|
|
И попот и оџата се молеа за загинатите и брзо оздравување на повредените |
Манојил (Мане) Јаковлески И попот и оџата се молеа за загинатите и брзо оздравување на повредените Да не се повтори, да не се заборави! На ден 13.02.2019 година, по 16.30 часот, на магистралниот пат Скопје-Тетово-Гостивар се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа 15 патници. Седум лица го загубиле животот на самото место на несреќата, а останатите осум поради тежината на повредите починаа во клиниките каде биле транспортирани и покрај огромните напори на медицинскиот персонал да се спасат нивните животи. До сообраќајната несреќа дошло кога автобус на ‘‘Дурмо-турс‘‘ од Гостивар, кој сообраќал од Скопје кон Гостивар, од засега непознати причини излетал од патот и преминал на спротивната коловозна лента, ја пробил заштитната банкина и се превртил под стариот пат Скопје–Тетово во близина на село Ласкарци. Први на местото на несреќата излегоа жителите на селото Ласкарци кои помагаа во извлекувањето на повредените, а за кратко време било организирано обезбедување на местото на настанот, извлекување и згрижување на повредените, кои беа транспортирани во скопските болници „8 Септември“, „Свети Наум Охридски“, клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и болницата во Тетово. Гостивар е завиен во црно. Да не се повтори и да не се заборави! Во средата на 13-ти, во еден кобен миг, по тешката сообраќајна несреќа кај Карпалак, згаснаа животите на 15 лица Македонци, Албанци и Турци, претежно млади лица од Гостивар и околината. Меѓу загинатите се имињата на: 1. Раметула Абдураими, 2. Валдете Хамити, 3. Јовица Трпевски, 4. Арсен Арсовски, 5. Онур Садику, 6. Есат Емрули, 7. Ајдин Исмаили, 8. Бесим Фетаи, 9. Бејза Узеири, 10. Зоран Давидовски, 11. Бобан Аврамовски, 12. Трпана Јаневска, 13. Дејан Ристевски, 14. Павле Костоски и 15. Ферди Касо. На 13–ти февруари 2019 година не умреа Македонци, Албанци и Турци, туку млади луѓе, кои никогаш повеќе нема да се вратат во своите домови од своите работни места, од посетата на своите деца, од своето школо или факултет во Скопје. Тие наместо дома, заминаа кон своите вечни почивалишта. Македонија уште еднаш беше ранета, Нејзиното срце прокрвари за Гостиварци! Гостивар и околината не ја заслужи оваа трагедија. Тие се добри луѓе, кои научиле да живеат заедно, да се почитуваат меѓу себе без разлика на етничката и верската припадност. Најдобар пример за нивниот соживот беше 2001 година, кога населението не дозволи конфликтот да се прошири и кај нив. И во оваа катастрофа во која загинаа 15 Македонци, Албанци и Турци од гостиварско, уште еднаш ја покажа правата слика на Гостиварчани. Тие уште еднаш одржаа лекција во Македонија, ЕУ и САД како луѓето во овој регион се почитуваат. И попот и оџата се молеа за загинатите и брзо оздравување на повредените. Денес, за загинатите тагуваат не само нивните родители, жени, сопрузи и деца, за нив не тагува само градот Гостивар и населените места во околината, за нив не тагува само Полог, за нив тагува цела држава. Болката за изгубените животи и желбата да се спасат повредените ги обедини сите и правослвни и муслимани и старо и младо без разлика на етничка, верска или друга припадност. Сите беа единствени и сплотени при извлекувањето и спасувањето од превртениот автобус и единствени пред болниците кога нудеа секаква потребна помош. Се отворија вратите на скопјани за сите кои дојдоа пред болниците за да ги побараат и најдат своите најблиски. Жителите на село Ласкарци никогаш нема да го заборават13-ти февруари, како што ни другите никогаш нема да се заборават дека тие беа први кои излегоа на местото на несреќата, кои ги извлекуваа повредените и кои со свои коли ги пренесуваа до болниците оние кои што можеа. Тие при тоа не прашуваа кој е и што е. Едноставно гледаа да го спасат секој човечки живот, да му помогнат на секого кој беше згмечен под превртениот автобус. Трагедијата што им се случи на Гостиварци ги сплоти сите и на површина се појави долго скриената човештина, хуманизмот за кој постојано се прашуваме каде сме го заборавиле во изминатиот период. Трагедијата што им се случи на Гостиварци ни покажа дека смртта никогаш не ни најавува кога ќе пристигне и кого ќе земе. Ова сообраќајна несреќа е само уште еден пример дека без разлика на вера и етничка припадност, само со заеднички сили и разбирлив јазик можеме да ги надминеме последиците при разни несреќи и катастрофи. |