Среда, 03 Јуни 2020    PDF Печати Е-пошта
ПРВИОТ РИМСКИ ИМПЕРАТОР ШТО ГО ПРИЗНАЛ ХРИСТИЈАНСТВОТО

konstantin

3 јуни е празникот на светите рамноапостолни цареви Константин и Елена. 4 јуни е празникот на свети Јован Владимир светец со голем култ во југозападна Македонија.
ЗА МНОГУ ГОДИНИ.
3.VI/21 V. СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА

ПРВИОТ РИМСКИ ИМПЕРАТОР ШТО ГО ПРИЗНАЛ ХРИСТИЈАНСТВОТО

Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Именден празнуваат: Костадин, Костадинка, Кочо, Елена, Ленка...

Во првите три века христијанството било жестоко прогонувано, но сепак, бројот на неговите приврзаници постојано се зголемувал. Во четвртиот век за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан прогоните биле најжестоки. Биле уривани христијанските храмови, биле палени христијанските книги, а христијаните биле подложувани на најжестоки измачувања. Дури за време на Констанциј Флор, таткото на Константин односот кон христијаните омекнал.
Константин е најстариот син на царот Констанциј Флор, и царицата Елена. Констанциј имал и други деца од друга жена, а со Елена го имал само Константина. Константин е роден во Ниш на 27 февруари 274 година, каде што татко му како висок римски службеник тогаш бил на служба. Кога татко му умрел, во Англија, во 306 година како император на Западната римска империја Константин го заменил на императорскиот престол.

Мајка му Елена, многу добра и побожна жена, го советувала да не ги напаѓа христијаните туку да ги заштитува зашто тие се добри луѓе. За време на школувањето во царскиот двор Константин со болка на душата гледал како царските војници ги мачат и убиваат христијаните. Кога станал император тој раководел со мудрост и разбирање за сите поданици на империјата. Тогаш и христијаните почувствувале поголема слобода за своите верски чувства. Но тоа се чувствувало само во еден дел од империјата. Другите делови и натаму страдале, особено тоа било случај во делот на Италија што бил под власта на тиранинот Максенциј. Не можејќи повеќе да ги трпат неговите насилства во 312 година народот го повикал Константина да ги ослободи од тиранијата на овој владетел.

Пред битката против Максенциј, истата година, исплашениот Константин размислувал на кој бог да му се моли. Еден ден околу пладне, на небото видел нишан ‒ светол крст и напис: „Со овој знак ќе победиш“. Тоа го виделе и неговите војници. Потоа следната ноќ на царот Константин и во сонот му се јавил Спасителот со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи непријателот. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал. А неговиот опис бил следниов: На копје покриено со злато имало пречник што со копјето правел крст. На врвот од копјето имало венец од злато и бесценети камења, а на венецот првите две букви од Христос: Хр. Овие две букви подоцна царот ги носел на шлемот. На пречникот висела тенка пурпурна ткаенина навезена со злато и покриена со бесценети камења. На копјето под самиот крст, а на горниот дел од ткаенината биле насликани во разни бои ликовите на царот и неговите деца.

Со овој знак Константин влегол во борба против Максцениј, кој со силна војска бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Бегајќи со многу војници Максцениј се удавил во реката Тибар на 28 октомври 312 година. Царот Константин влегол во Рим, радосно пречекан од населението затоа што го ослободил градот од тиранинот. Веднаш потоа донесол закон, познат под името Милански едикт во 313 година, со кој го забранил прогонувањето на христијаните, им дозволил да градат храмови и во нив да се молат. Тогаш, голем број христијани со лични средства изградиле цркви во кои се молеле.

