|
|
ДВОЈНИТЕ СТАНДАРДИ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА И ВО ПОСТРЕФЕРЕНДУМСКА МАКЕДОНИЈА |
Се повикуваат на правото, но колку го почитуваатДВОЈНИТЕ СТАНДАРДИ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА И ВО ПОСТРЕФЕРЕНДУМСКА МАКЕДОНИЈА
Редица странски дипломати и функционери едноставно ги пренебрегнуваа суверенитетот, правната регулатива и законите на Република Македонија, но и основните постулати на меѓународното право. Ваквите двојни стандарди на меѓународната заедница кога станува збор за почитување на правото и законите ја наметнуваат дилемата колку тие самите го почитуваат тоа на што секогаш се повикуваатВо текот на референдумската кампања, а трендот продолжи и по 30 септември меѓународната заедница отворено застана на страната на коалицијата „За европска Македонија“. Во деновите пред референдумот, некои од лидерите на европските земји, кои ја посетија Македонија или испратија видеопораки (Ангела Меркел, Себастијан Курц, Емануел Макрон), се потрудија во своите изјави барем формално да го испочитуваат правото на граѓаните на Македонија самите да донесат одлука, пред да го изговорат она фамозно „но“ по кое следуваа условот или ултиматумот. На тој начин барем оставија привид дека ги почитуваат внатрешниот правен систем и демократијата во земјата од која бараат да се откаже од своето уставно име и идентитет за да ја земат предвид во чекалницата за својот клуб. Секако, во поголем број беа оние изјави за поддршка од странските политичари, кои во пораките дека за земјата нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО, што значи дека референдумот мора да успее по секоја цена, едноставно ги пренебрегнуваа суверенитетот и правната регулатива и законите на Република Македонија, но и основните постулати на меѓународното право. Ваквите двојни стандарди на меѓународната заедница кога станува збор за почитување на правото и законите ја наметнуваат дилемата колку тие самите го почитуваат тоа на што секогаш се повикуваат. Ако го почитуваат тогаш сигурно им е јасно дека референдумот не го постигна законскиот цензус, што сега го премолчуваат. Исто така на претставниците на меѓународната заедница веројатно им се јасни и одредбите и постулатите на меѓународното право и правото на самоопределување, кое во случајот со Македонија грубо се прекршува. Да биде иронијата поголема дури и неколку дена пред референдумот, делегација со правни експерти од Македонија, на чело со министерот за евроинтеграции, Бујар Османи и министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска, заминаа за Брисел, каде што (како што кажуваа во јавноста) го започнале скрининг-процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, со разгледување на поглавјата токму за владеењето на правото. Европа ќе нѐ учи што е право, правна држава и почитување на законските одредби, кои патем самата Европа или нејзините функционери ги игнорираат. Иронично, но неколку дена подоцна, со објавувањето на резултатите од референдумот, токму високите функционери на ЕУ (Хан, Могерини…), се впуштија во толкување на правото и законите во Република Македонија, прифаќајќи го само гласот на оние што излегле на референдумот, пренебрегнувајќи го фактот за слабиот одзив и непостигнатиот законски цензус. Сличен поглед на правото беше доминантен и во пораките од Стејт департментот на САД и други пораки на официјални западни функционери. Сепак, и два дена по референдумот се чини изостанува официјалната реакција за референдумските резултати во Македонија, на канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц, кои дојдоа лично во Скопје пред референдумот за да изразат поддршка. Во секој случај, и овие изрази на поздрави и поддршка само на парцијалните резултати на македонскиот референдум, на кој граѓаните требаше да се изјаснат за влез на земјата во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција, е само продолжување на политиката на двојни стандарди на меѓународната заедница кон Македонија и нејзините напори за интегрирање во евроатлантските процеси. – Како долгогодишен активист во граѓанскиот сектор и промотор на (универзалната декларација на) човековите права и на европските вредности и принципи, токму тоа отклонување од стандардите ми пречи и во самиот договор (непочитување на владеењето на правото, правдата, правото на самоопределување и недискриминација), а и во толкувањето на резултатите на референдумот, односно игнорирањето на легалитетот (неисполнувањето на законскиот услов за цензус од 50 отсто), а истакнување само на елементот на легитимност (навистина јасно изразената и недвосмислена волја „за“, но само на тие 37 отсто што излегле на гласање). Додека во сите водечки западни медиуми јасно се констатира неуспехот на референдумот, некои од водечките политичари од ЕУ и од НАТО (Хан, Могерини, Столтенберг) им честитаат на тие што излегле да гласаат и за големата поддршка на опцијата „за“. Но, веќе се навикнавме, особено во случајов со спорот за името, политиката и правото да не одат рака под рака, па овие изјави го отсликуваат пред сѐ интересот на овие институции – да се прими Македонија во членство, но само со решен спор со Грција. Да, тоа е и наш интерес, а и големата поддршка „за“ го покажува тоа, но очигледно не по секоја цена, односно не со ваков договор со Грција. И резултатите упатуваат на тоа – дека отпорот кон договорот е приближно еднаков со поддршката, а можно е и поголем, па се чини дека ќе мора да има обид за ревизија иако тоа не е по волјата на функционерите, кои ја изразија поддршката за договорот, а и сите процени (вклучувајќи ја и мојата) се дека тешко ќе може да се дојде до поповолен договор наскоро (или кога било), откако оваа влада се согласи на сето тоа што стои во овој договор – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Двојните стандарди на ЕУ, во поглед на правните стандарди за признавање на резултатите од националните референдумски изјаснувања, илустративно се споредуваа со референдумите во Каталонија, минатата година, и токму во Македонија, на 30 септември годинава. Имено, Европската Унија минатата година констатира дека референдумот за независност во Каталонија е неуспешен иако одзивот бил 43,03 отсто, а „за“ гласале – 92,01 отсто од излезените граѓани. Резултатите од референдумот во Македонија се: одзив од 36,91 отсто, гласале „за“ – 94,18 отсто, а ЕУ испрати честитки за успехот. – Тоа само укажува на двојните стандарди на ЕУ и нивната примена во овој постреферендумски период во Македонија, претставува мобинг врз нацијата. Меѓународната заедница треба да сфати и да прифати постоење на македонската нација што има политичкоправен суверенитет на територијата на Република Македонија, нормално споделен со сите други граѓани што се делови од албанскиот народ и сите други етнички заедници, како што се претставени во Уставот – вели професорот Љупчо Ристовски. Ова секако не се единствени и изолирани примери на двојни стандарди на меѓународната заедница кон Македонија. Листата е многу подолга почнувајќи од условените препораки, потоа непочитување на пресудата на Меѓународниот суд за правдата во Хаг, кој пресуди во полза на Македонија во однос на блокадата од Грција итн. https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/%d1%81%d0%b5-%d0%bf%d0%be%d0%b2%d0%b8%d0%ba%d1%83 |