|
|
Заврши драмата за името |
Панде КолемишевскиЗаврши драмата за иметоИмето на државата веќе сѐ поретко се споменува во некоја дискусија, во дебати. Дури и кај самата јавност е поднамалена, речиси е изгасната температурата по тоа клучно прашање. Името, тој клучен збор во македонската политика во изминативе дваесетина години, молскавично исчезна од политичкиот дијалог, од партиските пресметки, од медиумите, од телевизиските дебати. Умешно се наметнаа други теми
Големата политичка драма во Македонија својата кулминација ја достигна во петокот, на 19 октомври, кога нешто пред полноќ Собранието формално ја изгласа со двотретинско мнозинство одлуката за пристапување кон промена на Уставот. Cуштински, со тоа мнозинство, ја потврди до збор конечната спогодба со Грција, потпишана во грчка Мала Преспа. Поточно, де факто ја донесе одлуката со која се прифаќа новоформатираната држава да го носи името Република Северна Македонија, одлука слатко спакувана и горчливо голтната во обландата меѓу определбите за НАТО и ЕУ. Карактеристично е што сето тоа се направи без какво било спомнување на проблемот за името, што помина молчешкум единствениот децениски проблем што Македонија го имаше со Грција, односно Грција со Македонија. Сите други наводи за некакви недоразбирања се само фасада користена во преговарачкиот процес од двете страни за побезболно решавања на конфликтот. Зашто името решава сѐ друго, на сите државотворни елементи им дава друга боја, друго значење – и на идентитетот и јазикот и на други национални карактеристики, што беше основно грчко барање. Нормално е да се претпостави дека по петочниот собраниски земјотрес, афтершоковите што веднаш почнаа да следуваат се и ќе бидат со доста помал интензитет, без влијание и закана дека може сериозно да го нарушат процесот до конечното усогласување на уставните измени и денот на завршување на целата процедурална постапка од македонска страна. Иако настаните во зовриената македонска политика ни посведочуваат дека се можни изненадувања, во кои некои сили сѐ уште се надеваат, таквите пресврти се сведени на најмала можна мера. Расплетот на претставата може да биде интересен, возбудлив, ќе се игра во неколку чина, но крајот е веќе познат. Сценариото ќе се спроведе до последната напишана точка и запирка, до последниот изговорен збор, по што тивко ќе се спушти завесата. Владата и владејачките партии, мнозинството во Собранието, осоколени од постигнатото двотретинско мнозинство по опсежниот ангажман и употребениот топовски арсенал, кој донесе ефекти на целосна позитива на нивна страна, може сега комотно и да учествуваат и да спроведуваат. Опозицијата, поразена на отворена сцена или зад кулисите, ја изгуби не само силата туку и довербата, сама си клекна на коленици и речиси прекуноќ, само за неколку часа, да не речеме минути, од релевантен фактор се претвори во безгласна буква. Како и да е, што и да се случува натаму, едно е јасно: цунамито помина бесшумно, иако долго време и на разни страни се навестуваше голема бура на денот кога ќе се менува името. Најавените амандмани, односно надежите дека низ некаква јавна дебата може нешто да се смени, да се поправи во корист на Македонија и Македонците, се чиста илузија, фантазија за заблудените оптимисти во таа насока. Според едни мислења, неоспорен е фактот дека на 19 октомври во Македонија победиле силите на иднината, визионерите што таа иднина ја гледаат во рамките на системите на НАТО и ЕУ под кое било име на државата. Други сметаат дека ниту НАТО ниту ЕУ не заслужуваат за нив да се смени името, да се доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ во сопствената држава и да се продадат националните интереси, општо поимано, иако тие никаде не се таксативно формулирани или дефинирани. Тие две мислење уште долго ќе живеат како дилема меѓу Македонците, особено што со години ќе треба да чекаат пред вратите за прием во Унијата, време во кое нема да бидат ниту побогати ниту посреќни ниту посложни. Вешто се товари и заматува политичката клима, а со тоа и јавноста, со прашања што немаат суштина, со теми што во никој случај не може да се подведат дека се во корист на реформите, во корист на демократијата и на општиот економски развој. Во тој галиматијас, само мудро смислената фрлена ракавица за наводно простување, помирување или амнестирање експлодира како бомба, можеби со еднаков одглас и ефект како бомбите од прислушувањето. Тој подметнат динамит ја разби навидум монолитната опозиција, експресно го осакати ВМРО-ДПМНЕ на Мицковски, како што пред неколку години бомбите го урнисаа и ВМРО на Никола Груевски. Сигурно дека чувствуваат задоволство и гордост оние што застанаа на страната на победниците, како што чувствуваат горчина оние што се наредија зад поразените. Низ тие измешани чувства, проткаени со незаслужени фалби и признанија, во атмосфера на изразити лицемерства, на фрапантен политички неморал, на способноста белото да се прави црно, црното бело, на неочекувани, крајно антипатични, дури дегутантни посипувања со пепел, огледалото ја покажа вистинската, грдата слика на општеството и македонската немоќ пред големите предизвици. Се повтори вистината дека овие дваесетина години од осамостојувањето македонскиот народ нема ниту биолошки, ниту политички, ниту национален и патриотски капитал со кој може да се натпреварува прво во сопствената држава, а особено не со други држави и организации. Под своето општествено ниво и под нивото на општествената одговорност, под националното достоинство, играта ја играат политичарите, интелигенцијата, универзитетот, црквата, бизнисмените, новопроизведените евромилионери, вештачки и криминогено создадената буржоаско-капиталистичка класа, класи или кланови што заземаат видно место во политичките определби и средини. Особено лицата што седат (или седеле) во првите неколку реда во клупите во Собранието, лево-десно и во средина – кои финансиски, јавно или тајно, тежат безмалку колку еден годишен државен буџет. Можеби звучи пресмело, но најверојатно и точно: македонската политика од самостојноста наваму го исфрли на површина, го направи видлив фамилијарниот синдром, кој покажува дека децата и внуците лесно го раскрчмуваат или распродаваат она што со тешка мака го стекнале и им го оставиле нивните татковци и дедовци. Тоа е синдромот на оваа генерација, вклучувајќи ја и мојата, кога станува збор не само за името туку за општата состојба на сопствената држава, која постепено, од година на година, се дроби територијално, се разнебитува идентитетски национално, не напредува економски и социјално, не созрева демократски, гасне културолошки, се упропастува урбано и рурално, се посрамотува спортски. Постои теорија дека ниеден историски чин не е конечен, иако таа теорија тешко може да важи за решението за идното име на Република Македонија што ќе биде конечно. Апсурдот што ѝ беше наметнат на државата од меѓународните фактори, содржан во студената сурова реченица „Вие сте во право за името, но вашето право никако не може да се оствари“, може да биде оправдување за политичката елита, се разбира, доколку сѐ тече како што е замислено и доколку Република Северна Македонија, утре-другиден, како членка на НАТО, се искачи скала погоре по сите позитивни параметри. Секој друг исход ќе надвисува како црна неизбришлива дамка. |