|
|
Катица Јанева не‘ потсети дека во државава постоела и постои една група на лоши момци |
Александар Пандов
''Челичната лејди'', столбот на СЈО, шефицата на Фатиме, жената со највисок рејтинг и доверба во Република Македонија, македонскиот Елиот Нес и хероина Катица Јанева синоќа, како и секогаш изложена на рафален оган од прашања, мртва ладна пред македонската јавност ја овери ''невиноста'' на Заев, а бога ми и на цел СДС. Како што не информира ''независнава'' од преслушани над 90% разговори, за главниот таргет на прислушувањето, а да се потсетиме тоа беа тогашната опозиција во ликот на нејзиниот лидер Зоран Заев и СДС, нема и нема ни да има ниту една кривична пријава! До толку повеќе ликов сега има потврда со која што може слободно да се фали дека неговото работење како градоначалник на општина Струмица и после преслушување на сите негови телефонски разговори, како и на неговите најблиски, нема направено никакво кривично дело! ДУИ кој е на власт над 15 г. исто така си доби документ дека освен некој ситни ''чепкања'' на Османи во здравството, сите останати се ''светци''. Бизнисмените, кои исто беа дел од над 20.000 прислушувани грѓани нема потреба да кажувам дека се "подмачкани", чисти ко солза и дека се домаќини луѓе, со исклучок на Кочан и синот на Авирович. Притоа, онака постреферендумски, а предпразнично, Катица во нејзин стил крајно опуштено не потсети дека во државава постоела и постои една група на лоши момци кој по правило се наоѓаат во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, па затоа таа им придодаде троа кривични пријави на предходното, а и на сегашното раководство, кое патем речено од новиве кривични човек може да заклучи дека додека биле на власт цела трговија им била и се водела со Русија и Кина. Оговарањето на судиите од врховен, беше опомена и порака до нив, а и до сите останати судии во пониските судови да внимаваат какви пресуди носат, ако не сакаат и нивните разговори да ги раскажува во јавност. После се добро е бар на дело видовме како на сила и во пракса изгледа слободно и европското правосудство! Тоа за вакво обвинителство и судство ни говореа Прибе и Ван Мачкар, а ние мутави никако да ги разбереме? Сега е бар лесно да се направи разлика што било режимско и партиско заробено правосудство, а како изгледа реформирано! Морам да признам дека не беше лесна лекцијава, но ја видовме и научивме. Едвај чекам да ни се даде можност да видите колку сме ја совладале и како ние ќе ја применуваме во пракса. |