|
||||
ДЕЛ ОД ИСТОРИЈАТА НА ДОЛНА ПРЕСПА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17) |
ПРЕСПА ВО ДЕЛАТА НА СЛАВЕ КАТИН Да се пишува за минатото и сегашноста за Долна Преспа, во Егејска Македонија, за поделена Македонија е одговорна задача, но истовремено причинува големо задоволство. Тоа е од причини што често се вели дека Македонија е најубавата земја на Балканот, а Долна Преспа е срцевината на таа македонска убавина. И не случајно, зашто на овие простори некогаш било седиштето на Самуиловата држава, а и на свети Климента. Првиот бил владетел на светот, а вториот бил великан на православието. Ете зошто нивните потомци блеснуваат на хоризонтите на македонската иселеничка галаксија, со харизма каква што можат да имаат само ѕвездите на македонското небо. Мајката природа на Долна Преспа ѝ подарила богатство на убавини и атрактивности. Во исто време, историјата ѝ оставила непроценливи траги од значајни настани. Затоа долнопреспанци каде и да се во родниот крај или надвор од него, се радуваат со сето тоа што го има во сите делови на поделена Долна Преспа, се гордеат и го чуваат ваквото богатство за идните генерации. Во историјата е забележано дека македонскиот народ од Преспа, заедно со сите негови браќа од етничка Македонија, во 1903 година се крена на востание да се бори за својата слобода и за создавање независна македонска држава. Само десет години подоцна Македонија беше брутално нападната, окупирана и поделена од своите соседи Грција, Србија и Бугарија, а подоцна и од Албанија; поделба потврдена од страна на европските големи сили, на 10 август 1913 година, со Букурешкиот договор. Познато е дека Македонците постоеле во 1912 и во 1913 година. Всушност, целиот свет знаел дека Македонците постоеле дури и пред тоа, бидејќи читале за нив во историските и другите книги и информативни гласила. Целиот свет читал за Илинденското востание од 1903 година и за тоа како македонскиот народ се обидувал да се ослободи од турското ропство. Денес имаме стотици исечоци од весници од тоа време, практично од секој голем весник во светот, кои, без сомнение, докажуваат дека Македонците постоеле во 1903 година, само една деценија пред Македонија да биде брутално нападната, окупирана и поделена од соседните земји. Во 2013 година Македонија ја одбележа 100-годишнината од поделбата. Ако балканските војни во 1912 и 1913 година беа предвесник на ослободувањето на Македонија, тогаш Договорот од Букурешт, од 10 август 1913 година, ја одбележа нејзината трагична поделба меѓу Грција, Србија (поранешна Југославија) и Бугарија. Кога Договорот од Букурешт од 1913 година беше потпишан, Македонија зафаќаше површина од 66,474 км2 од кои 25.713 км2 (денешна Република Македонија) со околу 1,6 милиони македонски народ, беа доделени на Србија. Грција го доби јужниот дел на Македонија од 33,953 км2, нешто повеќе од половината од Македонија, со население од околу 500.000. Североисточниот дел на Македонија, кој опфаќа 6,808 км2, со околу 300.000 македонско население, му беше доделен на Бугарија.
Книгата „Неуништливи корени“ од Митре Кајчевски-Мичо од Герман е издфание на „Арена“, Скопје, 1998, 1-224, а публикацијата „Од Панонија до Егеј“ е дело на академик Антоније Шкокљев-Дончо од Белград, по потекло од Д‘мбени, Костурско и на Славе Николовски-Катин од Долна Преспа Ако балканските војни ѝ донесоа слобода на Македонија од Отоманското Царство, тогаш Договорот од Букурешт од 1913 година донесе поделба, денационализација, невидена асимилација и прогонување на илјадници Македонци од домовите и огништата на нивните предци. Затоа, Македонците веруваа дека 2013 требаше да биде година на поништување на невалидниот Договор од Букурешт од 1913 година и година на остварување на македонските соништа за обединување на сите Македонци во етничка Македонија. А, обединување на македонскиот народ од етничка Македонија мора да има на културно, јазично, црковно, национално, духовно и друго поле, без измени на границите, туку обединување какво големите сили го прават за другите нации во Европа и на други места. За такво обединување на Македонија треба секој Македонец да се стреми, да се бори и со голема љубов да ја пренесува таа идеја на младите македонски генерации, на начин како тоа го прават некои соседни земји. Во 1913 година и убавата македонска Преспа беше поделена на три дела, исто како Македонија на три држави. Големите сили се согласиле дека не сакаат Отоманската Империја да биде заменета со една единствена голема држава. Таква една голема држава би била потенцијална опасност за нив во иднина. Затоа, сите тие се согласиле дека Отоманската Империја мора да се распадне на помали компоненти. Исто така, големите сили се согласиле дека овие компоненти ќе треба да се поларизираат, така што ќе се мразат едни со други и никогаш ќе нема никаква шанса за нивно обединување. Освен тоа, тие требало да бидат со приближно еднаква големина, така што ниту една компонента не ќе има способност да доминира или да проголта која било од другите доколку избие војна меѓу нив. Во Македонија, како најголема и главна компонента на европскиот дел на Отоманската Империја, прашањето на секој човек било што ќе се случи со Македонија и македонскиот народ откако Отоманската Империја целосно ќе се распадне? Така се родила онаа неправедна сентенца што денес се нарекува „Македонско прашање“. Во ова прилика треба да се истакне дека Грците, Србите и Бугарите од тоа време знаеле дека никакви „етнички“ Грци, Срби или Бугари не живеат во Македонија. Како би можело да ги има, кога грчкиот, српскиот и бугарскиот идентитет не се формирал преку нивниот природен тек. Како би можело да ги има кога овие идентитети биле присилно наметнати врз овие балкански народи, практично преку ноќ, од страна на големите сили. Грција, Србија и Бугарија, а подоцна и Албанија, прво се обиделе со помош на пропаганда да ги убедат Македонците дека се Грци, Срби, Бугари и Албанци. Кога тоа не им успеало, се обиделе тоа да го направат со сила и со отворање цркви и класифицирање на луѓето според верската припадност. Во тие денови, под турска власт, црквата била највисока власт што владеела со државата, слична на она што се владите денес. А бидејќи немало регуларна македонска црква, македонските христијани, за жал, можеле само да припаѓаат на грчката, српската или на бугарската црква. По поделбата на Македонија, Грците, Србите и Бугаритего, а во Преспа, Грците, Србите и Албанците го нападнаа македонскиот јазик, единственото живо нешто што останало како доказ за македонското постоење. Најтешките мерки против македонскиот јазик во Грција биле преземени во текот на годините на диктаторот Метаксас, откако дошол на власт на 4 август 1936 година. Во текот на тој период, грчкиот режим остро се спротивставил на употребата на македонскиот јазик и остро ги казнувал и затворал оние кои зборувале на мајчин македонски јазик било во јавност или дома. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |