ни раскажаува:

„ПРАГА ВО БОЖИЌНО РУВО

Прага во божиќно и новогодишно руво, наликуваше како снежна бајка. Беше накитена со разновидни фигури, со разнобојни светилки кои блескаа. Глетката беше величенствена. Низ улиците и во продавниците имаше голема раздвиженост. Пражани ги вршеа последните подготовки, пред претстојните празници. Шетајќи низ прашките улици, наидовме на киоск за брза храна на отворено. Зедовме пиво и колбаси, ги ставивме на импровизираната маса. Колбасите беа многу вкусни, а со пивото задоволството го комплетиравме. Се воодушевувавме од атмосферата, се релаксиравме од долгиот и напорен пат. Уживавме во храната и разговорот. За миг од масата го снема пивото од Јонче. Го зел бездомникот, кој беше во наша непосредна близина. Веројатно не следеше дискретно, и само што Јонче, по пивнувањето го стави пивото на масата, се заврте кон нас нешто да ни каже, шишето заврши во рацете на клошарот, кој со задоволство уживаше во пиењето. Јонче му се развика, а тој, брадосан, со долги коси, смрдлив, никогаш не избањат, ладнокрвно му рече да не се нервира и му го врати шишето. Јонче уште повеќе збесна, налутено му вели да го земе пивото и да оди подалеку од нас. Нарачавме нова тура на пиво и колбаси, и така ја надминавме непријатната случка.

Релаксирано го започнавме новиот ден, од патешествието за Берлин. По напорниот, заморен и неизвесен ден, кој го завршивме со задоволство, опуштени со пиво и колбаси, легнавме и сонот веднаш не совлада. Одморни станавме околу 10 часот, појадовме во хотелот, се подготвивме и во 11 часот ја започнавме прошетката и разгледувањето на Прага. Градот на реката В`лтава, се вбројува меѓу најстарите, најголемите и најубавите во Средна Европа. Денот беше пријатен, создаден за прошетка. Уживавме на поединечното и панорамското разгледување на градот. Нашето внимание, го привлекуваа високите зданија и не освоија со исклучителната, раскошна архитектура од повеќе периоди од растежот на градот, со градби во кои се втемелени различни стилови на култура. Во зависност од тоа, во кој период биле создавани, имаше зданија во барок, рококо, готски стил, градби од периодот на ренесансата, од кубизмот, класицизмот, современиот стил и тн. Прага, како што ни рекоа неговите жители, го имала епитетот-мајка на сите градови. Посебно не фасцинираа, исклучителните историски зданија: катедралата Св.Вита од 14 век, астрономскиот часовник, Народниот музеј и други. За да се посетат сите знаменитости, да се доживее и ноќниот живот, потребни се неколку дена, а не неколку часа. Добар дел од времето го потрошивме и за шопинг, посетувајќи неколку продавници за облека и за обувки, како и стоковната куќа, што се наоѓаше во центарот на градот.

Манојил, почесто престојувал во Прага, па не запозна дека тука, има голем избор на чевли изработени од чиста кожа, за сите прилики, за свечени, зимски, летни и што е најбитно, цените за квалитетот што го поседуваат се пониски.

Јонче изрази желба да купи чевли за настап, а Манојил зимски чевли, за секој ден. За двајцата беа проблематични броевите, па затоа посетивме неколку продавници и на крајот упорноста вроди со плод. Беа задоволни од изборот, квалитетот, дизајнот и од цената што ја платија. Манојил купи два пара зимски, високи чевли, број 48, а Јонче- салонски чевли, број 38. Купивме и по некоја ситница. Задоволни бевме од прошетката, од се што видовме. Останаа уште многу објекти да видиме, меѓутоа, требеше да го продолжиме патувањето. Ја напуштивме преубавата Прага. По нешто повеќе од полчасовно возење, наидовме на мотел, кој со надворешниот изглед и декорација, го привлече нашето внимание. На сите страни, блескаа разнобојни светилки, зимзелените дрвја беа накитени со лампиони. Тука застанавме да јадеме. Вкусот на храна беше нависина, како и услугата на двете млади девојки, кои со насмевка и љубезност, ни оставија голем впечаток и тоа беше причината, наместо литар црвено вино, да испиеме уште едно, а пред тоа и по два пијалака за аператив.

