|
|
| Грција и Европо, дали ќе проговорите за Загоричани? |
|
Ова не е историска полемика, ова е обвинение со име, датум и место. Имињата се познати. Датумот е запишан. Злосторството, неказнето. На 25 март 1905 година, на големиот христијански празник Благовештение, во македонското село Загоричани (денес Василиада, Костурско) егејска Македонија, беше извршен еден од најкрвавите масакри врз македонско цивилно население. Грчки андартски чети, влегоа во селото со јасна цел – истребување. Ова не го направија „непознати лица“. Во историските извори се споменуваат грчки андартски формации под водство на капетани како Георгиос Цондос – Вардас (Γεώργιος Τσόντος – Βάρδας) и други андартски водачи активни во Костурско во тој период. Делуваа со поддршка на грчките конзулати и Цариградската патријаршија, под закрила на тогашната османлиска немоќ и европската рамнодушност. Жртвите? Десетици македонски цивили – во некои извори над 60, во други повеќе од 100. Убиени беа жени, деца, старци, цели семејства. Сведоштва говорат за бремени жени убиени со неродените деца во утробите. Оние Македонци се убиени без суд, без вина. Само поради тоа што одбиваа да се наречат Грци. Грција и Европо, и денес, во 21 век, вие не само што не се извинувате – туку негирате, премолчувате и фалсификувате. Во вашите учебници нема Загоричани. Во вашите споменици нема македонски жртви. Има само славење на андартите како „ослободители“, додека зад нив остануваат масовни гробници на Македонци. Европска Унијо, ако си навистина Унија на вредности, тогаш ова прашање е и твое. Има дипломатски извештаи од почетокот на XX век, има сведоштва од странски новинари и конзули кои зборуваат за бруталноста на нападот врз Загоричани. Европо, ти знаеше, и тогаш и сега. Затоа, денес, симболично, но гласно, го поставуваме прашањето што вие го избегнувате: -Кога ќе се отвори меѓународна, независна историска истрага за злосторствата врз Македонците во Егејска Македонија? -Кога Загоричани ќе биде признаено како масакр врз цивилно население? -Кога Грција ќе се соочи со сопственото минато, наместо да го закопува? Ова не е повик за омраза, ова е повик за вистина, признавање и историска правда. Загоричани не е само датум – 25 март 1905. Загоричани е доказ дека македонскиот народ преживеал обид за истребување. И Загоричани ќе продолжи да биде обвинение – сè додека молкот не биде заменет со вистина. Европо, наместо да го истражиш масакрот во Загоричани, наместо да ги отвориш архивите за злосторствата врз Македонците во Егејска Македонија, ти избра друг пат – патот на притисокот врз жртвата, а не врз џелатот. Наместо правда – услови. Наместо вистина – уцени. Под твој директен притисок, и со помош на домашни предавници, Македонија беше принудена да го смени своето уставно име, да го менува Уставот, да се откаже од дел од сопствениот идентитет во замена за празни ветувања. И не застана таму. Денес продолжуваш со истата дволична политика, вршејќи нов притисок – внесување на Бугарите во Уставот, како уште еден услов, уште една понижувачка лекција за „европско однесување“. Додека бараш од нас отстапки, не бараш ништо од оние што негираат. Ако Европа навистина верува во правда, таа не се гради со бришење на идентитети, туку со признавање на злосторства. Ако верува во човекови права, тие не смеат да бидат селективни. Ако е Унија на право, тогаш мора да престане да биде Унија на дволична политика. Загоричани чека правда повеќе од еден век, а Македонија чека чесен однос. |















