Сабота, 19 Октомври 2024   
Проф. Д-р Ѓорѓи Малковски: Учеството на Егејската бригада во конечното ослободување на Македонија

Malkovski

Во нашата историографија малку е пишувано за Првата народноослободителна ударна егејска бригада на НОВ и ПОМ. Што е уште позначајно, ние досега немаме научен труд во кој сеопфатно би се анализирале сите активности и борбени дејства на бригадата од нејзиното формирање па сѐ до нејзиното расформирање.

Егејската бригада била формира од прекалени борци кои претходно учествувале во многу борбени дејствија против фашистичките единици во делот на Егејска Македонија. Имено, на 15 октомври 1944 година при седиштето на воденскиот македонски баталјон во Ваташа пристигнал Борис Мушманов, претставник на македонските партизански одреди од Костурско и Леринско со барање една делегација од Воденскиот баталјон да замине на преговори со раководството на споменатите одреди, кои, во меѓувреме, од исти причини се префрлиле на територијата на денешна Република Македонија. Следниот ден, делегацијата на Воденскиот партизански баталјон, заедно со претставникот Мушманов, ја напуштиле Ваташа. Неа ја сочинувале: Џоџо Урдов, Ѓорѓи Атанасовски и Вангел Ајановски. Средбата се одржала во Битола, истата вечер кога македонските партизани го ослободиле градот. На состанокот, покрај воденската делегација, присуствувале и Илија Димовски и Ѓорѓи Турунџов од Леринско и Наум Пејов и Михаил Керамитчиев од Костурско.

На состанокот сите присутни биле едногласни дека причините за расцепот меѓу македонските партизански одреди и КПГ и ЕЛАС (Грчка народноослободителн војска) се идентични како во Леринско така и во Костурско и Воденско. Било заклучено дека раководството на КПГ имало неправилен став спрема македонското национално прашање и македонското ослободително движење, но, истовремено ја осудиле и предавничката политика на раководствата на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС кон ослободителната борба на македонскиот и грчкиот народ. Затоа, се усвоил единствен и цврст став дека македонските партизански одреди од Егејска Македонија треба под итно да се обединат во една поголема воена единица за борба против фашистите и нивните поддржувачи, но, и негатори на македонските национални интереси. Така, од трите партизански одреди, според донесената одлука, на 18 ноември 1944 година во Битола била формирана Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија. За командант на бригадата бил избран Илија Димовски, за негов заменик Наум Пејов, за политички комесар Михаил Керамитчиев а за негов заменик Вангел Ајановски. Самиот чин на формирањето на бригадата е извршен на градскиот стадион, а свеченоста во Градскиот плоштад, пред Градската општина и Командата на дивизијата. Свеченоста во Градскиот парк започнало со интонирањето на националната химна. Прв говорник бил Ѓорѓи Турунџов, кој, покрај другото, го прочитал решението и наредбата на ГШ на НОВ на Македонија за формирањето на бригадата и за старешинскиот состав на бригадата и на баталјоните. Пред бригадата биле поставени две значајни стратешки цели. Првата била низ координирано содејство да води борбени операции против непријателот и, второ, да мобилизира нови борци меѓу Македонците во Егејска Македонија. Во тоа време, бригадата имала околу 2.000 борци. Организициски била поделена во три баталјони: првиот бил костурскиот со командант Сотир Андоновски, вториот бил леринскиот со командант Димитар Тупурковски – Тит, третиот бил воденскиот со командант Ристо Кордалов и четвртиот бил баталјонот со тешко оружје чиј командант бил Милтијади Попниколов.

По формирањето, бригадата започнала со редовна програмирана воено-политичка обука и организирањето и конституирањето на партиските организации на КПМ во сите единици. Набргу потоа, на 22 ноември 1944 година била одржана Првата партиска конференција на бригадата во Битола. На неа посебно се дискутирало за тоа дека грчката реакција, со непосредна помош и учество на Англија, се подготвувало со употреба на воена сила да го ликвидира народноослободителното движење и да ја заземе власта во Грција. На конференцијата била изразена целосна готовност бригадата и целиот македонски народ во таков случај да застане на страната на ЕЛАС, односно да учествува во одбраната на револуцијата во Грција.

