Недела, 14 Февруари 2010    Печати
Неколку илјади граѓани и гости го следат меѓународниот карневал „Прочка“ во Прилеп
Меѓународниот карневал „Прочка“ во Прилеп што почна синоќа со дефиле на преку 1.000 домашни и странски учесници со над 200 маски, го следат неколку илјади граѓани и гости.

На дефилето има традиционални, еколошки маски за заштита на планетата, заразени од интернетот, последици од кризата и маски на многу актуелни теми. Печат на карневалот оставаат мечкарите, маска од пред христијанството што ја нема никаде на Балканот.
Меѓународен карневал Прочка во Прилеп
Прилепски мечкари

- Иако карневалот слави 10 годишен јубилеј, преправањето како организирана, меѓународна манифестација има вековна традиција. Некогаш со функција да се избркаат злите духови, да се најави преминот од зимата во пролета, сега целта е да се изразат желбите, да се укаже на состојбите, да се располжат луѓето и да си ги простат гревовите, вели етнологот Ели Милошеска, дел од жирито што ќе ги оценува најдобрите годинашни маски.

Според Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Мечкари” кое заедно со локалната самоуправа е организатор на карневалот, годинава има голем интерес за маскирање, но и нови маски како што се радевските пампури, слични на мечкарите.

Карневалот е гордост на Прилеп, вели градоначалникот Марјан Ристески. Тој е афирмација за градот кој се подготвува во 2012 година да биде домаќин на конвенцијата на европските карневалски градови. Гости дојдоа од Бугарија, Србија, Албанија и од сите македонски карневалски градови и места.