Среда, 06 Март 2013    Печати
Струмичко Кале

Струмичкото Кале, познато и како Цареви кули, е тврдина од 11 век која се наоѓа над градот Струмица.

North_Czars_Tower_in_Strumica_Macedonia
Северната кула

Струмичкото Кале, познато и како Цареви кули, е тврдина од 11 век која се наоѓа над градот Струмица.

Историјата на оваа тврдина е поврзана за постоењето на самиот град. Веќе во 11 век, по битката на Беласица, византискиот император Василиј II, им наредил на своите војводи, да ги преминат ридовите околу Струмица и да ги запалат ѕидините за да му ги исчистат сите пречки на патот кој води кон Солун. И во 14 век, византискиот писател и научник Никифор Грегора, се задржал неколку дена во Струмица каде што нашол заштита во градот "што се крева, така што се рече, над облаците". Понатамошниот живот на оваа тврдина е сврзан со властелините од околијата, и престанал во времето кога Турците ги напуштаат градовите.

Ѕидните платна го опкружуваат високото плато во форма на многу издолжена елипса од каде што, на северната и на јужната страна се спуштаат косо непристапни падини. Од старата тврдина јасно се согледуваат на северната и северозападната страна остатоци од четири кули за зацврстување на ѕидното плато, додека на источната страна одвај се наѕираат остатоците на една тркалеста кула која веројатно го маркирала влезот на тврдината. Најзачувана и најинтересна е кулата во внатрешноста на тврдината. Однадвор е во форма на издолжен шестоаголник, а внатре има правоаголна основа. Дебелината на нејзините ѕидови изнеува околу 4 метри. Во внатрешнота на ѕидовите се гледаат лежиштата на меѓукатните контрукции изградени од дрво.

Влезови во калето

Влезот во кулата се наоѓа на северно-западниот ѕид, но отворот со подоцнежни уривања е проширен и тешко е да се разбере неговиот првобитен изглед. Меѓутоа, логиката покажува деке овде не би требало да се наоѓа влез. Влезот бил повисоко, секако на првиот спрат, ако не и повисоко, и се обезбедувал со помош на дрвени скалила, поставени од надворешната страна. На ваквата можност кажува и фактот што ѕидовите на приземјето се обложени со фрагменти од керамика, а во него водат и керамички цевки за да ја спроведат водата од покривот во оваа просторија која на тој начин добива улога на цистерна за вода. Една единствена ниша на северниот ѕид ја преставува целата декорација на оваа градба која има изразито одбрамбен карактер.

Северната страна на тврдината е многу стрмна, а камениот материјал е трошен и се осипува. На неколку места пороите направиле големи дупки. Во средината на падината се наоѓаат остатоци на една мала, еднокорабна градба, можеби црквичка , од која се зачувани источниот и јужниот ѕид. Ѕидовите се малтерисани, но врз малтерот не е забележуваат траги од боја или цртеж, што би покажувало дека градбата била црква. Не е јасно како се приоѓало кон оваа градба, но многу е веројатно дека постоел пат кој бил однесен од пороите, заедно со северната половина од објектот и нејзиниот свод. Материјалот од разрушените ѕидови, во поголеми компактни блокови, може да се види расфрлан по стрмната падина.

Извор: www.strumica.gov.mk