Уште од нејзиното создавање како држава во 1830 година, официјална Грција се најде во неприлика поради многубројните негрчки, пред се` македонски називи на нејзината државна територија.
Покрај многубројната историска фактографија, странските научници се повикуваат и на топонимите кои претставуваат сериозна агрументација за нивните тврдења. Соочени со оваа проблематика, постепено и без врева, грчката држава ги менуваше имињата посебно на поголемите градови кои носеа претежно македонски имиња. Со приклучувањето на Тесалија кон Грција во 1987 година, Грција уште повеќе се соочи со овој проблем и не само поради многубројните македонски називи на населените места, туку и на другите топоними. Поради тоа според мислењето на грчката држава, проблемот на преименувањето на топонимите можеше поефикасно да се реши со формирање на специјална комисија која систематски ќе ја проучува оваа проблематика и што поитно да пристапи кон преименување на топонимите, инсистирајќи пред се` на давање на грчки имиња. За таа цел постоеле и други причини. Имено, Грција имаше аспирации кон Македонија, каде што не само топонимите туку и апсолутното мнозинство на населението беше македонско, додека грчкото малцинство претставуваше околу 10% од вкупното население во Егејска Македонија. За таа цел, минстерот за внатрешни работи на Грција Н. Левидис, на 8-ми мај 1909 година лично поднесе опширен извештај до грчкиот крал Герорги I, во кој ја нагласи потребата итно да се формира официјална комисија која ќе има за цел да разработи специјален план за преименување на населените места и другите топоними на Грција кои не се од грчко потекло. Врз основа на овој извештај, на 31 мај 1909 година е издаден Указ, кој е објавен во Владиниот весник број 125 од 8 јуни 1090 година, за формирањето на државна комисија за проучување на топонимите и за утврдување на нивното историско потекло. Според член 8 од овој Указ, управните и сите други власти на државата беа должни без приговор да и даваат на комисијата потребни информации и да и укажуваат помош за олеснување на нејзината работа. Работите за Грција се усложнија со фактот што таа како резултат на балсканските војни и Првата Светска Војна и мировните договори што следуваа, се прошири на север, присвојувајќи нови териотории, меѓу кои и дел од Епир, Егејска Македонија и Западна Тракија, каде бројот на грчко население беше апсолутно малцинство. Освен тоа, речиси сите топоними на овие новоприпоени територии, посебно во Егејска Македонија, дури и во овие области каде што живееше покомпактно грчко население (Гребен, Кожани, Населица, Катерина), топонимите и имињата на населените места беа во апсолутен број македонски, што непобитно зборуваше и за нивното потекло. Стануваше сосема јасно дека Грција навлезе, односно присвои територии кои ниту етнички, а уште помалку географски и историски и` припаѓаа. Замислениот план за измена на топонимите, Грција реши да го форсира пред се` во Егејскиот дел на Македонија, а во другите делови на земјата тоа да го чини постепено. Така, веднаш по Букурешкиот мировен договор (август 1913) пристапи кон попис на населението во новоприсвоените земји, според кој е утврдено дека во Егејска Македонија живееле 1 160 477 жители, а во 1917 година донесе Закон, познат под број 1 051, со чиј член 6 го утврдува формирањето и управувањето на градските и селските општини. На 10 октомври 1919 година пак е издадено циркуларно писмо во кое се даваат детални упатства за потребата итно да се пристапи кој преименување на топонимите и начинот на кој треба да се оствари оваа замисла од Комисијата за топоними на Грција. Во уводот на ова писмо се вели: „Комислијата за топоними на Грција, чија мошне важна задача е отфрлање на сите турскофонски имиња (се избегнува зборот македонски) на селата и на општините, кои го трујат и го грубат ликот на нашата убава татковина, а даваат повод за неповолни заклучоци за грчката нација кои противничките народи ги употребуваат против нас, со Указ на Министерството за внатрешни работи реши да ги засили своите напори за менување на странските имиња со грчки. Денешните топоними не се случајно