|
||
| Свадбарски обичаи од село Мрзен Ораовец |
|
Од книгата „Мрзен Ораовец – Живот што тлее во пепелта на згаснатите огништа“ од Добре Ставров, Кавадарци 2006 г.
Свадбата е проследена со песни, свирки и ора и со многу обичаи и верувања. Со праќањето на стројниците, па преку канењето на кумот (нункото) и старосватот, определувањето на деверите, месењето на погачата, забричувањето и облекувањето на младоженецот испраќањето на ковчежарите, одењето на сватовите, обичаите во домот на невестата, венчавањето и првичињата што следуваат потоа се проследени со многу обичаи, се со цел да обезбедат долг и среќен живот на младенците како и здрав и долговечен пород со што се продолжува семејната лоза. Во таа смисла постојат обичаи да се заштитат младите од ѓаволи, магии и уроци: менување на патот (по еден пат одат, а по друг се враќаат со невестата), прекривање на лицето на невестата со вел од погледите на присутните, да не се сретнат и видат две невести за време на свадбата и друго. За свадба се кани во вторник навечер со ракија, во дрвена резбарена карта, на која има врзано цвеќе и јаболко. Секој поканет на јаболкото набива метална паричка. Се кани во вторник за да има време поканетите да идат на пазар и да купат подароци за свадбата, со еден збор – да се подготват за свадбата. Момински чеиз (Руба) Изготвувањето на чеизот е тесно поврзано со љубовните чувства на секоја девојка, проследено со многу трепети, мечти и соништа за иднината. Тесно е поврзано со традицијата која се пренесува од постарите на помладите, но и со новите трендови во облекувањето и со новите потреби во начинот на живеењето. Девојчињата во селото уште од десетгодишна возраст се учат да предат и плетат, од тринаесеттата- четиринаесеттата да везат, а од шеснаесеттата-седумнаесеттата и да ткајат. Плетењето, везењето и ткаењето се ракотворби изработени со макотрпен труд во кои, до полн израз доаѓа умешноста и креативноста на македонската жена, која дава восхитувачки резултати. Јамболиите, килимите, како и плетените и везените цветни и други апликации со неверојатна геометриска точност, претставуваат вистински уметнички дела. Рачно изработената женска руба се прави од волнен, памучен и свилен конец. Порано, до почетокот на 20-тиот век секоја девојка морала да подготви бовчалоци за дарување во свилен или памучен плик: две бовчи за момчето, кои се состоеле од дебело ткаено бело платно за долги кошули и долги гаќи (кои се носеле летно време), волнен појас, волнени чорапи, џемпер (џелетка), крпа, чевли и капа; за свекорот: една бовча со долга копула и гаќи, појас, волнени чорапи, крпа за лице, опашалка и капа шубара; за свекрвата: женска долна облека, чорапи, опашалка, крпа и шамија; за кумот и старосватот, исто како и за свекорот, за золви и девери – бовчи според возраста; за свадбените девери – кошула, чорапи, крпа за лице и деверска крпа. Дел од облеката била обвезена со свилен конец. Целата руба била рачно изработувана. Покрај бовчите секоја мома морала и најмалку по два килима и две килимчиња (лити и четворни), јамболии, чаршафи ткаени на разбој, ишарани со вајкар (купечки конец во разни бои) или свила, везени перници, плетени пердиња по 20 до 30 машки и женски опашалки 60 до 80 машки и женски волнени чорапи, крпи за лице, неколку појаси џемпери, елеци и друго. Дарот на невестата се договара уште при свршувачката. Од дваесетте години на минатиот век откако се појавува и индустриската роба постено се менува и рубата на невестата. Бовчалакот на момчето се состои од три или најмалку две бовчи чија содржина е купечка. Бовчата се состои од: кошула, мајца, гаќи, чорапи, крпче и крпа за лице. Втората бовча со иста содржина, а третата со пиџама, без кошула. за свекорот кумот и старосватот по една бовча која се состои од кошула, долги гаќи, волнени чорапи, волнена опашалка, крпче, крпа за лице, а по можност и појас. За свекрвата долна облека, купечки чорапи, крпче, крпа за лице, шал, шамија или шкепе и опашалка; за золви и девери - бовчи според возраста, за деверите: кошула, чорапи, крпа за лице и деверска крпа со реси од свила. И покрај бовчите секоја мома мора да има подготвено како и во постаро време по два-три килими, три-четири килимчиња, една до две јамболии волнени и парталави стази, прекривачи за кревет, стапки за пред кревет, плетени килимчиња за ѕидот над креветот, 60 до 80 машки и женски чорапи (волнени и памучни), два-триесет опашални и скуталиња, плетени пердиња, прекривачи и шуштикли, памучни чаршафи, навлаки за перници и друго. Ткаените, плетените и везените работи се рачна изработка. Подготви: Марко Китевски |