Недела, 14 Февруари 2010    Печати
Свети Трифун, Зубовското вино и ракија и Зубовчани

Празникот посветен на Свети Трифун, уште познат како заштитник на лозовите насади, на винарите и лозарите, во село Зубовце е доста значаен празник, и се одбележува со децении наназад и со големо задоволство и внимание.

Календарски Свети Трифун се слави на 14 февруари и како именден, во куќи каде што има крстено со името Трифун,Трифе...

Со закројување на лозјата, желби за добар род и наздравување со по некоја чашка вино, Зубовчани го обележуваат празникот Св. Трифун.

Овој ден во православниот календар му е посветен на светецот Трифун, светител со голема исцелителна моќ, кој маченички пострадал во 250 година.

Од памтивек лозарите во Зубовце го прославуваат 14 февруари како ден на заштитникот на виновата лоза и на овошките, св. Трифун. По традиција, се излегува на лозјените насади и со молитва се закројуваат неколку прачки.

Од постарите се слушаат претскажувања дека ако тој ден биде сончев и грозјето и виното таа година ќе бидат убави и созреани, а ако биде дождливо се верува дека и грозјето ќе биде како што го викаат измиено, односно ќе нема доволно шеќер. Со обредното закројување што се врши на денот на свети Трифун почнува новата лозарска година. Свети Трифун е еден од поголемите зимски празници што се слави во сите краеви на Македонија.
Црквата во село Зубовце
Во Зубовце на овој ден во минатото рано наутро се одело во црква, каде што свештеникот кажувал молитва и осветувал вода.

Осветената вода, за која се смета дека по осветувањето има лековита моќ, луѓето ставаат во шишиња и ги прскаат лозјата, при што се изведува и обредното закројување на некогаш познатите зубовски лозја од кое Зубовчани произведувале за своја домашна употреба квалитетно домашно вино и ракија. Можеби, причина за тоа е што денот што е посветен на овој светител е во периодот кога зимата одминува и се очекува природата наскоро да почне да се буди.

Карактеристично за закројувањето на зубовските лози е тоа што, додека оделе да ги закројуваат виновите лози, со себе секој си носел ракија, домашно вино, пржени Зубовски колбаси со сушени пиперки и јајца, откога ќе ги закроеле лозјата секој во своето лозје јадел а потоа се собирале во групи и продолжувале со пиење. Зубовчани, скоро редовно знаеле да се напијат “машки“ за овој празник.

Инаку, една од причините што е запрена традицијата за одгледување гроздови насади во Зубовце е изградбата на Мавроското Езеро а со тоа е промената и климата.

Во Зубовце и денес има познати мајстори за правење домашно вино и домашна ракија.

Оваа вековна традиција во Зубовце продолжува, Свети Трифун и денес се слави, а младите Зубовчани нема да дозволат оваа долговековна традиција да згасне.

Инаку овој празник- Свети Трифун, 14 февруари, денот на лозарите, е ден и на земјоделците кои по зимското затишје, за прв пат во новата година излегуваат по полињата и ги закроијуваат лозите, дрвјата и ја благословуваат земјата. На овој ден традиционално се собира семејствотo и се пече пита под вршник и се пие вино и ракија. Откако ќе се "загреат" сите заедно одат во лозјето и го започнуваат кроењето на лозниците со желби за берикет и плодна година. Обичаите кои се изведуваат на овој ден се разликуваат по региони.

Витко Огњаноски, Зубовце