|
|
Политичару, направи нешто во корист на Македонија |
Македонска нација Обидот на Зоран Заев, Премиер на Република Македонија да ги наметне своите погледи кои се туѓи на македонскиот народ, само по себе се наметнуваат прашања: Дали воопшто вреди да се троши простор за политичар кој го понижува сопствениот народ? Уште колку време ќе се коментираат неговите идеи и постапки, и дали воопшто вреди да се пишува за човек кој се откажува од својот идентитет и од својот Род? Нема лесен одговор на овие прашања. Во ова време, кога Македонија е исправена пред сериозен испит, како што се обидите за надминување на спорот што го има Атина со нашето име и идентитет и влез во НАТО и ЕУ, неговите нестабилни политички потези само можат да направат голема штета на Македонија. Можеби е наша карактеристика краткото паметење или пак заборавеноста е само начин да се заштитиме од лошите епизоди кои можат да влијаат на нашиот здрав разум, но, секако не смееме да заборавиме дека политичаров е спремен на се само и само да ја задржи позицијата Претседател на Владата на Р. Македонија. Откако народот во големо мнозинство не прифаќа промена на името и идентитетот на сопствената држава, политичаров секојдневно не убедува дека тоа ќе било добро за иднината на државата. Штетата што и до сега е направена е огромна, а последиците ќе се чуствуваат и во иднина. Очигледно дека таа инфекција за уништување на сопствената држава толку се проширила во неговото тело и наоѓајќи се во безизлезна состојба, напуштен од својот народ, прави се‘ да ја задоволи Грција не обрнувајќи внимание дали тоа ќе значи крај на нашиот идентитет, туку за него е важно грците да се задоволни. Сето тоа е одлика на слаб, дезориентиран политичар без визија и без национално чувство. Меѓутоа, ваквите постапки ја ставија неговата иднина и иднината на неговото семејство под знак прашање. Да беше вистински македонски политичар би водел повеќе сметка за достоинството на државата а помалку за сопствените интереси. Да беше политичар тој ќе водеше сметка за секој збор, за секоја постапка и како што многу аналитичари го анализираат , ќе имаше чувство за припадност и државност. Со неговите постапки само покажува дека тој всушност нема чувство на припадност, дека тој не е политичар туку само марионета чии конци ги влече некој друг. Како марионета на сцената се појавува кога мајсторот (зад кулисите) ќе ги повлече конците, но, прогнозата е лоша зошто сега револтот кај Македонскиот народ секојдневно расте, а тоа не тежнее за туѓи интереси. Времето на лошите политички глумци кои му продаваа магла на сопствениот народ одамна помина. Сега е време на модерни и прагматични политичари, луѓе со визија, луѓе цврсти кои можат да одолеат на балканската ветрометина, без да бараат заветрина кај соседи и странски мешетари и кои можат да најдат излез и кога тој не се гледа. Сепак, и лошите политички глумци имаат публика и тие неможат да се запостават. И малата искра може да направи пожар, а мрачните сценарија на режисерот да станат реалност. За да не дојде до тоа, чесно ќе биде пред македонската јавност да се признаат сопствените грешки и званично откажување од намерата за разнебитување на државата, кое како Премиер не би смеел да го прави. Ако може заблудената овца да го најде патот до своето стадо и еден политичар сигурно може да го најде патот до своите вистински сонародници. Само така може да се најде изгубениот душевен мир и почит на својот народ за покажаната храброст. Само така може да се биде светол пример и за другите кои се загубиле во Балканската магла. Политичару, направи нешто во корист на Македонија. |