|
||||
| Свети апостоли Петар и Павле (Петровден) 12.VII/29.VI |
|
Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. А и историски нивниот празник се утврди пред празникот посветен на 12-те, т.е. на сите апостоли. Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време. Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера. Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука” што е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: „...стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: 'Премини во Македонија и помогни ни!' По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евенгелието. (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!”- им рекла таа. Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Ете затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот кон Европа и светот. Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија. |



Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците.