Го продолживме патувањето кон Берлин. Пристигнавме на граничниот премин Чехословачка-Источна Германија. Рампата беше спуштена. Нема живо пиле да помине, а камоли автомобил. Чекаме да се појави цариник. Минуваат минути, мина и половина час, а никој не се појавува. Досадно ни беше чекајќи во автомобилот, излеговме да „не удри“ воздух. Јонче не можеше да ги облече салонските чевли, бидејќи нозете му беа отечени. Манојил, му рече, дека е многу строго од Чехословачка да се изнесуваат чевли, а на прекршителите им изречувааат голема глоба. Затоа, му рече да ги облече неговите чевли, за да немаме проблеми. Просторот пред царината, беше покриен со снег и беше многу студено, па затоа си потскокнував, за да ги загреам нозете. Јонче, ме трга со раката и ми вели „Престани да скокаш. Ако почнам и јас, чевлите на Манојил, ќе ми летнат како скии“. На ова се смеевме, а во тој момент се појави цариникот, со прашање зошто се смееме? Јонче, од внатрешниот џеб на бундата го извади шишето со ракија, му го подава на цариникот и мувели цврцни, а тој му одговара: „ Не цврцни, работа, работа“. „ Е, па, ти работи, јас ќе цврцнам, ете затоа се смееме“ – му вели Јонче. Му се направи ќеифот на цариникот. Направи рутинска контрола, на пасошите ни стави печат и ни посака среќен пат. Патот беше покриен со снег. Внимателно и со намалена брзина, 40-50 км на час, возам кон Дрезден. Одвреме, на време, ќе се разминев со некое тешко патнички возило. После полноќ, пристигнавме на границата меѓу Источна и Западна Германија. Повторно чекање, но за тоа расположението ние на висина, иако на пат сме повеќе од десетина часови. Цариникот се смилува да ја изврши потребната контрола, па ја поминавме границата. По неколку стотина метри, влеговме на територијата на Западна Германија. Беше осветлена како ден, па затоа ни се променија чувствата и расположението. Државите, со така наречениот источен блок, низ кој минавме, беа во темница. Западот беше поинаков, по впечатлив и со раскошен амбиент. Очекував дека и на оваа граница ќе чекаме, како на претходните. Но, цариникот со раката ми дава знак да возам, да не застанувам. „ Зарем е можно, без да бидеме задржани, да ја минеме границата?“ „ Така е на Запад“

salon 2ВО „НОВО СКОПЈЕ“ ВЕСЕЛО ЗА НОВОГОДИШНАТА НОЌ

Јонче Христовски и Манојил Јаковлески во новогодишно расположение

По тридневното патешествие, кое ни беше исполнето со возбудувања и неизвесности, здрави и живи стигнавме во ресторанот „Ново Скопје“, во Западен Берлин. „Каде сте? Три дена ве очекував, а вас ве нема? Требеше да ми се јавите за доцнењето? Добро е кога пристигнавте здрави и живи. Си помислував нешто да не ви се случило по пат, не дај Боже“, не пречека видно растревожен Гојко. Откако му објаснивме зошто доцневме, ни рече да заборавиме на тоа и да уживаме. Гојко се покажа како вистински домаќин. Секој ден, мене и Јонче, не шеташе низ Западен Берлин и не запозна со најзначајните места. Манојил си имаше посебна агенда, да се сретне со другарите и пријателите. Сепак, во вечерните часови беше со нас. Имаше денови, кога Манојил не шеташе и одевме на шопинг.

Новогодишната ноќ ќе ми остане во долго сеќавање. Ресторанот „Ново Скопје“, беше декориран во новогодишно руво. За разлика од Македонија и од други држави, начинот на пречекот на највеселата ноќ, овде се прославуваше на посебен начин. Гостите резервираат маса, за два-три часа во определено време од ноќта. Всушност, свечената новогодишна вечера, ја закажуваат неколку часа пред да заминат на драмска, балетска, оперска или кино претстава, или по нивното завршување. Но, ние имавме споено неколку маси и дочекот го имавме организирано на македонски начин. Се веселевме, јадевме, пиевме, пеевме, игравме цела ноќ. Посебен штимунг на веселбата, даваше Јонче.

