Среда, 28 Јули 2021    PDF Печати Е-пошта
МАКЕДОНСКИОТ ГОЛЕМ РЕВОЛУЦИОНЕРДАМЕ ГРУЕВ (16)

1kar121

Даме Груев (Дамјан Јованов Груев – Даме) (1871-1906) беше револуционер и национален деец. Тој беше револуционер со душа и со срце, верен на идејата од која се водеше, за која се бореше и за која загина - ослободување на македонскиот народ и Македонија.

Целиот свој живот беше со народот, првенствено, како негов учител, а потоа и како еден од основачите на Внатрешата македонска револуционерна организација (ВМРО). Даме Груев беше столбот на кој се потпираше народноослободителното движење, посебно ВМРО. Тој беше инспиратор и организатор на народноослободителната борба во тој период, посебно на Илинденското востание во 1903 година.

Само неколку личности од илинденскиот период во народот останале врежани како нивни апостоли и водачи. Првиот апостол е Гоце Делчев, а вториот е Даме Груев. Еден со друг се надополнуваа. Мајка им беше Македонија. Целиот свој живот и го посветија, и на олтар го положија, загинаа за Македонија.

Даме Груев е роден на 19. јануари 1871 година во село Смилево, Битолско. Татко му Јован по професија бил ѕидар. Се претпоставува дека имал мијачко потекло, од селото Селце. Основно училиште завршил во родното село, а гимназија, од I до IV клас, во Битола, V и VI клас завршил во Солун, во машката гимназија „Свети Кирил и Методиј“. Во 1887/1888 година учествувал во големиот бунт на учениците на солунската гимназија, за запирање на бугаризацијата и за настава на македонски народен јазик.

Во јануари 1888 година, заминал со поголема група од 19 лица, во Белград. Образованието го продолжил во Гимназијата во Белград, каде учествувал во бунтот против режимот на србизација на македонските ученици. Во 1891 година заминал во Софија, каде студирал историја на Високото училиште.

Идејата Даме Груев целосно да му се посвети на македонското дело, особено доаѓа до израз за време на неговите студии во Софија. Верен на идејата која го водела, за афирмирање на македонската национална посебност и за одбрана на македонските национални интереси, со неколку македонски студенти формирал група, која дејствувала под името „Млада македонска книжевна дружина“ (ММКД), група во која биле и Петар Поп Арсов, Пере Тошев, Иван Хаџи Николов и други кои започнале да го издаваат списанието „Лоза“.

Во Софија со неколку истомисленици од кругот околу списанието „Лоза“, создале организација „Дружба“, чија цел им била по завршувањето на учењето да се приберат во родната Македонија, каде имало голема потреба од интелектуални сили. Среде тој круг се родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија.

Даме Груев во април 1891 година, се вратил во Македонија. Кога дошол во Битола, едвај имал 20 години, но веќе имал јасна свест за тоа што треба да се направи за остварување на големата идеја за ослободување на Македонија. Формирал револуционерно друштво од младите учители. Слично како и во Софија, Даме Груев уште во текот на летото во Битола формирал организација  „Дружба“, во која на почетокот биле вклучени повеќе членови.

1kar1212На Даме Груев не му било дозволено да остане во Битола, па откако бил назначен за егзархиски учител во родното место, прво заминал во Смилево каде држел школо за возрасни, а потоа, во 1892 година, заминал во Прилеп. По доаѓањето во Прилеп, Даме Груев наишол на конзервативна средина кај неговите колеги, учители, кои го попречиле во неговата револуционерна дејност. Набрзо сфатил дека за развивање на револуционерната свест треба плодна почва, а во тоа време, најпогоден бил Солун, затоа во летото 1893 година се вратил во Солун каде работел како коректор во печатницата на Коста Самарџиев.

Даме Груев со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирале Македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев (двајцата учители) и д-р Христо Татарчев (лекар) и ги поставиле основите на Македонската револуционерна организација. Даме Груев бил иницијаторот за основачката средба на ВМОРО на 23 октомври 1893 година, во Солун, а на конститутивниот состанок на 7. 1. 1894 година, Даме Груев станал прв секретар на Централниот комитет.

Одамна свесен дека без културна слобода и издигнување нема ни национално ослободување, во 1894 година од Солун заминал во Штип како главен учител во трикласното училиште. Тука за првпат се сретнал со Гоце Делчев (учител во штипското Ново Село) и Туше Делииванов. Како учител, близок до народните маси, заедно со неговите истомисленици, работел на организирање на населението за остварување на долгоочекуваниот сон. Во летото 1894 година започнал да ги формира првите револуционерни комитети.

По разговорите во Софија со раководството на Врховниот комитет на Македонската емигрантска организација во Бугарија и со егзархот во Цариград, во 1895 година се уверил дека Македонската револуционерна организација не само што не можела да смета на поддршка туку и претстоело жестоко конфронтирање. Од основањето на Тајната македонска револуционерна организација и првиот Централен комитет, цели шест години Даме Груев неуморно ја обиколува Македонија и го организира населението примајќи нови приврзаници, според прописите на Уставот.

Во 1895 година бил назначен за училиштен инспектор и се вратил во Солун. Станува активен во работењето на Организацијата со што го воведува шифрарникот. Османлиските власти во 1898 година го протерале Даме Груев во Битола, каде што бил уапсен во месец август 1900 година, во врска со Попставревата афера. Бил осуден на 10 години затвор. Својата револуционерна активност ја продолжува и од затворските келии во Битола. Одржувал врски, давал инструкции и раководел со Месната организација.

Во мај 1902 година, од затворот во Битола бил префрлен во затворот во Подрум-Кале (Мала Азија), каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. После десет месеци (март 1903) бил амнестиран и се вратил во Македонија (во Смилево). Кратко време потоа заминал во Солун, каде што имал средба со Гоце Делчев. Делчев никако не успеал да го наговори Груев за отповикување на јануарската одлука на ЦК на ТМОРО за кревање на неподготвено востание.

Даме Груев не отстапил и пред силата на аргументите и пред инсистирањето на Гоце Делчев. Преземајќи ја фаталната одговорност, разговорот со Гоце Делчев ќе го заврши со зборовите: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ Сигурно бил свесен за сите околности околу востанието, но и за тоа дека Македонија, последна на Балканот, ја добива шансата да биде ослободена и по долго време да формира  своја држава. Сепак, Илинденското востание, со кое практично раководеше тој, ќе остане забележано како востание во кое е формирана првата република на Балканот.

На Смилевскиот конгрес одржан на почетокот на месец мај со кој претседавал Даме Груев, бил избран Главен востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ. Меѓу членовите на Главниот штаб, Анастас Лозанчев, Борис Сарафов, бил избран и Даме Груев, кој бил задолжен за бранење на Смилевското подрачје. Учествувал во донесувањето на одлуката за датумот на кревање на Илинденското востание.

Самиот чин на кревање на востанието на 2 август 1903 година, Даме Груев го доживеал како историски миг за македонскиот народ, кој бил решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. Но во борбата за национално ослободување ги доживеал и ужасите на страдањата на својот народ. На 14 август одбраната на Смилево била пробиена, а востаниците заедно со народот се повлекле на повисоките места на Бигла Планина.

По неколкумесечните исцрпувачки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето. Духот на востанието ќе се преточува и за време на НОБ, кога, покрај другото, и многу партизански единици ќе ги добијат имињата на великаните од илинденскиот период: Гоце, Даме, Јане... Илинден ќе стане симбол на македонскиот непокор и светилиште за сите оние, без оглед на народноста и други предзнаци, на кои слободата им е во преден план.

1kar1213

Даме Груев ретко кога јавно ги соопштувал своите размислувања и целите на македонската борба. Се знае само за едно негово интервју што го дал на еден шкотски новинар во кое Внатрешната организација ја претставувал како една подземна република, што се градела за заштита од турската тиранија. Мошне интересен е неговиот одговор на прашањето за пропагандите на соседните држави, особено на бугарската држава.

„Ако постои грчка и српска пропаганда, зошто да не може да постои и бугарска. Таа постои. Има бугарски политичари кои не се наши поголеми пријатели од Грците. Под имињата на мошне познати шефови, тие се обидуваат да испраќаат чети во Македонија, да агитираат за анексионистичка идеја... Тука има место само за една организација, а тоа е народната организација. Ниту Цончев, ниту Сарафов, не се избрани од народот, иако тие се обидуваат да преминат ваму, да присвојат самоволно сила со оружје. Ние, кои го претставуваме народот, мора да ги пресретнеме со иста сила, која тие ја применуваат против нас...“, му изјавил Даме Груев на шкотскиот новинар.

 Даме Груев никогаш не се оженил. Како и Гоце Делчев и тој имал своја љубов. Се пренесува дека Даме Груев имал свршеничка која била учителка, а останала немажена од верност спрема Дамета. Тој како да ја претчувствувал својата смрт. Очаен по поразот на востанието и од расколот во организацијата, три месеци пред трагичниот настан му напишал на Димитар Ризов: „Внатрешната гангрена, која продолжува да ме разјадува, дури и сега ми ја убива секоја расположба да разделам со пријателите два реда...Оваа вечер ја прескокнувам границата, како заскитаник, белки таму ќе најдам утеха, па макар и во гробот“


Даме Груев е еден од најголемите македонски револуционери чие чисто револуционерно дело е едно од најпрепознатливите во македонската историја. Овој голем македонски син, го обединува македонскиот народ и по неговата трагична смрт. Со неговата дејност како револуционер и како еден од основачите на ВМРО (Внатрешната македонска револуционерна организација)  и најценетите и највлијателните негови раководители остава неизбришлива трага во македонската историја. 

Доколку не би постоеле големите луѓе и големите датуми во историјата на Македонија, би се изгубила можноста за наше препознавање меѓу нациите, бидејќи без нивните подвизи, дела и херојства би била празна историјата и културата на македонскиот народ.

Продолжува

1slave Пишува СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Поддршка од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан за ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и државата

Денес Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, ...

Историја

News image

Билтенот „Лист на ВМРО-ДПМНЕ“

Со своето неколку месечно постоење ВМРО-ДПМНЕ се афирмира како авангардна национална и демократска п...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ДЕЛ ОД СУДБИНАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОГОНЕТИ ДЕЦА – БЕГАЛЦИ (21)

Дo 1959 година, Грциjа преземала екстремни мерки да ги затвори своите граници со Албаниjа, Jугосла...

Фељтон

News image

АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ ВО ДЕЛОТО „ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ДО ДЕНЕС“ (1)

Тоа е дело на „Македонска искра“, Скопје, 2008, на 500страници, на македонски јази...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.