Среда, 27 Јануари 2021    Печати
АРХИЕПИСКОПОТ АНГЕЛАРИЈ – ВТОРИОТ ПОГЛАВАР НА МПЦ

1ange

Архиепископот охридски и македонски г.г. Ангелариј (Цветко Крстески) беше втор поглавар на Македонската православна црква. Тој беше народен човек, харизматичен, несебично дарувеше христијанска љубов, умееше кај луѓето да влее надеж и доверба. Загина во сообраќајката, кога во службениот „Мерцедес“, во кој се возел архиепископот, удрила цистерна во Дреновската клисура

Почнувајќи од древните времиња па до денес, Македонија беше, е, и ќе биде место каде што се вкрстуваат различни нации, цивилизации култури, јазици и религии. Така, христијанството се појави на овие балкански простори пред многу векови, односно уште од времето кога апостол Павле дојде во Македонија, која како земја, неколку пати се споменува и во Библијата.

Христијанството е најголемата и најзначајната религија на територијата на Република Македонија и кај македонската дијаспора. Притоа, според преданијата, хроничарите и традицијата, најзначајна и најголема улога има формирањето на Охридската архиепископија како наследник на архиепископијата на Јустинијана Прима, заедно со нејзините мисионери браќата свети Кирил и Методиј Солунски, свети Климент и свети Наум Охридски.

Според пишаните документи еден од големите христијани во Македонија беше архиепископот Ангелариј, роден како Цветко Крстески во прилепско Долнени, на 25 март 1911 година и беше втор поглавар на МПЦ, носејќи ја титулата Архиепископ охридски и македонски. Тој беше роден од татко Костадин, кој бил свештеник, и мајка Ѕвезда. Неговиот брат, Пецо Крстески бил учесник во НОБ и загинал во 1942 година. По основното образование во Долнени и во Прилеп, во 1926 година се запишал на средно богословско училиште „Св. Јован Богослов“ во Битола кое го завршил во 1931 година.

1ange1Црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп

Во 1932 бил ракоположен во чин ѓакон во црквата „Св. Димитрија“ во Битола, а истата година во црквата „Св. Богородица“ бил назначен за свештеник и станал парох во дебарското село Гари, каде служел до 1937 година. Потоа парохиски свештеник бил во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп од 1937 до 1961 година и архиерејски намесник на Прилепското архиерејско намесништво.

Свештеникот Цветко Крстески учествувал во НОБ. Во 1942 година загинува неговиот брат Пецо Крстески – Даскалот, на когошто по убиството  фашистите му ја пресекле главата. Бил член на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ во 1945 година и член на Здружението на православното свештенство на НРМ. Учествувал во работата на Првиот црковно-народен собор во Скопје во 1945 година и на Свештеничката конференција во 1946 година. По завршувањето на војната, студирал на Философскиот факултет во Скопје.

Во 1961 година бил назначен за парохиски свештеник при црквата „Св. Великомаченик Ѓорѓи“ во квартот Фицрој во Мелбурн во Австралија, каде што ја основал и првата македонска православна црковна општина, а за време на неговата служба била изградена првата македонска призната црква во дијаспората.

Црковната општина „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн, Викторија каде беше испратен мисионерот свештеникот Цветко Крстески е прва македонска православна црква изградена надвор од Република Македонија, и е дело претежно на Македонци од егејскиот дел на Македонија. Имено, најголемиот број Македонци во Австралија по Втората светска војна и пред тоа беа од Беломорска Македонија доселени главно во државата Викторија.

Така, во Австралија на Илинден 1958 година, на свечен начин, а во присуство на голем број доселеници и симпатизери, беше симполично поставен камен-темелникот во објектот на црквата ,,Св. Ѓорѓи“, којашто се наоѓа во Фицрој. Една година подоцна е поставена спомен-плочата на која стои: „Оваа црква е изградена за потребите на македонската православна општина“, а на 7 август 1960 година тогашниот епископ Злетовско-струмички г. Наум, во сослужение на свештеникот Цветко Крстески (архиепископ Ангелариј) и поголем број македонски свештеници, го освети храмот на светиот великомаченик Ѓорѓи. Денес ова црковната општина  го носи името „Свети Ѓорѓи и Света Богородица“ и е лоцирана во Епинг.