Точно во 24 часот, кога гонгот на часовникот го означи доаѓањето на Новата 1985 година, си честитавме, излеговме надвор на главната берлинска улица „КУДАМ“ и почнавме да ги палиме пиротехничките средства, кои ги купивме два дена порано. Ракети, бомби, прскалици, петарди и други пиротехнички средства, кои ги испалуваа гостите, создадоа неповторлива глетка. Од сите страни, во непрегледниот простор во височина, летаа разнобојни ракети, кои на одредена височина се распрснуваа и создаваа разнобојни печурки. Се беше во знакот на Нова Година. Радосни беа сите. Одекнуваше песна, радост, бакнежи, честитки, посакување желби и тн. Оваа еуфорија траеше околу еден час, а потоа гостите од рестораните и жителите од градот, се повлекоа покрај богатите софри и продолжи новогодишната прослава. Прославувавме до пет часот наутро. Манојил со ресторанското, фургон комбе рече дека ќе не превезе до станот, кој од ресторанот беше оддалечен неколку стотини  метри. Манојил комбето го стави во погон, до него седна Јонче, а јас на крајот. Само што тргнавме, Манојил во внатарешниот дел на комбето фрли неколку петарди, кои силно одекнаа. Јонче се исплаши и почна да паничии да вика дека некој ни врши атентат. Но, Манојил брзо му кажаа дека е негова шега, се насмеа и тивко прокоментира дека само вие идиоти тоа може да го направите!

УШТЕ ЕДНА НОВОГОДИШНА ПРОСЛАВА

salon 1од лево на десно: Загорка и Гојко Јаковлески, Бошко Илоски, Киро Кипроски, Халид Бешлиќ, Јонче Христовски, Славица и МиРослав Петровиќ

Вечерта на 1 јануари, Гојко со семејството, целиот персонал на „Ново Скопје“, негови блиски роднини и ние, околу 30-тина на број, имавме уште една новогодишна забава, во ресторан сопственост на Босанец. Ресторанската сала целосно беше исполнета, а гостите ги забавуваше популарниот босански пејач, Халид Бешлиќ. Нашата маса се наоѓаше на средина од салата, и набрзо се вклопивме во прославата, на која присуствуваа Македонци, Срби, Босанци, Словенци, Германци и други. Расположението беше на висина. На паузата, на нашата маса дојде Бешлиќ, да се поздрави со колегата Јонче и да го покани да настапи, да испее неколку македонски песни.

Јонче во свој стил, боемски, почна да ги пее неговите песни: „ Свирете ми чалгии“, „Македонско девојче“,  „Ој, Вардаре македонски“, „ Ако умрам ил загинам“ ,„Весели другари“, „ Едно име имаме...“. Се разви долго македонско оро, кое го водеше Манојил, а по него сите од ресторанот „Ново Скопје“ и гостите. Никој не седеше, сите беа фатени на оро. Со песната и со „потскокнувањето “ Јонче успеа сите да ги разигра. Сплетот на македонски песни, повеќето авторски на Јонче, траеја околу еден час. Но, публиката му скандираше и беше принуден уште два-три пати да пее на бис.

Задоволни беа гостите. Доаѓаа да му честитаат, да го почестат, да побараат да им исполни некоја музичка желба. Дојде и еден бизнисмен, кој му понуди 1.000 германски марки, за да му испее две-три српски песни. Јонче културно го одби и му рече дека е гостин и дека ги пее само сопствените, авторски песни.

salonво салонот на куќата на Гојко во Берлин: Јонче Христовски, Манојил Јаковлески, Киро Кипроски и Виктор - Македон, син на Гојко

На 7 јануари, на Божик, бевме гости во домот на Гојко. Неговата сопруга, Загорка, ни подготви вкусна, празнична трпеза и цело попладне го минавме во пријатна атмосфера, а разговаравме на многу теми, а посебно за иднината на Македонија.

Деновите брзо ни минуваа. Околу пладне на 11 јануари, тргнавме за Македонија и одлучивме да се враќаме низ западните европски држави. Иако знаевме, дека треба да возиме околу 300 км повеќе на оваа релација, во споредба со доаѓањето во Берлин, сепак ќе возиме по автопат, и нема да имаме малтретирања и чекања на граничните премини, како што имавме низ државите од источниот блок, кога доаѓавме за З. Берлин. Резонот ни беше, дека поголемата километража, ќе ја минеме побрзо и ќе бидеме по одморни и без нервоза. Тргнавме ден порано, бидејќи Манојил имаше организирано дочек за Православна Нова година, во ресторанот „Солун“ во Гостивар.

КАЗНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ

Времето беше облачно. На дел од патот провејуваше снег. Низ источниот коридор, брзината беше ограничена на 60 односно на 80км на час. Се договоривме да возам побрзо, а глобите ќе ги поделиме на три дела. Неколку сообраќајни пункта, ги минавме без да бидеме сопрени. Но, кога веќе се опуштивме, од грмушка се појави сообраќаец и со знакот „стоп“ ми нареди да застанам. Без многу дискусија, ни побара глоба од 20 германски марки, а ние веднаш му плативме и продолжив да возам со исто темпо. Пред да стигнам на граничниот премин Хоф со Западна Германија, имавме уште едно застанување и плативме уште една глоба. Овој пат, 30 германски марки.

Брзо го минавме граничниот премин. Потрошивме време, колку да се изврши неопходната пасошка контрола. Минувајќи низ германската област Баварија, снегот паѓаше од време на време и на стотина километри откако го минавме градот Минхен, ни пукна внатрешната гума на задниот пнеуматик. Постепено успеав да го застанам возилото, бидејќи коловозот не само што беше покриен со кашаст снег, туку беше и лизгав. Застанав, поставив триаголник, го извадив резервниот пнеуматик, меѓутоа, во багажникот ја немаше дигалката. Манојил ми рече со него да го подигнеме автомобилот, а Јонче да го замени пнеуматикот. На два- три пати дигнавме, но Јонче не можеше да ја заврши работата. Направивме замена, Јонче со Манојил да го кренат задниот дел од возилото, а јас да го наместам тркалото. Јонче наместо да крева, се бесеше на возилото. Застанавме до возилото и сокревање на рака, баравме помош од возачите кои минуваа. За среќа наша, по половина час чекање, застана возило со австриски регистерски таблички. Возачот ни ја позајми дигалката, а со него имаше и батерија, која ни помогна да ја завршиме промената.

Околу полноќ ја минавме австриско-југословенската граница на Шентиљ, кај Марибор, Словенија и во првото населено место, во приватно сместување преноќивме. Спиевме малку подолго, бидејќи бевме заморни, а по појадокот, околу 10часот, го продолживме патувањето. Вечерта, околу 20 часот, стигнавме во Скопје. Во куќата на Јонче, не чекаше неговата ќерка Невена, која ја постави трпезата со превкусна сарма. Добро се нагостивме и тргнавме за дома. Околу полноќ пристигнавме во Зубовце, односно во Гостивар. Бевме исполнети со многу доживувања и спомени, што ни се случуваа на ова двонеделно патешествие и минати околу 4.000 км.“

Целата книга: https://drive.google.com/file/d/1iCYJJXWCxHwU4QBowt7jBymD9VHMuvAO/view?fbclid=IwAR00xUlk9SOLzmKsvkZl0Rw4aDz0xnIwPP2f_Xq0jcku9QapmkdjpGsRtTM

(Продолжува)

Текст и фотографии: Киро Кипроски

 

На прво место

News image

Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со огромна разлика

Ќе имаме огромна победа со огромна разлика. Буквално секој рејтинг, секоја анкета го кажува тоа. О...

Историја

News image

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (33)

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (33)

Култура и туризам

News image

ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (ПРЕЧИСТА) 4. XII/21 XI

ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (ПРЕЧИСТА) 4. XII/21 XI

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (38)

ОЛИМПИСКИОТ ПАНТЕОН ВО ПАНОНИЈА -II ДЕЛ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.