|
|
Една мајка не родила – Македонија! |
Атанас Кирјаков Нас, Македонците од Пирин, Вардар, Егеј до Мала Преспа една мајка нè родила, една земја ни ја втиснала крвта во вените: Македонија! Нашиот завет, нашата клетва, нашата судбина. Нас не не' делат граници, туку не спојува крвта на борците, болката на мајките, песната на дедовците. Нас не не делат народи, туку не обединува истата мака што ја пееме низ вековите, што ја пролеавме низ куршумите, камите и бесилките на оние што сакаа да нè избришат. Нема нива, нема лозје, нема бафча во Македонија каде не е закопан борец, каде не е пролеана солза, каде не се слушнал последен крик за слобода. Нашата земја не е само почва таа е светилиште на најдобрите, најумните и најхрабрите македонски синови и ќерки. И сега, кога крвавите договори од Букурешт, преку Нивици до Софија сè уште се обидуваат да нè разнебитат, кога новите лажни пријатели ни наметнуваат заборав и срам, ние велиме: НЕ! Не забораваме, не простуваме, не се откажуваме! Ги потцениле тие што мислат дека со потпис ќе ја избришат нашата песна. Грешат тие што веруваат дека со декларации ќе ја скинат нашата борба. Зашто македонскиот народ знае да прости, но никогаш да се предаде. Денес, повеќе од било кога, македонската национална свест гори во Пирин, Вардар, Егеј, Мала Преспа, Таа свест не ја учиме од книги, туку ја носиме во коските, низ преданијата, низ песните, низ гробовите на нашите дедовци. Таа свест не ја уништуваат ни камшикот, ни лагата, ни поткупот. Затоа НЕ! не се предаваме! Не се срамиме од она што сме, Македонци! Не бегаме од нашето име Македонија! Не бегаме од нашата борба обединета и слободна македонска држава! Колку и да се обидуваат да ја потиснат, македонската песна пак ќе одекнува. Македонското оро пак ќе се фати на секое трло, на секој мегдан. И македонското знаме пак ќе се вее гордо, од Пирин, преку Вардар, Егеј до Мала Преспа! Борбата не е завршена. Борбата продолжува. И таа ќе трае сè додека Македонија не биде целосна, обединета и слободна. Македонија вечна! АМИН! |