Среда, 24 Март 2021    Печати
КНИГАТА „ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ“ ОД АЛЕКСАНДАР ДОНСКИ НА ГРЧКИ ЈАЗИК ЌЕ СЕ ШИРИ СРЕДЕ МАКЕДОНЦИТЕ ВО ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА!

12a346

Под покровителство и организација на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип со претседателот Стојан Димков, а во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, неодамна излезе од печат книгата „ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ“ од историчарот Александар Донски. Освен на македонски, книгата е објавена и на англиски и на грчки јазик. Нејзината грчка верзија во електронска форма масовно и бесплатно ќе се шири среде Македоцните низ егејскиот дел на Македонија кои, поради познати причини, зборуваат македонски, но читаат на  грчки.      

Во книгата од Алексанар Донски на едноставен начин концизно се објаснети сите клучни прашања од етногенезата на Македонците и историјата на Македонија и тоа:

- Дека античките Македонци не биле никакви Грци! Наспроти тврдењата на грчката пропаганда и историографија за нивното „грчко потекло“, во книгата се објавени сведоштва од десетици  антички автори  кои тврделе дека античките Македонци не биле никакви Грци (Хелени).

- Дека таканаречената „Грчка митологија“ воопшто не била грчка, туку содржелаелементи од различни култури и истории. И  Таткото на историјата Херодот напишал дека речиси ниту едно од божествата на Грците не било грчко (цитат): „Некои од овие богови (со исклучок на Нептун) верувам дека Грците ги презедоа од Пелазгите. За Нептун, пак, тие дознаа од Либијците, кои отсеко­гаш го славеа.”

- Дека денешните Македонци во најголема мера се потомци и на античките Македонци. Освен ДНК анализите (кои се неприкосновени), во книгата се објавени уште многу други докази во прилог на оваа вистина, како што се споредбите помеѓу фолклорните сегменти помеѓу античките и денешните Македонци (кои целосно се поклопуваат). Сето тоа е во детали објаснето). За ова сведочеле и странски патеписци, па така во врска со етничката свест кај Македонците од егејскиот дел на Македонија (конкретно кај родот Пуливаковци), босанскиот фолклорист Стефан Верковиќ во средината на XIX век запишал (цитат): „Кај родот Пуливаковци постои предание дека се чисти Македонци и по­томци на Александар Велики.

- Дека постојат бројни сведоштва за грчкиот терор против Македонците уште од навлегувањето на грчките војски во Македонија во 1912 година, па се до 1950-те години на ХХ век. Сите овие потресни сведоштва, преку оваа книга, за прв пат ќе бидат пошироко претставени пред денешните Македонци, но и Грци, во егејскиот дел на Македонија!

Во книгата Донски претставува и краток осврт на најзначајните настани и личности од историјата на Македонија уште од античко време, па до денес.

Книгата на англиски ќе биде бесплатно делена на странски субјекти кои работат во Република Македонија или ја посетуваат, а секако дека можат да ја набават и нашите заинтересирани иселеници.

12a347

За очекувањата од оваа книга Александар Донски вели:

Во последно време македонската национална свест засилено се буди среде Македонците во егејскиот дел на Македонија, но тие како да се оставени сами на себе. Додека голем дел од Македонците овде, но и во дијаспората, времето го минуваат во бескрајни меѓусебни кавги и расправии, нашите сонародници во егејскиот дел на Македонија жилаво се борат за својата егзистенција. Ова засега главно се манифестира преку отвореното експонирање на македонскиот фолклор и јазик на јавните собири. Но, ним им се потребни барем најосновни историски познавања затоа што спорот што го имаме со грчките националисти е од историска природа. Неодбранливите аргументи што ги нуди книгата на своите стотина страници претставуваат силно оружје кое ќе ја засили Македонската преродба во егејскиот дел на Македонија. Книгата ќе послужи и како информативно четиво за чесните и добронамерни Грци, но и странци. Упатувам јавна благодарност до сите патриоти кои помогнаа во реализирањето на оваа книга од Македонија, Австралија, САД, Велика Британија, Унгарија и Швајцарија, чии имиња се спомнати и остануваат овековечени во сите три верзии од книгата и кои за вложените средства ќе добијат соодветен број примероци од книгата“.

12a345

Александар Донски: Почнува новата преродба во егејскиот дел на Македонија!