Среда, 02 Март 2022    Печати
МАКЕДОНИЈА ВЕ ЗГРНА И ПРЕГРНА

lozano МАКЕДОНИЈА ВЕ ЗГРНА И ПРЕГРНА

Автор: Ванѓелко Лозаноски


Гласот и повикот на родината,
беше посилен – помоќен,
од се, над се.
Македонија, земја света
ве згрна и прегрна
со љубов безмерна
мајчинска.

Светлоста ја посеавте,
со љубовта и мудроста
свети Кирило – методиева,
Со совест и завет
семето свето го расеавте.

Светиот оган распламти.
низ Македонија.
Се возвиши до небото,
се слеа со ѕвездите над Охрид.
Никој, не го прочита
вашиот – завет
раскрилен како камен – белутрак
завиен во градите.

Само родната – питома земја
го почувствува вашиот уморен,
бавен и тежок чекор.
Достпен-цврст.
И чекор само напред,
ни педа назад.
Доследно до светските височини,
До сончевиот зеннит.

Народот ве дочека,
како дожд за жедна градина.
Како расцветана ливада,
жедна за утринска роса.

Птиците – гласоносци
ги препознаа
ангелската личности
свети Климент и свети Наум
со ЅВЕЗДИ
раскрилени сред душата.

Жедните во мракот и темнината,
ја прочитаа големата –
сенародна
ЉУБОВ,
од ангелските очи.
Од словата божји
на свети Климент
и зборовите милозвучни
од свети Наум.

*
Крај бистро езеро огра
свето, божјо дело
вечно разграна, останаа расеано.
Мисли разцветаа,
зраци сончеви огреа.

Ти не си обично езеро,
врамено со горостасни брегови,
ти си божја дарба,
ангелска опивка – опонја убавина.

Ох, водо немирна,
мелем сееш во срцето
и светлост сред душата.
Будиш мисла разиграна,
блиска и бескрајно далечна.
Одронуваш бигори – изворни,
прадедовски – заветни.

Водо, водотек во душата,
не мируваш, плискаш,
брануваш не сонуваш,
разлеана – разбистрена,
како мајка за своите
крај неа, блиски
и далечни чеда!

Ги чекаш, дочекуваш
со бистрина ко зора,
со љубов опојна мајчинска
возвишена ко лисна гора.
огреана од рујна зора.

Билјанини извори
бистри води бликаа,
жедни усни освежуваа
– напојуваа.

Лути рани лекуваа,
изморени очи
одмараа.
Бранови, во љубов – прегрнати
разиграни, во бисери позлатени,
од водите охридски вечно светни
расцветани – разбистрени.
Од галеби воспеани.

Свети Наум и св. Климент
Мисла запишаа збор прозбореа
- Во овој божји рај
Остануваме со словото
божјо, позлатено
меѓу виолетовиот изгрев
и сребрениот залез на брегот.
Езеро, остаснуваме!
крај твоите разпеани –
разиграни пејсажи
над твоите бисерни свети
води.

Водо езерска лековита
Ги залечи и излечи раните
по телото и душата.
Го искорна бршленот студен,
испреплетен низ нашите дамари.

Се поклонуваме
крај овие езерски води.
И земаме заклетва ќе
останеме вечно твои
градите ли и бранители
со будно око свемирско!

Ветуваме!
И зборот ќе го претвориме
во дело ќе изградиме божји храмови
над тебе
бистро езеро
на твоите брегови,
за да греат со
вечната светлина.

Ѕвездите ги опсипаа
езерските води.
Денот се раѓаше
над езерото
со сончевината
на земјата благословена
Македонија!

Распламти, огреа
Светиот оган во Охрид,
од светиот град,
распламтен – возвишен
се разнесе над Македонија,
Балканот. Европа,
Од небото заблескаа
виолетови зраци кон
целиот свет.
Со светлост која вечно блеска.