Среда, 01 Мај 2019   
КАТОЛИЧКАТА (УНИЈАТСКАТА) ЦРКВА СО ИСТОЧЕН ОБРЕД ВО МАКЕДОНИЈА

katin Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

  КАТОЛИЧКАТА (УНИЈАТСКАТА) ЦРКВА СО ИСТОЧЕН ОБРЕД ВО МАКЕДОНИЈА

Втора по големина христијанска црква во Македонија е Католичката црква. Таа ги обедину­ва верниците со римокатоличка вероисповед и верници­­те со источен православен обред (унијатите), од­носно со ви­­­зан­тиско словенски обред, кои припаѓаа на Унијат­ска­та (Ка­то­личката) црква. Термините, верници со исто­чен православен (византиски) обред (унијати), и Унијатска управа, се упо­требувале, како во офи­ци­јалните др­жав­ни документи, така и во литературата на поголем број македонски и други автори.

Меѓутоа, денес претставниците на ­Ка­толичката црква во Република Македонија не ги ­упо­тре­буваат горенаведените термини, туку изразите верници со истотен православен обред на Католичката црк­­ва  во Македонија.

Като­лич­ка­та црква во Македонија е една црк­ва со два об­реда, поради што се вика Католичка, што значи оп­­шта, од­носно заед­нич­ка црква. Според тоа, като­лич­ки­те верници и хра­мови од источен об­ред во Ре­пуб­ли­ка Македонија се присутни нај­мно­гу во струмичкиот крај, од­носно, во градот Струмица, во Радово, во Но­­ва Ма­ала, како и во Гев­г­елија, Богданци и Стојаково, доде­ка ка­то­ли­ци­­те од рим­скиот обред се нај­бројни во Скоп­је, Битола, Охрид и во други места.

Инаку, христијанството во Македонија се поја­ви­­ло уште на самиот почеток, односно со доаѓањето на апостол Павле на овие простори во 51-та година од новата ера. Впро­чем, спо­­ред делата апостолски (16.9), до­дека апостол Па­вле бил во Троада, во Мала Азија, преку ноќта имал ви­­дение: Сто­ел пред него еден човек Македонец, кој го молел и му ве­лел: „Пре­ми­­ни во Македонија и помогни ни!

Со доа­ѓа­њето на свети Пав­ле, хрис­ти­јан­­ството во Ма­ке­­донија за­поч­­­нало да се шири од градот Фи­ли­пи на сит­е стра­ни. Но се чини хри­стијанството во Ма­­кедонија сво­јот врв го достигнало во 9-от век, во времето на светите бра­­ќа Кирил и Ме­то­диј. Тие дадоа свој белег на хрис­ти­јанството не само во Македони­ја, туку и пошироко и ги поставија темелите на натамошнито развој на се­македонската култура, ли­те­ратура, религија, јазик и ду­хов­ното жи­ве­ење. Голе­мо­то дело на светите браќа Кирил и Методиј го про­дол­­жи­ја нивните ученици светите Кли­мент и Наум Охридски, кои ја фор­ми­раа и ги поставија темелите на првата сло­вен­ска епархија на Бал­ка­нот, во ли­це­то на Охрид­ска­та архиепископија.

Во текот на повеќе векови, христијаните во Ма­кедонија, како и на другите ближни и далечни просто­ри исповедувале заедничка и оп­што­прифатена вера, што збо­рува дека и Православната и Католичката црква ег­зи­стираат на овие простори од тогаш до денес. Меѓу­тоа, поради различните култури, начинот на разми­слу­вање и други причини, по­дел­бата на православни и ка­толици во смисла на верска поделеност, како и во светот така и во Македонија, постои од 1054 година.

v

Катедралата црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје

Во борбата за црковно ослободување од ели­нис­тичкото влијание, покрај националниот дух кај ма­ке­донскиот народ се буди и духот за црковна независност од Цариградската патријаршија. По неуспешното ба­­­рање сојузник во разни независни цркви, обидот за ос­­ло­бодување од ју­рисдикцијата на Цариградската па­три­­јаршија завршува со унијата, од­нос­но соединување со Католичката црква во 1859 година. А, унијатство­то во Ма­кедонија, термин што во последно време е заме­нет со сое­ди­ну­ва­­ње се појавило како резултат на опште­ствените, економско-поли­тич­ки­те, социјалните, кул­тур­ните, црковните, образовните и други (не)при­ли­­ки. За­тоа, Македонците често се обраќале до римските папи за по­кро­­вителство преку прифаќање на црковната ју­рисдикција на Римо­ка­то­личката црква, а со цел да се ос­ло­бодат од Цариградската патријар­ши­ја. Својата кулминација ова движење ја постигна во педесетите годи­ни од 19-от век.