избрани. Тие имаат своја причина, свој живот, своја историја со околната природа, со жителите, со историјата... Дел од нив се турски и словенски, за кои постои намера да бидат заменети“. Речеси веднаш по издавањето на циркуларното писмо од надлежната Комисија за топонимите, од Министерството за внатрешни работи била издадена специјална брошура со наслов „Совети за измена на имињата на општините и селата“, публикувана во Атина во 1920 година. Во исто време, при новоформираните окрузи во Егејска Македонија биле формирани специјални поткомисии со задача на самото место да го пружат проблемот и да предложат нови имиња за селата и градовите во своите окрузи. Во духот на истото циркуларно писмо во 1922 година, под број 426 било публикувано и поопширно упатство на Комисијата за топоними, така што во Грција почнало засилено и активно да се работи во овој правец. Меѓутоа, поради Грчко-турската војна од 1919 – 1922 година и се` уште неутврдениот мировен договор со Турција, како и поради големата преселба на населението во Егејска Македонија биле донесени 640 000 бегалци од Мала Азија и други места, процесот на забрзано преименување на населените места и другите топоними во Егејска Македонија беше подзабавен. Поради тоа од 1918 година заклучно со 1925 година во Егејска Македонија беа преименувани 76 населени места и тоа според следнава динамика: 1918 година 1 населба, 1919 година 2 населби, 1920 година 5 населби, 1921 година 4 населби, 1922 година 18 наслеби, 1923 година 18 наслеби, 1924 година 5 населби и во 1925 година 26 населби. Тогаш на удар се најдоа повеќе населени места во Леринско, Костурско, Воденско, Кукушко и Солунско. Сепак, иако сите комисии за преименување на населените места и другите топоними работеле засилено врз основа на дотогашните законски акти и тоа не само во Егејска Македонија, туку и во другите делови на Грација, се чуствуваше потреба од донесување на еден поцелосен закон врз основа на кој треба да се вршат сите преименувања во иднина. Таков Указ навистина беше донесен на 17 септември 1926 година, објавен во Владиниот весник број 332 од 21 септември 1926 година под наслов „За преименување на селата, градовите и гратчињата. Еве што се вели , покрај другото во овој Указ: „Член 1: По предлог на Комисијата за топонимите на Грција се дозволува да преименуваат странски или невкусни имиња на селата, градовите и гратчињата. Нивното преименување се врши со Указ што го издава Министерството за внатрешни работи. Член 2: Со одлука на месниот окружен началник, во седиштето на секој округ за таа цел се формира надлежна комисија за проучување на преименувањето на селата, градовите и градчињата. Член 3: Комисијата прави список за преименување на селата, градовите и градчињата со кратко образложение за причините поради кои е избрано новопредложеното име. Списокот се поднесува до Министерството за внатрешни работи кое од своја страна го испраќа до Комисијата за топоними на Грција на оценка. Член 4: Комисијата за топоними на Грција, во рок од 15 дена од примањето на предложените преименувања се изјаснува во врска со нив и го известува Министерството за внатрешни работи, кое врз основа на тоа го издава потребниот указ за одобрување на предложените преименувања. Член 5: Указот за одобрување на преименувањата се испраќа до надлежниот окружен началник и до сите министерства и дирекции на железниците. Тие се должни да издадат акти за преименување и за промените. Член 7: а) По преименувањето на населбите се објавува список со нивното ново име. б) По објавувањето на овие списоци, апсолутно се забранува употребата на старите имиња“. Од овој момент, сите акти за преименување на населените места и другите топоними ќе се засноваат врз оваа наредба, така што од септември 1926 година, па до средината на ноември 1927 година, во Егејска Македонија биле преименувани нови 945 населби. Бидејќи донесените законски акти воопшто не ги прецизираа санкциите за прекршителите околу употребата на старите имиња, на 13 ноември 1927 година била донесена нова законска наредба, објавена во Владиниот весник број 287 од 13 ноември 1927 година. Со оваа законска наредба