Царот Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека тој е чувар на Римската империја. Подоцна изградил и статуа со својот лик со крст во десната рака и со напис на латински јазик: „Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив нашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај.“ Но тогаш тешко се разболел, а лекарите и жреците му советувале да се избања во крв од заклани деца, што тој го одбил. Тогаш на сон му се јавиле светите апостоли Петар и Павле, кои го советувале да го побара епископот Силвестер кој ќе го излекува од страшната болест. Царот ги повикал христијаните и ги прашал дали имаат богови што се викаат Петар и Павле. Тие му одговориле дека имаат само еден бог Исус Христос, а дека Петар и Павле се светци што нему му служат и дека маченички загинале токму тука во Рим. Царот го побарал епископот Силвестер, а овој откако го запознал со верата христијанска, го крстил по што и болеста исчезнала. Така царот Константин бил првиот римски цар што бил крстен. Според друго предание царот Константин е крстен во Никомидија непосредно пред смртта, иако христијанската вера ја исповедувал од многу порано. За време на својот живот царот Константин изградил повеќе цркви, а тоа го направила и мајка му Елена.

Уште два пати царот Константин имал чудни визии со чесниот крст и двата пати извојувал значајни победи, една против Скитите на Дунав и една против Византијците. Кога победил и во битката со Византијците изградил град на Босфор, кој по неговото име е наречен Константинопол, Нов Рим или Цариград.

Кога настанале потреси во црквата поради дејствувањето на еретикот Ариј, царот Константин го свикал во Никеја Првиот вселенски собор, во 325 година на кој било осудено учењето на Ариј и победиле вистинските принципи на православието.

Мајка му Елена е заслужна за пронаоѓањето на светиот крст на кој бил распнат Исус Христос. Првите три века по Христа не се знаело каде се наоѓа крстот Христов. Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб, бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. Царицата Елена наредила да се копа околу гробот Христов но таму нашле три крста бидејќи во близината биле и гробовите на двајцата разбојници што биле распнати во исто време. Тогаш се појавил проблем, не можеле да дознаат кој од трите е Христовиот крст. Во тоа време минувала погребна поворка и царицата Елена наредила мртовецот да се стави на трите крстови. И се случило чудо, на еден од нив мртовецот оживел. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим потрчале да го видат крстот. Но од големата турканица што се создала не можеле да го видат, поради што владиката ерусалимски Макарие, неколку пати го кревал и спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј.“ Потоа царицата изградила голема црква на местото каде што бил распнат Исус и каде што подоцна во 326 година го пронашле крстот на кој бил распнат.

Царицата Елена умрела на 18 август 327 година во 80-тата година од животот. Според некои сведоштва умрела во Палестина, а по две години моштите биле пренесени во Цариград и биле погребани во црквата на Светите Апостоли. Аџијата Антоније видел во 1200 година дека телата на Константин и на Елена лежеле во еден гроб. За чудата што ги правеле моштите на Елена многу се раскажувало на запад особено во Франција. Според други Елена умрела во 326 година, нејзиното тело било погребано во Виа Лавакана во Рим, а подоцна било пренесено во Цариград.
Константин десет години ја надживеал својата мајка. Умрел во градот Никодимија на 22 мај 337 година, по 32 години царување, кога имал 65 години. Според личната желба неговото тело било погребано во специјално за таа пригода изграден гроб во црквата „Свети Апостоли“ во Цариград.
Култот кон Константин и Елена почнал да се шири во IV век, а во црковните песни царот Константин, кој уште се вика и Константин Велики се споредува со светиот апостол Павле. Останал забележан како втемелувач на христијанството и основач на Цариград (Константинопол).
Нивниот заеднички празник се празнува на 3 јуни според новиот, (односно на 21 мај според стариот) календар и во некои краишта се смета за тежок празник. Во Гевгелиско се сметал за тежок празник (аталија) и никој не работел. Се одело на панаѓур во с. Мрзенци. Во Радовиш одвечер оделе во с. Конче, таму во црквата ноќевале и оставале ветени дарови: крпи, кошули, чорапи, или стока: јагниња, телиња и др. Сето тоа се правело за здравје.

М. Цепенков забележал дека во Прилеп св. Константин и Елена биле покровители на базриѓанскиот (трговскиот) еснаф. Нивниот празник кој го викале „Свети цареи“ го празнувале на 21 мај (стар стил).

