Среда, 08 Мај 2013    Печати
Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Охрид

Црквата Успение на Пресвета Богородица (позната како: Света Богородица Каменско) е македонски православен христијански црковен храм во градот Охрид. Оваа црква се наоѓа во строгиот центар на градот Охрид, во стариот дел на градот, над стариот чинар и фонтаната во чаршијата. Во дворот на црквата се наоѓа гробот на дебарско-кичевскиот митрополит Антониј. Црквата изобилува со прекрасен фрескоживопис, како и со два сводови на кои се насилкани Пресвета Богородица и Исус Христос во централна положба. Исто така во црквата постои раскошен резбан иконостас. Не е познато кој мајстор го правел иконостасот, но се претпоставува дека станува збор за мијачки мајстор. Според својата конструкција иконостасот е поделен на пет хоризонтални полиња. Се смета дека црквата е изградена и живописана во XVII век, а била проширена во 1832 година, што како година стои врежано над влезната порта во дворот на црквата. Црквата била живописана уште два пати, првиот пат од познатиот и прочуен зограф Дичо Зограф во 1863 година и втор пат во 1924 година.

Оваа црква е централна парохиска црква на Втората охридска парохија. Фрескоживописот и иконите на иконостасот се дело на познатиот македонски зограф Дичо Зограф, изработени во 1863 година. Во 1991 година изградена е административна зграда. Во септември и октомври 2002 година, од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј - Охрид, извршено е чистење и конзервација на фрескоживописот. На 28. V. 2004 година завршено е фрескоживописувањето на западната страна на црквата, која не беше живописана. На 15. VI. 2004 година завршено е поплочувањето на подот со мермер гранит, а во месец декември 2006 година извршено е проширување на дворот, под кого се направени магацини, и негово партерно уредување.

Sv.Bogorodica-Kamensko-Ohrid-MK-1
Поглед од близу на црквата Успение на Пресвета Богородица

Sv.Bogorodica-Kamensko-Ohrid-MK-2
Влезната порта на црквата Света Богородица Каменско со натпис за годината на изградба

800px-Freski-Sv.Bogorodica-Ohrid
Дел од фрескоживописот во црквата

800px-Freskozivopis_vo_Sv.Bogorodica-Ohrid
Фрескоживописот на јужниот ѕид на црквата

800px-Isus_Hristos_vo_Sv.Bogorodica_vo_Ohrid
Фреска со приказот на Исус Христос на свод на таванот од црквата

450px-Freska_Bogorodica_-_Ohrid
Фреска со приказот на Пресвета Богородица на свод на таванот од црквата

Ikonostas-Sv.Bogorodica-Ohrid
Поглед на иконостасот во црквата

450px-Sv.Bogorodica-Kamensko-Ohrid-istocna_strana
Поглед на источниот ѕид на црквата и дел од Саат-кулата во позадина