Среда, 27 Март 2013    Печати
Ваташката гајдаџиска тајфа на семејството Баснаркови

gajda1Песната, орото и веселбата биле сакани како од младите така и од постарата генерација. Животот на населението во Ваташа бил тежок и напорен, било потребно да се вложи многу труд за да одолее на скапиот живот, на експлоатацијата и да се обезбеди егзистенција на семејството. Меѓутоа ваташани ја сакале  музиката, веселбата, песната, орото и секоја пригода ја користеле да заиграат и запеат. Свадбите биле најчестата пригода луѓето да се развеселат и да заиграат, а биле користени и скоро сите верски празници, кои им овозможуваат на луѓето барем за миг да заборават на секојдневните обврски и да се опуштат барем малку. Во Ваташа се играло и веселело и на религиозните празници, но и помеѓу нив. Ако не била селска слава или свадба, младите организирале игранки во неработните денови. Игранки се приредувале во ваташкото училиште или во двете селски кафеани, обично во недела попладне.

Една од најпознатите гајдаџиски тајфи, или воопшто музички групи во селото Ваташа била музичка група на браќата и синовите од семејството Баснаркови, позната занаетчиска фамилија. Најстариот од нив Илија Баснарков многу убаво свирел гајда со сите чувства на тонската скала. Неговиот помал брат Лазо со гајда му држел „втор глас“. Во нивната музичка група настапувале уште и  Никола, постариот син на Илија, кој ги следел на дајре, кој исто така свирел гајда, а на гајда  многу убаво свирел и  вториот син на Илија, Цандо со второ даире. Овој музички состав ги свирел сите тогаш познати македонски, посебно тиквешки ора и песни како: Правото, Пајдушкото, Касапското, Ситното, Тиквешкото, Тешкото, песните: Елено моме, Славна остана гарата на Криволак, која се пеела на сите свадби и веселби, биле редовно пеани старите комитски народни песни, свадбинските песни и староградските песни. Нивното свирење било пратено со пеење во кое учествувала целата тајфа. Во скоро сите тиквешки села постоеле музички групи, меѓутоа кога некој повиден селски првенец ќе правел свадба или веридба, куќна слава, тогаш тие барале на тие прослави да им свират ваташките гајдаџии, кои во таа област биле најдобри во Тиквешијата.

Во една пригода познатиот ваташки трговец Јованче Мишев Делчев, ја пазарил ваташката гајдаџиска тајфа на семејството Баснаркови за верскиот празник Св. Кирил и Методиј да настапат во Солун. Тие се согласиле и за одредена сума за пари заминале за Солун каде што настапиле на Бех Чинарот, позната солунска чаршија каде се собирале трговците и повидните граѓани на Солун. Нивниот настап предизвикал големо внимание и долго време се зборувало за настапот на оваа тајфа во Солун.

Во времето на формирањето на Кралството Југославија, односно во 1920 година ваташките гајдаџии биле поканети да настапат во Белград, каде свој настап имале во Кралскиот дворец, пред кралот Александар Караѓорѓевиќ, кој воодушевен од нивниот настап и оригиналното музицирање и пеење богато ги наградил. Неколку години подоцна постои запис дека ваташката гајдаџиска тајфа на семејстдсото Баснаркови во Белград снимиле грамофонска плоча, но до денес не е сочуван ниту еден примерок од таа плоча.

Традицијата на семејството Баснаркови ја продолжил Коло Баснарков кој заедно со Васил Хаџиманов во 1938 година ја формирале Тиквешката фолклорна група, во која Коло Баснарков бил прва гајда, потоа имало уште една гајда, две даириња, на прим свирел и Васил Хаџиманов. Во рамките на групата имало одлични пејачи како Тасо Плетварски,  Сијча Атанасова, Рада Глигорова Илиева и др. Бидејќи бил најстар од сите членови на групата со името на Коло Баснарков се поврзани многу анегдоти кои им се случиле на нивното подалечно патување во Белград каде настапиле на фестивалот на фолклорни групи од Југославија на кој освоиле прво место. Освоеното прво место на фестивалот во Белград во 1939 година на Тиквешката фолклорна група и овозможил учество на меѓународниот фестивал во Њујорк во 1940 година, меѓутоа отпочнувањето на Втората Светска Војна го спречило одржувањето на овој фестивал.

Од книгата „Ваташа“ од Петре Камчевски, Кавадарци 2012 г.

Подготви: Марко Китевски