По формирањето, бригадата го започнала својот борбен пат. Најпрво, еден баталјон бил испратен на теренот на с. Лабуништа, Струшко, за уништување на балистичките остатоци кои секојдневно го тероризарале населението на овој терен. Задачата била со успех завршена. На 4 спроти 5 декември 1944 година бригадата презела борбени операции за ликвидирање на поголема група балисти во реонот на селото Острец, Битолско. Селото било опколено и со брз напад го совладале отпорот на балистите, при што, поголема група од нив биле заробени. Наредниот ден, односно на 6 декември, една единица на бригадата се судрила со балистичка група која успеала да го избегне заробувањето. Тоа наложило операцијата на чистење на селото и околните села од балистичките остатоци да продолжи до 8 декември 1944 година, односно, до денот кога биле фатени и затворени сите балисти. При претресот што го извршиле единиците на бригадата во селото Острец, биле запленети големи количини на оружје, миниција и друг воен материјал.

Интересно е да напоменеме дека на 3 декември 1944 година англиските воени сили ја започнале воената интервенција против ЕЛАС во Атина. На 10 декември воено-политичкото раководство на Македонците од Егејска Македонија одржало вонреден состанок на кој се решило Првата народноослободителна бригада од Егејска македонија и сите потенцијални сили на македонскиот народ од Егејска Македонија да се стават на страната на ЕЛАС, односно, активно да се вклучат во одбрана на револуцијата. Меѓутоа, раководството на КПГ тоа не го прифатило. На 14 декември претставникот на ЦК на КПГ Андреас Џимас побарал бригадата да се расформира и боречкиот состав да влезе во редовите на ЕЛАС, и, во краен случај, да и го предаде оружјето на ЕЛАС, со што македонското раководство не можело да се согласи. Впрочем, непосредните настани потврдиле дека народноослободителната војна на Грција не можело да ја спаси една бригада.

По ослободувањето на Македонија еден корпус (24.000 борци) од НОВ на Македонија бил упатен на Сремскиот фронт со цел да учествува во завршните операции за ослободување на Југославија. Главниот Штаб на НОВ и ПО на Македонија, за да ги засили единиците во Западна Македонија нареди Егејската бригада од битолски терен да се префрли кон Гостивар и Тетово во Западна Македонија со цел ликвидирање на балистичките банди кои и понатаму продолжиле со злосторствата кон македонскиот народ на овој терен. Бригадата од Битола тргнала на 3 јануари 1945 година и по три дена марш преку Кичево и Буковиќ пристигнале во Гостивар. Во градот Гостивар се стационирал 3-от баталјон и баталјонот на тешкото оружје, а 2-от баталјон бил стациониран во селата Врапчиште и Баница. На овој терен бригадата спроведувала секојдневни активности против балистичките разбојнички банди како и акции за откривање и собирање на оружје. Од повеќето акции што биле извршени од бригадата, тука ќе ги споменеме оние во селата на Шар Планина, во месноста Бачила, Големо Езеро, каде биле ликвидирани повеќе балисти кои биле раководени од Џемо Хаса. Исто така, една единица учествувала во операциите против блистичките единици во во Кичевско и Дебарско. Во една таква акција во селото Зајас, Кичевско, бригадата имала 4 загинати борци.

Првиот баталјон на Бригадата по акцијата во Горјани и Ломница, гостиварско, по наредба на Штабот на Бригадата била префрлена во Тетово. Единиците на Баталјонот по чети биле лоцирани во зградата на средното земјоделско училиште, на височината „Бал Тепе“, односно на Тетовското Кале и во старата касарна во Тетово. Штабопт на Бригадата бил сместен во хотелот „Македонија“. По претходните консултации со месната народна власт и запознавањето на дејствувањето на балистичките фашистички формации, се пристапило кон обезбедување и расчистување од балистичките остатоци во градот и околината. Теренското обезбедување најчесто се вршело преку перманентни акции. Податоците за појавата на балистичките вооружени банди, за нивните дејствија, за нападнатите објекти, за нивното вооружување, упоришта, движење, составот и друго, единиците ги добивале од месните народноослободителни одбори и политичките организации.