Под манастирот „Свети Наум Охридски – Чудотворец“, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита но најмоногу на празникот Св. Константин и Елена. Според едно предание свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот Свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и таа веднаш оздравела, ѝ пораснала убава и густа коса. „Од тогаш на празникот на свети Елена и Костадин редовно идат луѓе да се мијат со водата од изворчето под карпите на манастирот „Свети Наум“. Таа вода е лекојта и друг пат, ама на празникот најмногу“, заклучува народниот раскажувач.

4 VI/ 22 V. СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК КНЕЗ ЈОВАН ВЛАДИМИР

КНЕЗОТ ВЛАДИМИР СО СИЛЕН КУЛТ
ВО ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА

Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара, се здобил со силен култ во западна Македонија. На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како главата си ја држи во рацете.

Во традицијата на југозападниот регион на Македонија во минатото бил развиен култот кон Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир. Тој бил кнез на областите Зета и Далмација, во еден период влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен. Додека бил во затвор во него се вљубила ќерката на Самуил, Теодора Косара, по што бил оженет со неа и вратен на престолот. Но подоцна, починал царот Самуил, на 6 октомври 1014 година, а царскиот престол го наследил син му Гаврил Радомир. Но неговиот братучед Иван Владислав, (син на Арон, братот на Самуил), со поддршка на византиското раководство и со измама го убил и му го презел престолот. Плашејќи се од освета на Јован Владимир, но и од неговото легитимно право на наследство, Иван Владислав решил да го ликвидира. Преку охридскиот архиепископ Давид го поканил божем на договор.

Јован Владимир му поверувал на црковното лице, но веднаш по доаѓањето бил пречекан од убиец со наострен меч. Во неговото житие се вели дека бидејќи тој не можел да го пресече Јован Владимир му го понудил својот меч велејќи му: „Сакаш да ме убиеш, брате, но не можеш. Еве ти го мојот меч! Готов сум да бидам убиен, како Исак и Авел!“ Потоа злосторникот му ја пресекол главата, но тогаш се случило чудо. Тој со главата во рацете потрчал кон блиската црква во која паднал и ја предал душата на Бога. Тоа се случило на 22 мај (с.с.) 1016 година во Преспа. Неговата сопруга го однесла во неговата земја, го погребала во црквата во која и таа го завршила животот во пост и молитви. Од моштите на светецот течело миро, се случувале чуда и се лекувале болни. Според некои преданија моштите на светецот се наоѓаат во Елбасан (Албанија).

Култот кон свети Јован Владимир бил силен и во Охридско. Во составот на манастирот „Свети Наум Охридски ‒ Чудотворец“ имало камбанарија што го носела името на свети Јован Владимир. Според преданието дел од моштите на свети Јован Владимир тука биле донесени од Елбасан. Народот ги бакнувал, а потоа биле заѕидани во темелот на црквата..
Ликот на свети Јован Владимир е многу присутен во охридскиот живоспис. Насликан е со светите Седмочисленици, потоа со св. Марена и сл.

Поради силниот култ во Охридско се раскажувале многу преданија за овој светител. Во преданијата се вели дека Иван Владислав сакајќи да ги прикрие своите намери и да не биде откриен дека стои зад убиството на Јован Владимир поставил заседи на повеќе места по патот што водел од Зета кон Охрид, (една таква заседа имало и кај манастирот „Свети Јован Бигорски“) со цел да го убијат при патувањето. Но војниците што го очекувале кралот забележувале околу него придружба со војници кои имале крила, а во рацете држеле бајраци. Знаејќи дека тоа се Божјите ангели шпто го чуваат заседите се разбегувале и кралот пристигнал во Охрид. Кога пристигнал во местото што се викало Преспа, влегол во црквата да се помоли. Во тоа време Иван Владислав, изненаден што кралот не бил убиен, по патот, многу се налутил и испратил војници веднаш да го убијат во црквата. Кога Јован Владимир забележал како војниците ја опколуваат црквата се помолил, го подигнал крстот и на присутните епископи и монаси кои требало да бидат гаранција за неговата безбедност им рекол: „Молете се за мене, господа мои, а овој свет крст заедно со вас нека ми биде сведок дека недолжно умирам.“ Бакнувајќи го крстот се збогувал со епископите и уплаканите, излегол од црквата, војниците на Владислав го совладале и му ја отсекле главата. Епископите го погребале телото во истата црква, а Господ за да ја објави неговата светост направил над гробот многу болни да најдат исцелување. Над гробот ноќно време се гледала Божествена светлина како да горат безброј свеќи.

