Среда, 20 Април 2011    Печати
Велики Четврток
Во четвртокот пред Пасха, односно Велики Четврток, Господ Исус Христос се враќа во Ерусалим каде ја востановува Новозаветната Пасхална жртва.

VelikiCetvrtok1

Црквата на овој ден си споменува за светото миење на нозете, Тајната вечера, предавањето на страшните тајни, Првосвештеничката натприродна молитва, и самото предавство на Синот Божји, кое впрочем треба да се случи денес, за еврејската пасха (Јагнето Божје) следниот ден (Велики Петок) да може да биде жртвувана.

Повеќето куќи во еврејската земја во христово време изгледаа како коцка, врз која е сместена една помала коцка. Според оваа архитектура, најчесто во горниот дел се поставуваше гостинската соба. Во евдна таква соба, Христос, заедно со Своите ученици ја јадеше последната пасхална вечера за празникот Бесквасници. Пред самата вечерам Тој ја препаша ризата Своја и им ги изми нозете на Своите ученици, поучувајќи ги на тој начин на понизност и љубов, давајќи им нова заповед на љубовта: „Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.“ (Јован 15,17)

Тоа од Него избрано проштално јадење беше всушност, пасхалната вечера, која беше спомен на ослободувањето од Египет, обред пропратен со молитви, раскажување на настанот, славословење на Бога, псалмопеење - односно оброк на благодарење. Но самата старозаветна жртва ја нема моќта за очистување од прародителскиот грев, и таа беше само праслика, знаци и симболи кои укажуваат на грешност и копнежот за искупување, и навестување за тоа што треба да се случи во иднината, Великата Жртва на помирувањето - Господ Исус Христос.

На Тајната вечера, Христос Се прикажува Себе како Новозаветна Пасхална жртва, како Божјо Јагне кое Се жртвува за простување на гревовите, и така нареди лебот да се јаде и виното да се пие во Негова чест. Оваа чиста жртва која и ден денешен се извршува преку Светата Литургија, a со тоа и Евхаристија, ги поврзува сите христијани во едно - Нов Завет во Негова крв. Потоа Христос ја изговара Својата молитва, наречена уште и првосвештеничка, преку која се обраќа кон Отецот да ги зачува сите оние кои поверуваа во Него, и љубовта со која Отецот Го љуби Синот да биде и во нив.

По вечерата, Христос и Неговите ученици заминуваат во Маслиновата гора, на Гетсеманската градина, каде Тој се моли на Отецот, а учениците се надвасани од сонот. Во меѓувреме, Јуда Искариот претходоно договорен со старешините, ги доведува да Го фатат Исуса. Го предава со бакнеж, оти таков бил договорот за тие да Го препознаат меѓу другите. Тогаш Петар го вади својот нож и го пресекува увото на слугата на првосвештеникот, чие име беше Малх. Исус му го исцелува увото на Малха, и го прекорува Петра велејќи му „сите кои се фаќаат за нож, од нож ќе изгинат.“

И сето тоа се случи за да се исполни Писмото.

Евангелското читање на светата Василеева Литургија на овој ден се состои од описите на Тајната вечера од четворицата Евангелисти. Наместо Херувимската песна, при Великиот Вход се чита молитвата пред Света Причест. Истата молитва се чита и при причестувањето на клирот во олтарот, и верните во храмот.