Инаку, првата унијатска црква, односно Католичката црква од ви­зан­тиско-словенски обред во Македонија, е формирана во Кукуш во 1859 го­дина, позната како Ку­кушка унија или Кукушко соединување, во која членува­ле голем број видни македонски преродбеници. Тоа, всушност, било движење за отворање на училишта на македонски јазик, или на јазикот на кој зборувале Македонците во кукушко-солунскиот регион. Уни­јат­ството, односно соединувањето било движење за еман­ципација и ослободување од грцизмот, односно црков­но-просветно движење про­тив грцизмот што во тој пе­ри­од имал широки размери во Македонија.

Посредници меѓу Кукушката унија (соединување) и Католичката црк­ва биле претставниците на солунската лазаристичка мисија, кои тогаш ја имале започ­на­то прозелистичката агитација меѓу македонското на­се­ление во Јужна Македонија. Солунската лазаристичка ми­сија буд­но ја следела расположбата на кукушаните и на­­сто­јувала да привлече го­лем дел од населението во уни­јата, односно соединувањето со Римо­ка­то­личката црк­ва. Критичниот момент за кукушани настапил кога тие го от­фр­лиле грчкиот јазик од богослужбите и училиш­тата. При­тоа, дошло до првите среќавања и нео­фи­ци­јал­ни пре­говори со мисионерите за премин во уни­ја­тство­то. Од дру­га страна, пак, лазаристите се стремеле да се здо­­­би­јат со доверба кај децата, а преку нив доаѓале во контакт со нив­ни­те родители и ги со­ве­тувале да пре­ми­нат во унијатство.

Активностите продолжувале со доаѓањето, на епи­скопот Нил Изворов, во 1883 година, кога бил именуван за архиепископ со седиште во Цариград. Со тоа биле соз­да­дени два апостолски викаријата: Апостолски ви­ка­ри­јат за Бугарија со седиште во Едрене и Апостол­ски вика­ри­­јат со седиште во Кукуш - Солун, каде за прв апо­стол­­­ски викар бич именуван Лазар Младенов.

Со создавањето на Апостолскиот викаријат, во Ма­ке­донија била формирана правна структура на Ка­то­личката црква од византиско-сло­венски обред (унија­ти). Епископот Младенов ја означил јасната насока на раз­­­војот на Католичката (Унијатската) црква во Ма­ке­до­­нија. За време на неговото управување Унијатската (Ка­толичката) црква во Македонија го достигнала својот максимум. Така, во 1888 година, бројот на верниците бил околу 100.000, а имало 60 енории. Тој прогрес на Уни­јат­ска­та (Ка­то­лич­ката) црква бил од краток век. Не­среќ­ни­те околности што го зафатија тој крај од Македони­ја негативно се одразиле и кај верниците од источни­от об­ред (католиците).

Колку движењето за унија (соединување) со Римо­католичката црк­ва станувало помасовно, толку повеќе се активирале противниците на тоа движење, а посебно Бугарската егзархија и Грчката цариградска па­три­­јар­шија, чии интереси директно биле загрозени. Исто така, не ос­та­на­ле настрана и некои од големите сили, кои би­ле антикатолички расположени.

Поделбата на Македонија во балканските војни и таканаречениот Букурешки мировен договор беше катастрофална за Унијатската (Католичката) црква во Македонија. Вер­ни­ците од византиско-словенски обред (унијатите) од Кукуш, Солун и други места во Јужна Македонија, која со договорот потпадна под Грција, биле прогонети од своите огништа и биле принудени да бараат засолниште во други делови на Македонија, особено во дој­ран­ско-струмичкиот регион, а и на други места.

Во текот на Втората балканска војна, Уни­јатската (Ка­толичката) црк­­ва во Македонија била речиси уни­штена. Кукуш, унијатскиот (ка­толич­ки­от) центар на Ма­кедонците и главно седиште на католичкиот епископ, бил сосема разорен од грчките војски. Така на 6 јуни 1913 година, грчките тру­пи ги запалиле сите 1846 куќи и 612-те продавници кои биле пре­тво­ре­­ни во пепел. Слич­на судбина ги снашла и четириесетината села во Ку­куш­ка­та оп­штина, дванаесет села во Дојранската општина и петнае­се­тина села во гев­ге­ли­скиот крај.

vv

Кукуш во 1913 година

По поделбите и лошата судбина на Македонците по балканските вој­ни, Македонците унијати (католици) привремено биле под заштита на ла­­­тинскиот архиепископ во Скопје. Тогаш и се забележаче почетните ак­­тив­но­сти кај унијатите (католиците) во Македонија. Како ре­зултат ­на тоа, на 24 јануари 1923 година за првпат е от­служена богослужба во Стру­ми­ца. Потоа, на 19 ок­том­ври 1923 година, со Декрет на Конгрегаци­ја­та ­за ис­­точ­ните цркви, унијатите (католиците) во Македонија стану­ва­ат со­­­ста­­вен дел на Крижевачката епархија. На 28 ју­ни 1924 година со Де­крет на Крижевачкиот ординариј е основан деканатот Свети Ки­рил и Ме­то­диј.

Во периодот од 1941 до 1945 година, унијатите (ка­то­лиците) од Ма­ке­донија биле под јурисдикција на Апо­столскиот егзархат во Софија, Бу­га­рија. Потоа, по Вто­ра­та светска војна, во новоформираната Федератив­на Народна Република Југославија, а со конституирањето на Народна Ре­­пу­блика Македонија, положбата на уни­јатите (католиците) во Маке­до­­нија рапидно се измени во позитивна насока. Во 1945 година, пак, вер­ни­ците со византиско-словенски обред во Македонија влегоа повторно во рам­ките на Крижевачката епархија, во која останаа се’ до 1995 година. Во тој период на духовно живеење во 1954 година се обнови Ар­хи­је­реј­ско­то намесништво во Македонија.

Се чини, еден од најзначајните датуми за Ка­то­лич­ката црква во Ма­кедонија е 3 јули 1972 година, кога со Де­крет на Конгрегацијата за ис­точните цркви, за скоп­ско-призренски епископ со целосна јурисдикција беше име­нуван монсињор д-р Јоаким Хербут, кој и сам по потекло беше од ви­зан­тиски обред. Тој,  истовремено беше именуван за апостолски визитатор за верниците со источен обред, со седиште во Скопје и покрај тоа што верниците на Католичката црква од Македонија беа составен дел на Крижевачката епархија.

На 11 јануари 2001 година, пак, неговата светост, па­пата Јован Павле Втори, во Ватикан го потпиша Де­кретот за воспоставување Апо­столски егзархат (епар­хи­ја), за католиците со источен обред во Ма­ке­до­нија. Декретот е објавен во Ватикан на 25 јануари 2001 годи­на. Притоа мон­сињор д-р Јоаким Хербут, бискупот скоп­ски, беше именуван за прв апо­сто­л­ски егзарх, а за седиште на Егзархатот е одреден градот Стру­ми­ца. Ис­то така, одредено е енориската црква Успение на Пресвета Бо­го­ро­дица во Струмица да стане катедрална црква. Со тоа апостолскиот прес­тол во Рим потврди дека верниците со византиско-словенски обред се способни да имаат своја епархиска институција. Потоа се потврди дека Ре­пуб­лика Македонија е црковно-правна земја со свои соп­ствени закони и со религиозно живеење и со мож­ност вер­ниците да се служат со својот мајчин ја­­зик во бо­го­служ­бите. Востоличувањето на егзархот д-р Јоа­ким Хербут се изврши на 1-ви мај 2001 година, во при­сус­тво на голем број вер­ници и гости.

Денешната Католичка црква со источен обред во Ре­публика Македонија на чело со бискупот Киро Стојанов е организирана во пет енории и три филијали и тоа: во Богданци, Гев­ге­лија со филијала во Стојаково, Нова Маала со фи­лијала во Чанаклија, потоа Радово, како и Струмица со фи­ли­јалата во Петралинци.

Најстара е Католичката енорија во Богданци. Таа е основана од француската лазаристичка мисија од Со­лун, уште на почетокот на дви­же­њето за соединување (унијатство) со Католичката црква во 1868 го­дина. Таа е посветена на свети Кирил и Методиј, чиј прв храм е из­гра­ден во ми­натиот век, а целосно е обновен во 1987 го­дина. На почетокот со ено­ријата управувале фран­цу­ските лазаристи од Солун, а од 1913 година за парох бил именуван отец Христофор Димитар, кој останал до евакуација­та во 1916 година. Од тој период до денес упра­вувале десетина свештеници..

Католичката енорија во Гевгелија е основана ис­товремено кога е обновена еноријата во Богданци, меѓу 1868 и 1870 година. И неа ја фор­ми­рале француски­те лазаристи од Солун, кога била изградена црква од др­­вен материјал. Црквата била запалена, затоа денес бо­го­службите се вршат во манастирската капела на се­стрин­ските епархии, којашто е по­све­тена на своите апо­столи Петар и Павле. Инаку, сестрите евха­рис­тинки во Гевгелија дејствуваат од 1902 година. Во периодот од формира­ње­то до денес, во оваа енорија дејствувале околу се­дум свештеници.

Католичката енорија во Стојаково, денес фи­ли­јала формирана е во првите години на соеди­ну­ва­ње­то со Католичката црква (уни­јат­ството), во 1861 го­дина. Во првите години бројот на унијатските (ка­то­­лич­ките) ку­ќи бил околу 300. Таму е изградена пр­вата Уни­јат­ска (Ка­то­личка) црква Света Недела, која била од­земена од пра­вославните вер­ници. Во 1933 година е адап­тира­на ед­на стара куќа, наречена Мандра, по­све­тена на Воз­несението на Пресвета Богородица. Де­неш­ниот нов храм из­граден е во 1968 година и посветен е на свети Климент Охридски.

Католичката енорија Нова Маала е основана во 1914 година. Откако турското население замина од Но­ва Маала, во испразнетото село се доселиле жители од селото Лелово, од Егејска Македонија, заедно со све­штеникот Атанас Иванов, кој бил и прв парох на оваа ено­рија. Во почетокот верниците адаптирале една куќа во храм кој го посветиле на Вознесението на Пресвета Бо­городица. Денешната црква, што е рес­тав­рирана, из­градена е во 1937 година и посветена е на Вознесение­то на Пре­света Богородица. Во оваа енорија, од 1972 го­дина дејствуваат чес­ни­те сестри евхаристинки.

vvv

Црква Вознесение­то на Пресвета Богородица во Струмица

Католичката енорија во Радово е основана во 1914 година за време на балканските војни. Тогаш, верниците од Алексово и околните села на кукушката околија, во Егеј­­­­ска Македонија, се населиле во Радово. Уште со самото доаѓање духовниот пастир отец Стојан Поп-Пецов заедно со верниците адаптирале една соба во турското училиште, за потоа да преуредат една стара куќа во храм, посветен на свети Илија. Во 1928 година се отпочна со изградба на нов храм кој и денес се користи. Во Радо­во дејствуваат чесните сестри евхаристинки од 1978 го­дина. Поранешен парох на еноријата во Радово беше бискупот  д-р Киро Стојанов.

Католичката енорија во Струмица е основана во 1924 година, а една година подоцна, во 1925 година изградена е денешната црква по­све­тена на Вознесение­то на Пресвета Богородица. Прв парох во оваа ено­рија бил отец Атанас Иванов, кој во 1962 година стана и декан. Од 1973 година, по смртта на отец Иванов, упра­­вител на еноријата станува монсињор д-р Јоаким Хер­бут. И во оваа енорија, од 1965 година дејствувале чесните сестри евхаристинки. Денес  упра­­вител на  оваа еноријата е бискупот  д-р Киро Стојанов.

На празникот Вознесение на Пресвета Богороди­ца, на 27 август 1987 година се изврши големото осветување на енорската црква во Струмица. Осветувањето го извршија: Алпјзис Турк, поранешниот белградски архиепископ, апо­столскиот визитатор за католиците од византиски об­­ред во Македонија, д-р Хербут и крижевскиот епископ мон­сињор Сла­во­мир Микловш.

Една од постарите католички цркви во Македони­ја е Свети Кирил и Ме­тодиј, во селото Петралинци, Стру­мич­ко. Камен темелник на оваа црква е поставен во 1929 година, за подоцна да биде и изградена. Црк­ва­та е це­ло­сно обновена во 1987 година, кога е и осветена. Исто така и во селото Чанаклија, Струмичко изграден е хра­мот Свети Ѓорѓи чиј ка­мен-те­мелник е поставен на 26 јули 1989 година, а на 6 мај 1990 година е ос­ветен хра­мот. Се чини, црквите посветени на Исус Христос во Слопје и на просветителите све­тите бра­ќа Кирил и Методиј во Ох­рид, се нај­го­лемите и најзначите католички храмови во Македонија.

Според податоците на Католичката црква од источен православен (византиско-словенски) обред во Република Македонија, бројот на верниците во 1974 годи­на изнесувал 4.593, а во 1977 година тој број се зголемува на 5.206. Де­нес во петте енории во струмичкиот крај, бројот на верници­те од источен православен (визан­тис­ко-словенски) обред изнесува околу 5.800. Меѓу­тоа вкупниот број на овие вер­­ници на целата терито­ри­ја во Република Македонија е околу 10.000, а ги слу­жат околу 6 свештеници.

Исто така, треба да се потенцира дека во состав на Католичката црква во Република Ма­ке­донија работи Хуманитарната организација „Каритас“, која игра значајна улога во давање помош на на­се­ле­ние­то, без разлика на нивната верска и друга при­па­д­ност. Исто така, во нејзин состав работи редовното училиште, хорската, литературната и други секции. Католичката црква во Република Македо­нија има добра соработка со сите цркви и други верски заедници, особено со Ма­ке­донската православна црква-ОА, што е значаен прилог на севкупното жи­веење на државата.

 

На прво место

News image

Ова се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижи и ограби Македонија

ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.