Следејќи ги најновите сознанија, како и преданијата за свети Јован Владимир можат да се прецизираат повеќе сознанија за светителот. На тој план значајни сознанија нуди книгата „Свети Јован Владимир“ од авторот Миле Миќуновиќ, според која свети Јован Владимир е убиен во Охрид кај црквата „Света Богородица-Челница“. Според некои историски извори во некој период од своето постоење градот Охрид се викал Преспа, па оттука забуната дека светецот е убиен во областа Преспа. Натаму, во црквата „Св. Богородица- Челница“ од убиството на св. Јован Владимир не се служеле никакви служби, особено не се венчавало и крштевало.
Според преданието, мртвото тело на св. Јован Владимир по убиството е однесено во областа Дебарца, во близина на селата Белчишта и Песочани каде што имало 30-40 цркви. Овде се издигале тврдини на Церевладимировиот град наречен Београд или Белград. Телото на св. Јован Владимир било погребано во манастирот што го носел името „Свети Јован Крстител“, а по пет години телото било однесено во Елбасан и погребано во манастирот „Шин Ѓон“ – „Св. Јован“. Според преданието телото на светителот го пренесла неговата жена Косара која во манастирот се закалуѓерила и тука починала. Тука е и погребана.

Култот кон свети Јован Владимир многу бил раширен во Голо Брдо, област населена со Македонци, по делбите на Македонија, останат во Албанија. „Во некои села многу се раскажува за св. Јован Владимир, во чиј манастир кај Елбасан оделе луѓето од Стеблево, Себишта, Гиневац, Клењ, Борово, Окштун и Забузун. Во тој манастир се одело на 22 јуни, потоа во есен и во зима, а покрај православните оделе и муслимани. Свети Јован, кого на арбанашки начин го викаат Шин Ѓон, го сметаат за чудотворец. Еве што се раскажува за него:

Св. Јован бил владар и зет на некој цар. Потоа го наклеветиле кај тестот дека е женскар. А тој бил светец. Тестот се налутил и тргнал со војска на него. Го нашол на Кафа Сан меѓу Струга и Елбасан. Ја извадил сабјата но сабјата не можела да го пресече. Свети Јован му ја дал својата сабја, и со неа неговиот тест го исекол. Со отсечената глава што ја носел во рацете одел св. Јован до местото каде што сега се наоѓа неговиот манастир, а каде што имало еден даб. Кога св. Јован дошол до него дабот му се поклонил и тука Владимир паднал. Потоа тука е подигнат манастирот. Уште, се раскажува дека за време на Втората светска војна Италијаните сакале да го однесат кивотот на св. Владимир, но не можеле да го кренат. Очигледно повеќе претстави од народното паметење нашле место во овие преданија.

Проф.Др. Марко Китевски

 

На прво место

News image

МОЖЕВТЕ ПОВЕЌЕ, ПОЧЕСНО И ПОМАКЕДОНСКИ

 Слободан Томиќ Во политиката и во животот, храброста и глупавоста не се добродојдени... Полит...

Историја

News image

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (61)

Милче Милошевски денес е пензионер кој од детство другарува со Маноил Мане Јаковлевски. Нивното др...

Иселеници

News image

МАКЕДОНИЈА ЗАЛУЖУВА ПОДОБРА СУДБИНА ОД ОВАА ШТО ЈА ИМА СЕГА

МАКЕДОНИЈА ЗАЛУЖУВА ПОДОБРА СУДБИНА ОД ОВАА ШТО ЈА ИМА СЕГ...

Култура и туризам

News image

Настанување на селото Лазорополе и потеклото на неговите жители

Лазорополе за прв пат се споменува во Кодиката (книгата на дарители) на манастирот Слепче, во вторат...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (28)

ПОТЕРА ПО АРГОНАУТИТЕ И НИВНОТО ВРАЌАЊЕ – ДЕЛ I Кога Јасон и Медеја дошле на брод...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.