преточена во закон број 3432 од 12 декември 1927 година (Владин весник број 303/17 декември 1927 година) всушност се прошитуваат и се прецизираат санкциите што судовите треба да ги применуваат врз прекршителите, како и потребата преземените мерки на властите да се наметнант по секоја цена, односно новите имиња да почнат да функционираат и да се заборави се` што било поврзано со минатото. „Член 5: Промената на печатот и на името на општината според даденото ново име се задолжителни, а секаква употреба на старото име од претседателот на општината или општинските советници во записниците на општинскиот совет или во преписката на општината претставува дисциплински прекршок што се казнува од Окружниот началник со дисциплинска казна од 50 до 200 драхми, а во определени случаеви истите можат да бидат суспендирани со одлука на Окружниот началник. Член 6: На преименуваните општини и села им се наложува подигање на табли на централното место и при влезовите во селото, кај главните патишта. На таблите се запишува новото име на населбата. Непочитувањето или симнувањето на таблите се казнува согласно член 429 од Законот за прекршоци. Член 7. пар 2: По објавувањето на новите имиња апсолутно се забранува употребата на старите имиња од јавните власти и органи, во официјалната преписка како и во преписката на здруженијата, корпорациите, задругите и другите правни лица. Член 7 пар 3: Прекршувањето на оваа забрана претставува кривичен прекршок што се казнува со казна од 100 драхми или со притвор од 10 дена. Член 7 пар 4: Молби од приватни или правни лица кои се поднесуваат до јавни служби може да не се земат во предвид ако во нив не се спомнува новото име на местото на живеење, на градот или слото кое е веќе преименувано, на лицето кое ја поднесува. Член 7 пар 5: Сведок, тужител или друго лице, кое се испитува во судот, а како место на живеење или раѓање го именува старото име на градот или селото, според оценката на судот може да биде казнет според пар 3 од овој член“. По силата на овие законски наредби, упатства и други прописи, надлежните комисии при окрузите за преименување на топонимите и Главната комисија во Грција при Министерскиот совет, од 1918 година до крајот на 1928 година во Егејска Македонија преименувале 1 497 населени места. И покрај овие закони веќе на 13 март 1929 година е донесен нов закон со кој се даваат детални упатства и обврски за продолжување на задачата за преименување на топонимите. По силата на овој закон и на предходните закони и упатства, дополнети и со законите број 6429 од 18 јуни 1935 година и законот број 1418 од 22 ноември 1938 година од почетокот на 1929 година заклучно со април 1941 година во Егејска Македонија биле преименувани уште 39 населби. При обидот за изнаоѓање на нови имиња, надлежните комисии со посебно внимание работеле на можноста што поголем број на градови и села да бидат преименувани со стари антички имиња на Македонија. Така, родното место на Крсте Петков Мисирков, Постол, било преименувано во Пела, Рупишта од Костурско во Аргос Орестикон, Баница во Леринско во Веви, Либаново во Катеринска околија во Егинион, С`ботско во Мегленско во Аридеа, Вртикоп во Воденско во Скидра, Ларигово во Лариговска околија во Арнеа, Казанџи Махала од Лариговска околија во Стагира, односно името на филозофот Аристотел. Некогашните ифлигарски населби Барбеш и Кутлеш во Берска околија беа преименувани во Вергина. Населбите, всушност беа подигнати на местото на првата македонска античка столица Еге, каде што беа пронајдени грбовите на античките македонски цареви и сонцето со кое беше поврзано државното знаме на Македонија, кое предизвика бури и клевети од страна на грката држава. Во истиот дух селото Острово во Воденска околија беше преименувано во Арниса, селото Сехово во Гуменџиска околија во Идомени, иако локалитетот на овој антички македонски град со сигурност е утврден посеверно, во близина на денешното село Милетково, селото Елевиш во Леринско, кое уште во 1926 година било преименувано во Лаќа, сега се преименува во Левеа, познат антички македонски град, селото Малатрја во Катеринската околија во Дион итн. |