Среда, 08 Мај 2013    Печати
Хамзали - манастир Светите Климент и Наум Охридски

hamzali15Машкиот манастир на Светите Климент и Наум Охридски чудотворци во Хамзали почива во подножјето на планината Огражден, на далечина од Струмица 17 km. Почеток на неговото подигање е изградбата на манастирската црква во 2000 година. Посветена е на најчествуваните духовни светила на македонските простори, Светите Климент и Наум Охридски.

На растојание на околу 500 m од оваа камена црква во византиски стил чиј иконостас ја следи традицијата на ранохристијанските базилики, во 2003 година подигнат е монашкиот конак со внатрешен параклис посветен на големиот учител и покров на монасите исихасти, Преподобниот Григориј Палама.

Овде во 2004 година во неделата на Св. Григориј Палама започна устројувањето на новата монашка заедница, денес петчлено братство чиј старешина е свештеномонахот Георгиј. Во непосредна близина на конакот има манастирско трло во кое братството одгледува стадо од педесетина овци и кози. Монасите во Хамзали се занимаваат и со земјоделие, со изработка на икони и монашки ракоделија.

Со едноставноста на животот, со постојаното осмислување на рамнотежата меѓу секојдневната Евхаристија и подвигот на Исусовата молитва, придружувано со аскетскиот телесен подвиг што го налагаат условите и просторот, овој прв манастир посветен на споменот на најзначајните втемелители на монашкиот живот во Македонија, богоносните просветители Климент и Наум Охридски, се стреми да ги дава плодовите на класичниот монашки идеал.