За да се разбијат и ликвидираат вооружените балистички банди, единиците на баталјонот од составот на Егејската бригада, која, всушност, била и единствената воено оперативна формација на целиот терен на Тетово и тетовско, презеле повеќе акции. Акциите се презеле во извонредно тешки услови во месеците јануари и февруари на Шар Планина и Сува Гора. Првата и најважна акција била преземена на просторот Желино – Церово – Групчин – Рогле до Сува Гора, зафаќајќи ги и селата Стрмница, Лешница, Добарце, Ларце, Мерово, Чифлик, Копачин Дол и Ново Село. Вората, исто така значајна акција, започнала од излезот на Тетово, северозападно кон селата Гајре – Лисец – Попова Шапка – Јелак, Шумска Куќа – десно кон селчото Бродец и ридот Кобилица, реката Пена, односно левиот слив на реката Пена и селата Селце – Вејце – Бродец, Вешала и Бозовце. Во сите овие акции, единиците наидувале на отпор од балистичките банди и се воделе остри борби, при што, балистите имале голем број на убиени лица. Загубите ба баталјонот биле значително помали. Од силниот притисок на борците од Егејската бригада, балистите биле целосно разбиени. Повеќето од балистите, за да не бидат убиени, се предале, а еден мал број побегнале и се криеле по селата.

Во текот на двомесечниот престој, Егејската бригада во Гостивар и Тетово, целосно ја извршила доверената задача. Успеала во целост да ги ликвидира остатоците на балистичките банди и нивните јатаци со што целосно се создале услови за непречено функционирање на народната власт. По договорот во Варкиза од 13 февруари 1945 година, во составот на Бригадата имало забележителен зголемен број на бортци, Бригадата од постојните четири се зголемил на шест баталјони.

Во почетокот на март 1945 година, Бригадата била преместена во Скопје. Со наредба на ГШ на НОВ и ПО на Македонија број 170 од 7 март 1945 година, Бригадата била поделена на два дела, односно ешалона, кои биле дислоцирани во Гевгелија и Битола. На 23 април 1945 година била формирана организацијата НОФ (Народноослободителен фронт) на Македонците од Егејска Македонија со задача да го организира македонскиот народ и да го поведе во борба за опстанок и за извојување на национални и социјални права. Работите во Грција се развиваа во правец на пресметка меѓу левицата и десницата. Таквиот развој на настаните во Грција и во Егејска Македонија наложи расформирање на Егејската бригада, што е сторено со наредбата стр. Пов. Бр. 336 од 2 април 1945 година на ГШ на НОВ и ПО на Македонија. Наредбата за расформирање на Бригадата им е соопштена на командантите, политичките комесари и на помошниците на политичките комесари на состанокот што се одржа во седиштето на ГШ на НОВ и ПО на Македонија на 2 април 1945 година во Скопје. Согласно наредбата за расформирање, составот на Бригадата е распореден во различни воени единици на НОВ и ПО на Македонија, односно, во 50-та дивизија, во 49-та дивизија и во 41 –та дивизија. Старешинскиот кадар од штабот на Бригадата до четните раководства биле ставени на располагање на ГШ на НОВ и ПО на Македонија. Така заврши борбениот пат на Првата народноослободителна егејска ударна бригада, пат кус но многу славен и значаен, исполнет со многу борби и жртви за слободата на Македонија.

 

На прво место

News image

Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија му ги направи најголемите национални предавс

Со партиската игранка од пред некој ден, СДС само потврди дека со неа сè уште раководи Зоран Заев ...

Историја

News image

Балканскиот пакт од 1953

Балканскиот пакт од 1953 година (официјално: Спогодбата за пријателство и соработка) е договор потпи...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО КАИРО – ПРЕСТОЛНИНАТА НА ДРЕВЕН ЕГИПЕТ (9)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

News image

НЕДА ЛОЗАНОВСКА – ПОЗНАТА ПОЕТЕСА ОД ТОРОНТО (29)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.