Среда, 22 Мај 2024    PDF Печати Е-пошта
Свети рамноапостолни Кирил и Методиј Солунски 24/11 мај

sveti_kirilСветите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. иако имаат и посебни празници  на денот на нивното упокојување, тие имаат и заенички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување на Св.Кирил на 27/14 фев. и на Св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и друго затоа што заедно извршувале иста дејност. Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на Св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: „И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен”. Но поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости кога црквата забранува свечено празнување се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.) При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј. Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи.

Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826/27 година.

За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае ддури ниту неговото крстено име, а името Методиј е добиено во монаштво. Се знае дека завршил највисоки школи во Константинопол, дека во младоста ја избрал воената служба и десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и дека таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето“). Но ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.

Константин пак уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград која што имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата) дека кај Лава и Фотија ги учел дијалектиката, сите филозофски науки, потоа реториката, артиметиката, астрономијата, книжевноста, сите елински уметности итн. По завршувањето на  школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа каде што станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот Филозоф.

Бидејќи се истакнал со познавање на црковните, но и на световните прашања на 24 годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен во Арапската мисија кај Сарацените, која што имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики по повеќе верски прашања а се запознал и со нивниот живот и обичаите.

Во 858-859 година Кирил, Методиј и повеќе други пратеници од Византија престојувале во Мисија кај Хазарите каде што требало да решат повеќе важни политички и верски прашања. Овде ги нашле и моштите на папата Климент И, кој уживал голема почит кај Римјаните а Кирил напишал и пофално слово за Климент и химна за него. По успешното завршување на оваа мисија, Методиј повторно заминал во својот манастир на Олимп, а Кирил во некој манастир во Цариград. за време на овој престој во Цариград тој се прославил со дешифрирањето на еден запис од чашата на еврејскиот цар Соломон која се чувала во црквата „Света Софија“ во Цариград.

Сепак за двајцата браќа најважна е Моравската мисија која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено побарал да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Во Моравија Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на  кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на  германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Поради ваквите пречки во работата двајцата браќа тргнале за Рим со намера лично поред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На пат за Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од  нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, с сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?” - им рекол Кирил и додал дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и други народи словото Божјо го проповедаат на свој јазик и дека е незамисливо дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.

Во Рим браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе што со себе ги носеле моштите на папата Климент И, коишто Св. Кирил ги нашол за време на Хазарската мисија. Во Рим во тоа време сеуште бил жив култот кон папата Свети Климент И кој маченички го завршил животот, поради што враќањето на неговите мошти во светиот град претставувало голем настан, а браќата биле почестени со големо внимание.

Папата тргнувајќи од некои интереси на папската столица дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик со што го признал овој јазик за службен во црквата. Тој ги зел во заштита словенските книги, Методиј го проиизвел во свештеник, Константин во повисок калуѓерски ред (со што го добил името Кирил), повеќе ученици добиле свештенички звања, а Климент и Наум станале презвитери.

По големите напори Кирил починал во Рим на 27/14 февруери 869 година на голема жалост на брат му Методиј и неговите ученици. Тука бил и погребан, така што и денес неговите мошти почиваат во Рим во црквата Свети Климент. Оттука Св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија одел и во Панонија кај кнезот Коцел, но непријатностите не престанале. Две и пол години минал во затвор, а по ослободувањето на директна интервенција на папата морал постојано да оди во Рим и Цариград да се правда од клеветите и да реферира за постигнатите резултати. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца свои ученици-брзописци и за  шест месеци ја превел целата Библија на словенски јазик. Починал на 19/април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.

По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. Германските свештеници со нив жестоко се пресметале. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ. Меѓу овие биле и Светите Климент и Наум кои делото на своите учители со голема страст и знаење го продолжиле на брегот на Охридското Езеро, во древниот град Охрид.

Мојата песна

Развила Македонија

од Југа та до севера,

како стред месец Маија;

трендафил, ружа, џунџуле.

Во цвеќињата два брата:

Свети Кирил и Методија,

в раце ми книга држеа

и на Бога се молеа

за Госпо да им поможит,

славјански букви да пишат;

аз, буке, веде, гљаголе,

добро е, животта, зело,

земја, иже, како лјуди,

мислете, наш, он, покој,

јарци, слово, тврдо, у.

Букварчиња ми напрајле,

на Славјани им ги дале,

да пеат и да се учат,

во цркви Бога да мољат.

Како се Бог умолиле,

така и Господ им даде:

славјанска книга писале,

и сви Славјани крстиле.

Радујте се до два брата,

Кириле и Методија,

тамо горе на небеси,

со сите светци ангели

за ваше добро сторено,

на сите браќа Славјани:

Руси, Срби, Бугари,

Словаци, Чеси, Хорвати

и на сите Црногорци.

Ој ви вие седум браќа,

до седум браќа Славјани,

братска рака подајте си,

и една снага бидете.

Русија глава имајте

за врази да победите,

и братски да живеите...

Марко К. Цепенков. (Подготви Марко Китевски)

 

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.