|
||||
Писмо и текст на македонски јазик стари 2.200 години |
Текст на египетски камен во местото Розета е дешифриран како антички македонски напис, тврдат македонските научници академик Томе Бошевски и проф. Аристотел Тентов од Електротехничкиот факултет, по неколкугодишни истражувања. Ова, велат истражувачите, потврдува дека античките Македонци биле писмени, што се коси со досегашни тврдења на светската наука. Најпознатиот експонат во Британскиот музеј Светски познатиот Камен од Розета, најпознатиот пишан артефакт од Египет, е најден во 1799 година во местото Розета (на египетски Ел Рашид) во Египет, при копање за изградба на фортификациски објекти од страна на француската војска во текот на египетската воена операција на Наполеон Бонапарта. Тогаш и Англичаните влегуваат во судир со француската војска и оваа краткотрајна војна завршува со потпишување примирје во Александрија во 1802 година и со пораз на француската војска. Во согласност со одредбите на ова примирје Каменот од Розета, заедно со сите други ископани артефакти, им припаднал на Англичаните, кои го пренесуваат во Англија и го сместуваат во Британскиот музеј во Лондон, каде што и денес е изложен како еден од најпознатите експонати. Во јули 2003 г. Египет бараше враќање на Каменот од Розета. Kопии од овој познат камен има речиси во сите европски музеи. Изработен е од гранит со импозантни димензии: височина 1,44 метри, широчина 0,72 метри, дебелина 0,28 метри и тежина 762 килограми. Содржината на Каменот е всушност декрет на фараонот (царот) Птоломеј V Епифан Евхаристос по повод првата годишнина од неговото крунисување во 196 г.п.н.е. Напишан е од група свештеници во Египет, во чест на египетскиот фараон и наведена е листа на сите работи што тој ги направил, а биле добри за свештениците и за народот на Египет. Сега првпат е дешифриран и средниот текст, за кој Бошевски и Тентов тврдат дека е напишан на антички македонски јазик. Двајцата истражувачи тргнаа од претпоставката дека јазикот бил македонски, односно од балканскиот ареал. Основа за таков пристап е што со Египет владеела династијата Птоломеи (кои се антички Македонци, зашто основач на династијата е Птоломеј Сотер, генерал на Александар Македонски), така што античкомакедонскиот бил и државен јазик на Египет на кој се пишувале сите државни документи. Од карактеристиките на писмото на средниот текст од каменот, беа издвоени следниве: писмото е доминантно слогово со учество на мал број пиктографски знaци, слоговите се исклучиво од типот согласка-самогласка, постојат знаци за пишување на изолирани согласки и самогласки и покрај стандардното пишување на слоговите знаци еден до друг, тие се пишуваат и еден над или врз друг. Во текстот, исто така, се среќаваат имињата на два бога и тоа како во оригинал се изговарале на античко-египетски. Еве некои зборови: наше име, најнаше име, деца, децана, деца мои, божен, најбожен, господар, господари, же(и)во, бога, бога нашион, на нашево бога Sе (Светлина, Sевс?), на бога се деца, налеа (статуа налеана), надеж', тој, мој, мо (јас), мои, вои (вие), ј'ви (јави), б'де (да биде), најзе (нејзе), дивејеи (се диви, восхитува), ата (татко на старословенски) итн. - Незамисливо е дека народот што речиси 300 години владеел со целиот тогашен цивилизиран свет бил неписмен на својот јазик. Со ова наше истражување докажуваме дека имало писменост и го откриваме писмото и дел од јазикот - вели проф. Тентов. Проектот „Дешифрирање на средниот текст на каменот на Розета" се одвивал под покровителство на МАНУ. |