|
|
Омразата се учи. Ако не ја отфрлиш, исто е како да учиш други да мразат |
Омразата се учи. Ако не ја отфрлиш, исто е како да учиш други да мразат
Од Бил Николов, Претседател, Македонското меѓународно движење за човекови права Еден од пријателите на моите деца зборуваше за тоа како неговата етничка заедница не се согласува со друга етничка заедница поради долготрајни тензии меѓу нив. Ни кажуваше како неговите родители го учеле дека другата заедница е „лоша“. Потоа, праша, „а вие, кого мразите?“ Нашиот одговор беше – „никого“. Но, како да им објаснам на моите деца дека има многу други луѓе кои не’ мразат нас? Ние сме Македонци. Самото изговарање на името на мојата етничка заедница предизвикува гнев кај нашите угнетувачи. Да, самото наше постоење е повод за омраза. Нашата земја се вика Македонија. Отсекогаш се викала така, дури и кога била под окупација стотици години. Но, сега е принудена да го смени своето име. Исто како и нашиот етнички идентитет. И што можам јас да им кажам на моите деца? Како да им кажам дека нашата етничка заедница со сила се преименува и редефинира? Дека нашиот идентитет им се дава на нашите окупатори. Дека историјата на нашиот народ се пишува одново, со цел да се задоволат барањата на оние кои сакаат да не избришат. Дека нашите основни човекови права се кршат на сите можни начини. И дека Канада, земјата каде што сме родени, го слави и помага во бришењето на земјата од каде што потекнуваме?
За време на мојата средба со канадската амбасадорка во Македонија Кати Ксаба, таа ме информираше дека во иднина Канада ќе ја признава Македонија како „Северна Македонија“ (и покрај сите докази кои и беа укажани, вклучително и детали од моите средби со министерката за надворешни работи Кристија Фриланд и нејзините советници за надворешни работи). Принудното преименување автоматски го менува нашиот етнички идентитет во „Северно Македонски“. Што станува со македонскиот идентитет тогаш? Трите документи што САД и ги наметнаа на Македонија, Преспанскиот договор, иронично именуваниот Договор за пријателство и законот за јазиците – им ги даваат македонското име, идентитет и историја на Грција, Бугарија и Албанија. Ова е нова поделба на Македонија, со современ пресврт. Во 1913 година регионот Македонија беше поделен меѓу Србија (овој дел е сега независната Република Македонија), Бугарија, Грција и Албанија. Оттогаш Македонците се борат против обидите за наше бришење, принудна асимилација и територијалните претензии на соседите кои се преклопуваат над нашата територија. Како може Македонија во исто време да биде и српска и бугарска и албанска и грчка? Македонија и македонска. Не смее да се дозволи со политички игри и со корупција да се избрише нашиот вековен идентитет. Да не заборавиме на ироничниот пресврт, кога Грција, која во 1913 година го забрани името „Македонија“ и го негираше неговото постоење, во 1988 година драматично го смени ставот и почна кампања да го убедува целиот свет дека Македонија им припаѓа на нив. Ставете се на наше место. Како би се чувствувале ако вашиот етнички идентетит им биде даден на други, а притоа западниот свет земе активно учество во вашето бришење, и уште го слави тој чин тврдејќи дека е решен еден „дипломатски спор“. Ова е само еден од многуте документи од Кејот 21 и од островот Елис, од раните 1900ти години, со кои се признава дека македонските мигранти во Северна Америка имале македонска национална свест додека биле под турска окупација. Сега, со еден потег на пенкалото, нашиот идентитет и историја се бришат. Моето семејство дојде во Канада за да побегне од прогонот извршен од страна на Грција, Албанија, Бугарија и Србија. Што беше нивниот „злостор“? Што се Македонци. Сега Канада е соучесник на угнетувачите кои ја бришат нашата етничка група. Кати, ми кажа дека ти си со унгарско потекло. Како би ти било ако Унгарија принудно биде преименувана во „Западна Унгарија“, а унгарскиот идентитет и биде даден на Романија? Како би ти било ако група Романци седнат да ја напишат унгарската историја, исто како што сега комисија грчки дипломати ја препишуваат македонската историја (согласно членот 8(5)) од анти-македонскиот договор од Преспа? Што би сторила ако на документ на 19 страници се констатира дека од сега ти и твоите предци имате друг идентитет и дека се што си знаела за твојата етничка група веќе не важи? Кати, ние заслужуваме одговор. Македонците заслужуваат акција. Ако таа изостане, тогаш ВИЕ сте тие кои шират омраза. |