1ange2Првата црковна општина „Свети Ѓорѓи“

Тој беше прв храм надвор од Македонија осветен од македонски владика кои имаше.извонредно значење за Македонците во Австралија и пошироко, бидејќи црквата „Св. Ѓорѓи“ стана црковен и национален темелник што ги поттикна Македонците низ светот да се зближат, да постигнуваат подобри резултати и да се афиримираат себе си и македонската вистина во новата средина.

Црковната општина „Св. Ѓорѓи“ во Мелбурн го отвори патот да се формира првата македонска православна црква  „Св. Кирил и Методи“ во Гери, Индијана во 1964 година, во Соединетите Американски Државии,  првата македонска православна црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто во 1965 година во Канада, како и првата македонска православна црква „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг, Шведска во 1973 година.

Архиепископот Ангелариј како свештеникот Цветко Крстески во Мелбурн служел од 1961 до 1964 година. По враќањето во Македонија во 1964 година бил на служба во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп, а по смртта на неговата сопруга, во 1972 година, ја прифатил поканата на Синодот на МПЦ и се замонашил под името Ангелариј. Во 1975 година од САС на МПЦ бил хиротонисан за епископ Пелагониски, а на 5 јули 1977 година за Дебарско-кичевски митрополит, како и администратор - сотрудник на болниот митрополит Преспанско-битолски, Климент. За Охридски и Македонски архиепископ и скопски митрополит бил избран на 19.VIII.1981 година.

Наследил стабилна црква, но која морал да ја надогради. Затоа одговорноста со раководењето на МПЦ била уште поголема, иако сенката на г.г. Доситеј била постојано присутна кај верниците, свештениците и кај архијерејите. Поради тоа, од своите наследници (свештеници) барал моралност и одговорност кон Црквата, но и достоинствено однесување кон верниците. Ангелариј сакаше секому да му посвети внимание и никого не го оставаше без должна почит.

1ange3Гробот на архиепископот Ангелариј во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје

Архиепископот г.г.. Ангелариј секогаш барал јазикот на Светите браќа Кирил и Методиј, да се негува. Тој ја приближил Црквата до јавноста, но и до другите екуменски заедници. Верувал дека за време на неговиот мандат, конечно ќе се реши прашањето за автокефалноста на МПЦ и дека српскиот патријарх Герман ќе го потпише Томосот за автокефалност. Тие беа во многу блиска комуникација. Но, за жал, таа нивна блискост не вроди со плод поради силниот притисок во Синодот на СПЦ, особено на српската четничка емиграција и тогашниот митрополит во емиграцијата – Дионисиј. Меѓу другото, ќе остане запаметен и по својата луцидна изјава изречена на гробот од револуционерот Гоце Делчев кога кажал:– „Балканот не е тесен, тесни се срцата наши“,

За своите заслуги Архиепископот г.г.. Ангелариј бил одликуван со црвен појас, граден крст во 1959 година, Орден за братство и единство од втор ред и со највисокото свештеничко одликување – протоереј-ставрофор, а посмртно е одликуван со Деветтосептемвриската награда на град Прилеп.

Ангелариј иако бил кроток и скромен човек, не се плашел да го каже своето мислење. Тој отворено упатува критика, сметајќи дека тогашното Претседателство доволно не се ангажирало за Македонската православна црква! Не попуштал ниту пак пред притисокот на тогашната власт. Но, животниот пат му згаснува ненадејно или планирано, на 15 јуни 1986 година загинува во случајна сообраќајна незгода, враќајќи се од службено патување, на патот Прилеп-Скопје, кај Дреновската клисура. Погребан е во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје.

Продолжува

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН