|
|
Заев – гулаб на мирот или јастреб на раздорот |
Панде КолемишевскиЗаев – гулаб на мирот или јастреб на раздоротДонесениот закон за амнестија за лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април и неговото спроведување одново го постави прашањето дали претседателот на Владата Зоран Заев е политички гулаб или жесток јастреб. Во прилог на ова прашање оди целата иницијатива и поведената јавна кампања за политичко помирување меѓу партиите. Притоа забележливо е дека не се повикува на национално или некакво граѓанско помирување какви што беа повиците порано, туку само на политичко. Уште позабележливо што целата кампања е поврзана со низата судски процеси што се водат преку специјалното јавно обвинителство и затворски пресуди, а се во контекст на обезбедување двотретинско собраниско мнозинство за изгласување на уставните амандмани за промена на името. Одговорот на прашањето е двосмислен. Од една страна, неговиот личен предлог и лична иницијатива за донесување ваков закон се смета како искрена понуда за помирување не само меѓу двете најголеми македонски партии туку и на целото општество во целост. Од друга, не се малобројни мислењата дека тоа е храбар но дрзок чин, итро смислен подмолен удар врз натамошното разнебитување на партијата ВМРО-ДПМНЕ, уште еден лицемерен гест што ќе внесе нови сомнежи и поделби не само во нејзиното раководство, туку далеку пошироко во членството. Во современиот политички јазик гулабот од времето на дедо Ное е неформален израз што се користи за политичари што се склони кон мирни и компромисни решенија од заеднички интерес. Наспроти нив се јастребите, кои, како по правило, се погрлати, поофанзивни и се залагаат за подрастични решенија, дури и воени, ако треба. По добивањето на своја страна на осумте пратеници, пребегани од коалицијата на ВМРО, се покажува дека амнестијата е уште една придобивка за таа цел. Што тајно, што јавно, што чесно, што нечесно, низ законски и уставни кривини, низ неочекувано креативни „балкански решенија“ тој го истрчува историскиот маратон по што би требало на државата да ѝ се отворат вратите кон членство во НАТО и можеби, некој далечен ден, на Европската Унија. На тој пат трча истовремено носејќи свесно врз својот грб тежок товар на предавник на националните интереси и на славната историја, обвиненија што му се лепат од противниците на неговата политика. Тој дел на политичкиот македонски корпус, за разлика од првиот, го смета Заев за политички јастреб, кој не им мисли добро на сопствената држава и на сопствениот народ. Дека со сите постапки не нуди заедничко пушење луле на мирот и не ги закопува воените секири како меѓу партиите така и меѓу народот. Познатиот израз „гулаб на мирот“ е всушност изведенка со корени во легендата за библискиот потоп. Записите ни кажуваат дека по потопот, по десеттиот месец од неговиот почеток, откако се покажале врвовите на планините, дедо Ное од ковчегот прво пуштил гавран, а потоа гулаб (всушност гулабица) да види дали исчезнала водата од лицето на земјата. Гулабот, при вториот обид, се вратил кај него носејќи во клунот маслиново гранче. Така познал Ное дека опаднала водата на земјата и дека може да се стапне на неа. Гулабицата го претставува она што во човекот е бесмртно, односно душата. Преку потопот се покажува дека големата несреќа сѐ може да земе, но душата не може да ја земе. Убавината и грациозноста на оваа птица, нејзината неизвалкана белина, милноста на нејзиното гугање направиле од неа бесмртен позитивен симбол на животниот дух, на светлината, чесноста, невиноста, едноставноста, простодушноста, кроткоста, благоста и мирот, на знаењето и мајчинството. Маслиновото гранче што го донел гулабот го означува крајот на потопот и на неволјите, го обзнанува залечувањето на последиците од големата вода и од божјата казна за сторените гревови. Го најавува новиот почеток на човештвото, новиот циклус на цивилизацијата и на борбата за поправеден и почесен, помалку грешен свет. Тоа било порака за доаѓање на новиот живот, за преродба, за вратен мир и за спас, симбол за победата на животот над смртта, за ослободување од старите окови на животот и тргнување по нов пат кон иднината. По дождот сонце, по мракот светлина, по потопот, нов поинаков, подобар свет. Гулабот и гранчето претставуваат симбол на мирот, складноста, надежта, на пронајдената среќа. Исто така ги симболизираат мирољубивоста и внатрешното единство на народот, ја искажуваат желбата за меѓународно братство, дружење и разбирање. Освен симбол на мирот, гулабот со маслиново гранче во клунот искажува носталгија по златната доба на човештвото, иако никој не знае кога и каде било, а нема човек што не сака да го најде и да го врати. Ако гулабот и гранчето имаат библиски корени, познатото луле на мирот не е само предмет туку и типичен обичај познат кај американските Индијанци користен при различни племенски обреди, особено секогаш кога се случувало нешто сериозно, нешто што е од животна важност или кога се барал и постигнувал мир. Лулето и чадот од него биле врска меѓу небото и земјата, огнот и Сонцето како извор на животот. Пушењето било чин на молитва, чадот обликуван во тркалца значело носење на душата поблиску до небесниот бог, обид за усогласување на сопствениот живот со животот на целата природа. Тркалцата од чадот ги повикувале боговите да ја отстранат секоја опасност од селото и племето и да донесат среќа, а понекогаш биле молба кон небото да донесе дожд. Чадот им ги отворал вратите на невидливите светови и послужувал како мост меѓу луѓето и непознатите сили, кои ја одредуваат нивната судбина. Според верувањата на едно од племињата, вцртаниот орел и орловите пердуви врз лулето ја изразуваат желбата човековите мисли да се издигнат толку високо колку што летаат орлите. По откривањето на Америка и доселувањето на првите Европејци лулето нашло примена како составен дел при склопувањето на договорите со белците. Да му се понуди некому пушење заедничко луле значело дека му се нуди рака на помирување. Познат и често е цитиран нивниот завет, кој ги содржел цврстите ветувања, силните гаранции дека ќе биде спроведено тоа што е договорено. Тој завет гласел: „Срам ми е пред Сонцето и пред Земјата, срам ми е пред небото, срам ми е пред зората, срам ми е при зајдисонцето, срам ми е пред мене и пред оној што говори во мене ако не го испочитувам дадениот збор. Нешто секогаш однекаде ме гледа. Никаде не ќе можам да се скријам. Затоа мора да ја зборувам вистината. Својот даден збор цврсто го држам на сопствените гради“. И изразот „закопана воена секира“ потекнува од американските Индијанци, од племето Апачи (не апаши), кои по помирувањето со некое друго племе ги фрлале своите секири во една дупка и ги закопувале. Потоа палеле луле како благодарност што завршило војувањето или како молитва страдањата да не се повторуваат. Амнестијата, кампањата за помирување, за простување на гревовите од секаков вид, како тежок товар се движат по тенок конец и на тенок мраз. Голема храброст е да предвидиш долгорочно кој бил, кој ќе биде во право и какви последици ќе има државата Македонија во иднина. Ништо не останало невратено, а и секогаш и секаде има некој што однекаде гледа и пресудува. |