|
|
Балканската политика на Романија и грчко-романскиот конфликт |
Подготвил: Т.Каранфилов Тешката положба во Македонија по Илинденското востание во 1903 година уште повеќе се комплицирала со зголемување на интензитетот на вооружените пропаганди од соседните земји. Целта на бугарската, српската, грчката и во еден момент на романската вооружена пропаганда била со помош на државните буџети и силата на вооените институции да се подготви терен за завладување, односно за поделбата на Македонија. Романската пропаганда во Македонија започнала засилено да дејствување кон крајот на 80-те и почетокот на 90-те години на 19 век. Оваа пропаганда дејствувала првенствено меѓу Власите во Македонија и затоа дошла во судир со грчката пропаганда, а од друга страна пак романската пропаганда преку своето делување во Македонија вршела притисок врз Бугарија за да добие територијални отстапки во Добруџа. Романската пропаганда не го загрозувала македонскиот индивидуалитет и отука таа не била пречка за учество на Власите во Македонското нациооналноослободително движење. Според различни статистички податоци, бројката на влашкото население во Турција се движела, помеѓу 1 милион и 10.000 луѓе: 1 милион според Романците и 10.000 според Грците. Турските власти признаа околу 70.000 Власи. Според А. Тошев (извештај бр. 409, 3 јуни 1904) Власите во Македонија броеле 77.267 луѓе. Со акт на Султанот во 1905 година, Власите во османлиската држава биле признаени како посебна романска заедница. Опишувајќи ја балканската политика на Романија и грчко-романскиот конфликт, бидејќи грчката пропаганда Власите ги сметала за Грци, македонскиот револуционер, публицист и историчар Христо Силјанов во своето дело „Ослободителните борби во Македонија“ пишува: „Оружјето на грчките чети кои доаѓаа од Грција не беже насочено само против (Македонците –н.з.). Павлос Мелас, изложувајќи во својот познат извештај до Атинскиот комитет за резултатите на својата противо(македонска н.з.) дејност, додава кон својата активност и за атворањето на влашкото училиште во село Негован постигнат преку заплашување на локалниот влашки учител - да престане да учителствува, "ако сака да живее. При продолжителите на неговото дело спрема осознаените Власи - "Елин-Власите кои се влашеат" - се применува истата метода на безмилосно истребување, како и во однос на (Македонците – н.з). Разликата е само квантитативна и се објаснува со тоа што Власите се многу помалубројни. Овој крвав поход против влашкото население доведе до радикална промена на односите меѓу Грција и Романија што постоеле дотогаш и предизвикаа настани кои по ред ќе бидат разгледани.“ – пишува Силјанов. Во својот краток осврт на фазите на националното движење на Власите во Османската империја, авторот ќе го забележи следното: „До средината на 19 век влашкиот елемент, во сите свои варијанти, живее во целосна духовно единство со грцизмот. Куцовласи, цинцари, каракачани се служат со грчкиот јазик во црквите, учат на грчки и се служат само со писмениот грчки јазик. Тоа се навистина Елино-Власи, кои во голем број големи и мали центри на Македонија, Тесалија и Епир, ги прават јадрата на грчките општини. Неизмерни се нивните заслуги и придонеси спрема каузата на елинизмот. Градот Москополе во Епир се издигна во 16 и 17 век како првостепено средиште на грчката просвета и култура. Тој ја поседува една од првите грчки печатници, која дистрибуира книги во околните области. Расцветаниот град со 60 илјади население и со огромно акумулирано богатства, беше во времето на Јанинскиот сатрап Али-паша, конечно разорен и неговите распрснати жители формираа бројни влашки населби во Македонија. Власите зедоа најмногу учество во борбата за грчката независност и, заедно со Албанците, (Македонците – н.з) и др., му дадоа на грчкото востание прославени водачи. Власи по потекло се некои од најголемите грчки народни добродетели: Аверов, барон Синас, Закас, Думбас и др. Главно од Власи издржливи и стројни планинци од Пинд, беа составена делови од војската на Езоните, со кои Грците толку се гордеат. Во текот на вековите, Власите од Полуостровот живееја како прилог на грцизмот, без какви и да било духовни врски со своите Карпатски соплеменници. Едвај преку втората половина на 19 векот кај некои Власи од Турција кој живееја во Романија, проговори гласот на романската национална заедница. Од такви Власи беше образуван еден "Комитет за воскреснување на романската народност во Турција". Од нивната средина излезе и Првиот апостол на романската национална идеја, Апостол Маргарит, родум од Епир. Со поддршка на турската власт, П. Маргарит успеа да ги отвори првите влашки училишта: во село Трново, кај Битола, во 1864 година, во своето родно село Авдела во 1868 година и др. Но, образованите и добростоечки Власи по градовите се така цврсто приврзани кон грчката култура и индиферентноста на простата маса толку длабоко, дека во текот на неколку десетилетија напорите на раката пропагатори дадоа премногу слаби резултати. Релативно голем одзив имаше кај македонските Власи - во Клисура, Песодери, Гопеш, Маловишта, Крушево, Битола, Трново, Магарево, Нижополе. Во 1881 година се отвори во Битола и Влашка гимназија. Во овој период, во некои од поменатите села, за прв пат се слушнаа молитви на влашки јазик: одделни свештеници се осмелија да го читаат апостолот и евангелието на влашки.“ Илинденското востание во 1903 година ќе има огромно влијание врз влашката заедница во Македонија и ја потикна Романија која во нив гледаше како на монета за покусурување. Силјанов опишувајќи ги последиците на востанието и за активностите на Романија вели: „Илинденското востание, кое ги потресе многу внатрешни и надворешни фактори, ги потресе и Власите во нивната дремка. Едвај по востанието, Власите настапија поенергично за своите права како посебна христијанска нација во Турција и ја подобрија нивната ситуација по цена на тешки и крвави жртви. Илинденското востание, исто така, ја поттикна и романската држава да стане енергична во корист на куцовласите, со цел да се забрза процесот на нивната национална диференцијација. Денес е целосно воспоставено, но и тогаш не беше тајна на информираните кругови, дека во интересот на романското кралство за влашкото прашање побудите од морална и сентиментална природа беа на второ и трето место пред чисто политичките и државните интереси. Ориентирана кон Австро-Германија, а во 1897 година се приклучува и официјално во Тројниот сојуз, Романија држи за статус кво во Турција. Меѓутоа, таа не размислува да остане на страна ако овој статус кво пропадне и настапи момент за ликвидирање на турското владеење во Европа. Иако не се граничи со Турција, таа ќе сака да биде компензирана на нејзината граница со Добруџа од соседна Бугарија, во случај доколку последната присоедини помал или поголем дел од владенијата н султанот на Полуостровот. Во спроведувањето на овој план, македонскиот Власи требаше да бидат монета за поткусурување. Сојузникот на Австро-Германија, користејќи се истовремено со симпатиите на своите "латински сестри", стоеше на страна од балканските кавги и гледаше со целосна доверба во Цариград, Романија се сметаше повикана да ја игра улогата на стражар на немирниот Полуостровот. И бидејќи загриженоста за рамнотежата, за status quo-то и за мирот идат главно од бугарска страна, антипатијата и недовербата на Романија беше насочена исклучиво кон македонските револуционери и кон бугарската држава. Во спротивно со чувствата на македонските Власи, романската влада се однесуваше непријателски кон ослободителната борба на македонците кон нивното востание, иако во него участвуваат и Власите. Нејзините вистински чувства спрема Бугарија, прикриени зад беспрекорната коректност и видлив стремеж за одржување на пријателски односи, најдоа недвусмислен израз во летото на 1900 година, при убиството на гимназискиот учител Михаелјано, извршено во Букурешт од еден пратеник на Б. Сарафов. Физички убиецот се наоѓаше во романски раце и остануваше на бугарското правосудство да ги приложи надлежните законски санкции против потикнувачите на престапот. При сето тоа во Романија се крена цел крстоносен поход против сето бугарско и се разгори еден остар конфликт кој ги загрози двете соседни држави со војна. Во Виена, побрзаа да го искористат конфликтот за да ги приближат своите романски сојузници кон Грција. "Под покровителство на централните империи, - пишува проф. С. Ласкарис во својата" дипломатска историја на Европа ", - се вложија напори за зближување на Грција со Романија. Овие напори резултураа, од една страна, со потпишување, кон крајот на 1900 година, на една конвенција, со која се уредува, меѓу друго и прашањето за признавање на грчките цркви и училишта во Романија за правни субјекти, а од друга - на средбата на двајцата кралеви, одржана во Абација во пролетта на 1901". Манифестациите на грчко-романското зближување се завршија со посета на група романски студентите во грчката престолнина во 1901 год. Во стварност Романско-грчкото зближување претставуваше дел од еден поширок австриски план, со оглед на можната вооружена акција преземена, по руско сугестија, од страна на Бугарија и Србија, против Турција. Ова е значењето на тајната австро-романска конвенција склучена во 1900 година и врз основа на која Романија требаше, во случај на бугарска вооружена интервенција за македонското прашање, да ја окупира бугарска Добруџа. Содржината на оваа тајна конвенција, сепак, стана позната на руската и на бугарската влада кои, како противтежа склучија во 1902 година конвенција за меѓусебна одбрана. Со пламнувањето на Илинденското востание и создадената веројатност од бугарско-турски конфликт се појави потреба да се испита ефикасноста на австро-романската конвенција. Во втората половина на август 1903 година австрискиот император упати кон романскиот крал покана за посета во Ишл. Владателите на свете сојузнички беа придружувани од графот Голуховски и од романскиот м-р председател Стурдза. На средбата учествуваа маршал Бек, началник на штабот на австро-унгарската армија и генерал Коанда, главен секретар и фактички раководител на романското воено министерство, титулар на кое беше самиот Стурдза. Главен предмет на разговорите беа настаните во Македонија со оглед на "стражарската улога", која Романија би ја имала во случај на воено ангажирање на Бугарија. Понатаму, при развојот на реформената акција, Романија се рангираше во државите кои си поставиле за задача да спречат воведувањето на автономно управување во Македонија - Австро-Унгарија, Србија, Грција и др. Автономното управување е "спротивно на романските интереси" . Така се изрази во месец април 1904 година самиот Крал Карол пред сер Кенеди, ополномошен министер на Англија, каде идејата за христијански ген. гувернер на Македонија е најпопуларна. Крал Карол ги имал, се разбира, во предвид само интересите на кралството - не и на македонските Власи, за слободно национално одделување и развој на кои автономната управува под европска контрола би обезбедило идеални услови. Објаснувањето е многу едноставно: автономијата би ја спречила веројатноста за поделбата на Македонија, а заедно со тоа - и возможност за територијални компензации на романското Кралство. Како што е наведено погоре, романската политика за македонското прашање може да се сумира како „трпелива подготовка и демнење, со полна пушка, на моментот кога бугарскиот сосед ќе се судри со Турција за да му рече: - Плати ми со дел од твојата територија за мојата неутралност и моите сонародници кои ќе ви се придружат. Плати ме - или ќе ти забијам нож во грб!“ Политиката "реална", без никаква нијанса на витештво, но и без никаков ризик ...“ – пишува Христо Силјанов. (продолжува) |