Среда, 02 Декември 2020    Печати
ИЗЛОЖБА НА ИКОНИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО РИМ ВО 1986. – ДЕЛ I (33)

21rimОд 20 до 25 мај 1986 година во Рим се одржа манифестацијата „Во чест на свети Кирил", што традиционално се организира вознакот на основоположниците на современата писменост, солунските браќа светите Кирил и Методиј. По тој повод, во светиот град Рим пристигна културна делегација што ја предводеше членот на Претседателството на СРМ академикот Матеја Матевски, а ја сочинуваа:

Владислав Радаковиќ, претседател на Покраинскиот комитет за наука и култура на САП Војводина, Цветан Станоевски, заменик на претседателот на Републичката комисија за културни врски со странство, Драган Драгојловиќ, претседател на Републичката комисија за односи со верските заедници и секретар на Републичката заедница на културата на СР Србија и д-р Коста Балабанов, директор на Музејот на Македонија и комесар на изложбата на икони.

Делегацијата на Македонската православна црква, пак, ја предводеше митрополитот австралиски г. Тимотеј во придружба на свештениците Спасе Стефаноски и Љупчо Двојаковски. Делегациите во Рим имаа средба со амбасадорот на СФРЈ во Република Италија и амбасадорот на СФРЈ при Светата столица, со што во духот на традицијата започна официјалниот дел на манифестацијата.

Потоа во галеријата „Ла Пиња" во Ватикан, д-р Коста Балабанов го одржа првото од двете предавања на тема: „Средновековните икони од ХI до XVII век во СРМ". Исто така, д-р Коста Балабанво на Универзитетот во Рим го одржа второто предавање на тема „Новооткриените глинени икони на археолошкиот локалитет Виничко Кале во СРМ", што беа проследени со соодветно внимание. Притоа, глинените икони предизвикаа посебна љубопитност како реткост и новина, кои за првпат излегуваат пред светската јавност.

3rim

Дело на Дичо зографот

Исто така, трите концерти: солистичкиот на Јадранка Јовановиќ, оперска солистка од Белград и на Дејан Богдановиќ, виолинист од Нови Сад, како и настапот на Хорот на просветните работници „Св. Кирил и Методиј", под диригентство на Тоде Радевски, што се одржаа во концертната сала во тврдината „Сан Анџела", и дадоа позитивен белег на манифестацијата.

Најзначајна средба на целата делегација беше приватната аудиенција кај папата Јован Павле II, која според ватиканскиот протокол е од највисок ранг, а се одржа во приемните простории на Ватикан, каде што по традиција во сите вакви досегашни средби нашите делегации биле примени од високодостојници на Светата столица.

 Според сознанијата, тоа е првпат папата да ја прими во таква посебна аудиенција југословенската културна делегација и делегацијата на Македонската православна црква заедно со амбасадорот при Светата столица Ш. Цигој, а и првпат да се дозволи на една странска ТВ екипа да ја сними таа средба. Овој прием и неговото ниво покажа дека Ватикан им давапосебно значење и на манифестацијата и на изложбата на иконите.

Во таа свечена пригода, академик Матеја Матевски изрази благодарност за приемот, а посебно за укажаната можност Ватикан да ја прими изложбата на иконите и пресретливоста кон манифестацијата.Тоа е знак на добрите односи со Ватикан, како и знак на високата оценка за културната вредност на експонатите и културната комуникација меѓу народите, што придонесува во меѓународното заемно разбирање и зачувување на мирот во светот. Македонскиот народ, нагласи Матевски, живо ја негува кирилометодиевската традиција која е во корените на словенската и македонската култура.

Обраќајќи им се на двете делегации, папата Јован Павле II го подвлече значењето на кирилометодиевската традиција и во поздравите и говорот до делегацијата изрази благодарност поради чествувањето на свети Кирил и свети Методиј чија улога за христијанството кај Славените имаат голема заслуга, за што и се прогласени од папата за созаштитници на Европа, покрај Бенедикт. Притоа, папата изрази благодарност што се одбележува 1100-годишнината од доаѓањето на Климент Охридски во Охрид, додека за иконите папата изјави дека тие се голема вредност на традициите на словенската и грчката црква и се заблагодари што се донесени и презентирани во Ватикан.

