|
||||
СЕ ОДРЖАА „51-ТЕ ЉУБАНСКИ ИЛИНДЕНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ СРЕДБИ“ |
Преспа, сите населени места под Пелистер и Галичица, а и другите преспански печалбарски села и Преспа се празнично расположени во текот на август. Овој живописен крај широко ги отвора вратите за печалбарите, да се вратат во своето родно место, на своето родно огниште. Голем број од тие “талкачи по светот” доаѓаат да се видат со своите најблиски, на големиот празник Илинден, на „Љубанските илинденски иселенички средби“ , манифестација што се одржува на 2 август секоја година во убавото печалбарско Љубојно. Преспа како и многу други места од Западна Македонија најмногу е познат по печалбарството. Од памтивек од овој крај се одело на печалба. Тоа оставило многу траги кои зборуваат за тагата на разделбата, за неостварените желби, за тешкиот живот, тоа зборува за неизносените невестински руби и за детството без родителска љубов. . Оваа година се славеа 121 година од првиот Илинден, кој е најголем ден на слободарскиот дух од сите денови и празници на Македонија. Затоа, на Илинден во Љубојно се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што се собираат, притоа доаѓа голем број иселеници од прекуокеанските земји и од европските земји, Исто така за Илинден во Љубојно доаѓаат Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи од Претор, Сливница, Крани, Наколец и Долно Дупени, како и голем број повратници од Преспа, Битолско, Охридско, Леринско и од Мала Преспа. Манифестацијата „Љубански илинденски иселенички средби“ е длабоко втемелена во историјата на Љубојно, на Преспа, но и во нашата држава Република Македонија. Таа ја покажува поврзаноста на иселениците ширум светот со родната земја од каде што потекнуваатОвогодиштата манифестацијата „Љубански илинденски иселенички средби“ се одржаа на 1-ви и 2-ри август по 51-ти пат. Таа е значајна културна манифестација не само за Љубојно и Преспа, за иселениците од целиот свет, туку и за Република Македонија. Во изминатите педесетина години на успешното организирање продефилираа голем број културно-уметнички друштва, музички ѕвезди, литературни дејци и други културолози. Манифестацијата „Љубански илинденски иселенички средби“ започна да се организираат на Илинден 1974 година. Тогаш за прв пат музичка група свиреше пред манастирската црква „Свети Илија“, во која по традиција голем број Љубанци одат на Илинден во предпладневните часови да присуствуваат на црковната Богослужба. Таа прва веселба на Илинден 1974 година беше спонтано прифатена од Љубанци со аманет секоја година да се веселат на Илинден пред црквата „Свети Илија“„ и потоа прославата да продолжи на „Полена“, во Центарот на Љубојно.
Од овогодишната посета во манастирската црква „Свети Илија“ во Љубојно Во почетокот средбите во Љубојно имаа карактер во вид на панаѓурска прослава, но како одминуваше времето манифестацијата прерасна во значајна илинденска прослава и печалбарска средба. Така, во последните триесетина години средбите почнуваат на 31 јули вечерта, со играорни и пејачки групи од разни краеви на Македонија, од поранешна Југославија, Мала Преспа, како и уметнички друштва на Македонците од Австралија, Канада, САД и европските земји.+ Во изминатите педесетина години во организирањето на „Љубанските илинденски иселенички средби“ се вклучиле бројни иселеници и мештани на Љубојно. Покрај претставниците на Месната заедница од Љубојно и љубанци, големи заслуги имаат и: фестивалот „Илинденски денови“ од Битола, Општината Ресен, поранешната Матица на иселениците од Македонија, денес Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, бројни оркестри, естрадни уметници, фолклорни групи, медиумите во Македонија и во дијаспората, како и голем број вљубеници во Љубојно и нивни пријатели, особено „Љубојно промет“, „Стара Чешма“, „Дупени Бич“ и други, кои со своето учество дале значаен прилог и придонес средбите да бидат богато организирани, масовни, да имаат поширок карактер и да бидат вечни. Посебно треба да им се оддаде признание на долгогодишните организатори: Владо Пашариковски, Бошко Рајчовски-Пелистерски, на Славе Катин кој организирал бројни презентации и промоции на свој публикации, на музичката ѕвезда Ламбе Алабаковски, како и на Васко Томулевски и негови предходници од Месната заедница во Љубојно. Овогодишните „Љубански илинденски иселенички средби“, се одржаа во организација на Одоборот на средбите на чело со Васко Томулевски и се организираа по 51-ви пат. Така, во четвртокот на 1-ви август, на гостите им се обрати градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, а потоа настапија фолклористите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола. Вечерните часови беа резервирани за познатата естрадна уметничка Сања Цинцева, заедо со групата „Молика 1“ и „Екстрада Бенд“, чија забава се одржа до доцните часови на „Полена“ (Центраот) на Љубојно. На 2-ри август на денот Илинден, во манастирската црква „Свети Илија“се одржа света богослушба, за која овогодинешен кум беше Васко Томулевски со семејството. Потоа бише положено цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од Илинден пред куќата на Калајџиовци. Од таму се отиде во посета на вечните почивалишта на Љубанци во централната цеква „Свети Јован“. Посебно место за „Љубански илинденски иселенички средби“, им припадна на македонските естрадни уметници Андриана Ацевска и Ташко Каранфиловски, како и на познатите музички состави „Молика 1“ и „Екстрада Бенд“. Сите тие оставија белег и ги направија средбите да се паметат. Овогодишна забава на „Полена“ (Центарот на Љубојно) започна во попладневните часови и траеше од 17.00 до 2.00 часот наутро. Со тоа се постигна оваа традиција во Љубојно да живее многу години, а Илинден да биде и слава и верски празник. Илинден како ден на востанието на македонскиот народ да стане и ден на Љубојно и околните села, Брајчоно. Долно Дупени, Наколец, Штрбово, Крани и Арвати, како и Селата во Долна Преспа во егејскиот дел на Преспа и Мала Преспа во Албанија, а „Љубански илинденски иселенички средби“ да бидат вечни во Македонија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |