|
|
Проф. Штефан Требст не ја дава целата слика читателот да го види вистинското лице на Грција |
ЕУ треба да се срами зошто дозволува Грција како нејзина членка да го блокира процесот на евроаталанските интеграции на Македонија Еден од водечките германски експерти за Македонија Штефан Требст, професор по историја на културата на источна Европа при Универзитетот во Лајпциг, во интервјуто за германскиот магазинот „Шпигел“, ќе го оцени како апсурдно однесувањето на Грција. Меѓутоа, иако укажува на неаргументираните стравувања и барања на Грција во спорот околу името со Македонија, проф. Требст во ова интервју не ја дава целата слика која ќе му овозможи на читателот да го види вистинското лице на Грција, земја позната како „лулка на демократијата“. Во ова интервју, без разлика на прашањата, професорот Требст во ниту еден момент не навлезе подетално во минатото за да ги објасни причините поради кој денес постои спорот за името меѓу Грција и Македонија. Тој не ја спомна ни улогата на Германија за создавањето на грчката држава, за германските историчари и креирањето на фалсификуваната грчка историја, за Берлинскиот договор од 1878 г. со кој се предвидува Македонија да добие почитичка автономија, за желбата на Австро-Унгарија да излезе на Солун, за поделбата на Македонија во Букурешт 1913 г. и улогата на големите европски сили кои ја санкционираа поделбата на Македонија на Мировната конференција во Париз во 1919 г. спротивно на желбата на македонскиот народ кој се водеше со девизата „Македонија на Македонците“. Воден од новинарот на Шпигел, на прашањета дали постои рационална причина зошто Македонија не треба да го користи своето уставно име и дали името Македонија значи и територијални претензии, Професорот Требст ќе одговори сосема коректно дека „тоа е апсурдно, бидејќи Грција со децении е членка на НАТО и на Европска унија и има далеку поголема армија од малата Македонија. Поради таа причина, грчкото гледиште е ирационално во однос на надворешната и безбедносната политика.“ Во тој контекст, тој ќе каже дека „ниту еден сериозен политичар во Македонија до денес не покренал ревизионистички или територијални барања“. Меѓутоа, тој не може да бара оправдувања за грчкиот страв од името Македонија во изјавата од страна на националистичките грчки политичари и делови од Грчка православна црква дадена во 1991 г. дека: „по Втората светска војна, ... Тито сугерираше дека одредени крајбрежни региони во северна Грција, вклучувајќи го и градот Солун, треба да ѝ припаднат на Југославија..“, Како прво Македонија не е творба на Тито, туку резултат на вековната борба на македонскиот народ за создавање на самостојна и национална држава, која конечно се изнедри за време антифашистичката борба во Втората светска војна. Со стапувањето во југословенскиот сојуз на држави, Македонија остапи дел од својот суверенитет, а со тоа и своите желби еден ден да ја види обединета поделената Македонија. Но желбите на македонскиот народ, не се совпаѓаа со политиката на Тито, кој многу не се интересираше за Егејска Македонија. Така да ОЗНА им пресуди на сите оние партизани кои во 1945 г. излегоа на плоштадот во Скопје со паролите ‘Не сакаме на Срем, сакаме на Солун’ и‘ Не на Берлин, туку на Солун’. Исто така, по започнувањето на граѓанската војна во Грција (1946 - 1949), тогашната југословенска држава ја помагаше Грчката комунистичка партија и ДАГ но се до Инфорбирото во 1948 кога ја затвори границата и ги остави македонските партизани од Егејскиот дел на Македонија по поразот, спас да бараат преку Албанија. Во суштина Тито ги имаше насочено сите сили кон Трст, а не кон Егејскиот дел на Македонија. По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, кога во прашање беше доведен опстанокот на земјата и сите погледи на македонските политичари беа свртени кон настаните во поранешните југословенски републики каде беснеше војната и пожарот лесно можеше да се прошири во Македонија, никој не ни помислуваше на Егејска Македонија, ниту пак ја провоцираше Грција.  Напротив, Грција предводена од грчките националисти и грчката црква уште во 90–тите години на минатиот век кога се наѕираше распадот на Југославија, започна со антимакедонска кампања. Во овој период северна Грција беше именувана со дотогаш забранетото име Македонија, а потоа започнаа митинзи на кој се потенцираше „грчкиот карактер на Македонија“. Тоа го прави само земја која на нелегален начин поседува територија, за која знае дека во даден момент како го добила на управување, така ќе мора да го врати. Уште повеќе ако и историските факти не се во нејзин интерес, без ралика колку и да Атина и нејзините сојузници ја прикриваат вистината. Дури ни професорот Штефан Требст како историчар не ја прифаќа грчка теза дека Македонците се дел од хеленистичкото наследство. Тој добро знае дека старите грчки градови-полиси ги сметале Македонците за варвари. Меѓутоа, според Штефан Требст, подлогата за враќање на гледиштето дека Македонците се Грци, се појавува со идеолошката програма што ја започна македонската влада на ВМРО ДПМНЕ од 2006 до 2016 година, потоа со поврзување на Македонците кои зборуваат славјански јазик со античкото грчко наследство и именувањето на аеродромот во Скопје по Александар Велики. Професорот Штефан Требст, овде како да заборава дека подлога за вакво гледиште на Грците не е од пред десетина години, од идеолошката програма на претходната влада, туку многу одамна, на почетокот на 19 век со Мегали идеја за една нова голема Грција на Балканот во границите на Византија, врз која подоцна израснала грчката националистичка пропаганда во Македонија што во определен вид живее се до денес. Во тоа обилна помош имаа од германските историчари кои биле поголеми хелени од самите Грци и уште во 19 век Филип и Александар Македонски, варварите кои ги поробувале Грците, ги преставиле како дел од хеленистичкото наследство. Германскиот историчар ни дава делумен одговор и на прашањето на новинарот на Шпигел дека „не само Грција, туку и другите соседи како Србија, Бугарија и Албанија, повеќе или помалку го оспоруваат постоењето на македонската нација“. Иако говори дека четирите соседни земји сакаат да пристапат во овој регион или сакаа да го анектираат во минатото, користејќу различни аргументи, како јазични, културни и историски, случајно или не, не ги спомнува Балканските војни (1912 - 1913) и Мировниот договор во Букурешт, како и Мировниот договор во Париз во 1919 година, каде на два пати е погазена вољата на македонскиот народ за создавање на слободна македонска држава. Ако се познати фактите дека зад случувањата на Балканот и поделбата на Македонија, стојат големите европски сили во тоа време Австро-унгарија, Русија, Англија и Франција, тогаш е сосема јасно заошто германскиот професор го избегнува овој клучен период кој создаде проблем кој до ден денешен не е решен и нема да се реши се додека не се обнови македонската држава во рамките на своите етно-географски граници. Проф. Штефан Требст смета дека доколку и сега по четврт век не може да се постигне договор, тоа значи дека „би било крајно засрамувачки за ЕУ нејзината членка Грција да ги става, наводно, националните интереси надвор од заедничкиот интерес на ЕУ да ги апсорбира Македонија и Западен Балкан на среден рок“. И стварно, ЕУ треба да се засрами зошто дозволува Грција како нејзина членка да го блокира процесот на евроаталанските интеграции на Македонија и покрај Привремената спогодба потпишана во Њујорк во 1995 година, со која грчката страна се обврзува да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во НАТО, ЕУ, ОБСЕ, меѓународни монетарни институции и т.н. Исто така, НАТО треба да се засрами зошто дозволува Грција, т.н. лулка на демократијата, и натаму да не ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг Имено, на 5 декември 2011 година Меѓународниот суд на правдата во Хаг (главен судски орган на ОН) пресуди во корист на Македонија по жалбата од 17 ноември 2008 година во која од судот се бараше да пресуди и да утврди дека Грција се противела на поканата за членство во НАТО на Македонија и така ги прекршила своите обврски според Приремената спогодба. Во оваа пресуда меѓу другото пишува дека Македонија и натаму може да го користи своето уставно име во односите со Грција и во рамките на меѓународните организации. Но, и покрај ова, Грција упорно настојува Македонија да го смени уставното име, а светот тоа го толерира. Оттука сосема не адекватно една македонска влада да се нарекува националистичка само затоа што не сака да се потчини на уцените на јужниот сосед и со свиткана кичма да влезе во ЕУ и НАТО. Зоран Заев премиерот на Р. Македонија за разлика од претходната власт можеби може да ја свитка кичмата но ќе ја внесе земјата во ЕУ и НАТО, ранета и без кичма, неспособна ни за себе, ни за другите. Мислам дека со промена на името и идентитетот, не се решава проблемот кои во минатото го направија големите европски сили како Австро-унгарија, Англија, Франција и Русија, заедно со нивните балкански пиуни Србија, Бугарија, Албанија и Грција. Целото интевју на проф. Штефан Требст:  |