Откако ја прими како подарок книгата „Уметничкото богатство на Македонија", поглаварот на Римокатоличката црква му посака на македонскиот народ, врз своите сопствени корени, а тоа се корените на учителите свети Кирил и Методиј и нивнте ученици светите Климент и Наум Охридски, да ја гради и да ја унапредува својата сопствена македонска култура.

Третиот ден од манифестацијата, главно, помина во знакот на приеми и официјални разговори на двете делегации со нивните домаќини, а во Ватикан беше одржана и конференција за печат, на која за годинешните „Денови" зборуваа д-р Коста Балабанов и Цветан Станоевски.

3rim

Ватикан

Потоа високи личности од Ватикан приредија ручек во чест на двете делегации. Вратите на престолнината на Римокатоличката црква, тогаш, тие денови, се отворија и педесет и двата бисера на средновековната македонска уметност се најдоа во прекрасната сала на папата Пие V, сала која се наоѓа во непосредна близина на Сикстинската палата на чии сводови Микеланџело оставил дел од своето генијална уметничко дело и уште стотици такви дела што им припаѓаат на различни векови и разни уметници и каде што секојдневно минуваат десетини и стотици илјади намерници, од целиот свет. Ете тука, меѓу тоа огромно богатство кое по својата бескрајна вредност му припаѓа на сето човештво пристигнаа иконите од Македонија. Да постојат тука, не би ли светот и нив ги видел во друштво на најубавите и најдрагоцените, во друштво на рамноправните.

И веднаш штом тие пристигнаа во просториите на Ватиканските музеи, известувачите го испратија во своите редакциски извештаи податокот што дотогаш немаа можност да го соопштат. Ватикан, пишуваа тие, првпат ги отвори вратите за ументички предмети кои не спаѓаат во негова збирка, а таа историска чест ја доби Збирката икони од Македонија . Така се случи по претставувањето на дел од оваа наша уметничка збирка, од научници прогласена за четврта по вредност во светот на сличните, во галериите на Париз и Токио, третото патување да го извршат со мисионерство што потсетува на патот на сесловенските просветители и проучители, светите Кирил и Методиј.

На отворањето на изложбата, гостите најнапред ги поздрави шефот на културната делегација, членот на Претседателството на СРМ, академик Матеја Матевски.

-Голема е честа пред овој еминентен собир и во музеите на Ватикан да се препорачаат иконите од Македонија и културната манифестација во чест на свети Кирил, што осумнаесет години на ред се одвива во Рим и Ватикан во спомен на големиот словенски просветител чии

мошти веќе единаеет века почиваат во тишината на римската црква „Сан Клементе". Нам, на членовите на делегацијата, ни е многу драго што благодарение на разбирањето и помошта на Светата столица и на Неговата Светост денес се отвораат портите и галериите на оваа неповторлива културна институција.

Тоа укажува на добрите односи меѓу СФРЈ и Ватикан и уште еднаш ја потврдува нашата заедничка желба плодовите на творечкиот гениј на народите и културите да им бидат достапни на сите, на сиот свет што ѝ се восхитува на убавината и што се стреми кон неа ... изложбата на икони од Македонија претставува избор на богатото културно наследство на македонскиот народ и на СРМ и, покрај неговиот јазик, тоа е, бездруго, едно од најголемите негови богатства што ги надживеаја искушенијата на вековите. Таа укажува на живиот култ на свети Кирил и Методиј среде македонскиот народ и на нивниот најзначаен ученик, првиот словенски архиепископ - писателот - просветителот свети Климент Охридски.

Потоа, присутните во салата на папата Пие V во Ватикан ги поздрави, од името на домаќините, високиот црковнодостојник, кардиналот Паул Пупар. И неговите зборови беа мошне пофални и со изрази на восхит.

- Со голема радост ви ги упатувам овие зборови на добредојде, рече кардиналот Паул Пупар, во името на Понтификалниот совет за култура што соработуваше на изложбата на иконите од Македонија заедно со Ватиканските музеи и Музејот од Скопје. Иконите што денес ни ги претставува СРМ, без сомнение, се еден од врвовите на црковната уметност и претставуваат чест на религиозната и културната традиција на македонската нација. Тоа укажува за значението на оваа уметничка манифестација што ние ја инаугурираме во вој момент.

Продолжува

6slav  
Пишува: СЛАВЕ КАТИН