Петок, 10 Мај 2013    Печати
Источен Петок - Балаклија, или Светол Петок

balaklija1-001Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела поради што некои го викаат и Светол Петок, а поради тоа што во светлата недела се блажи, може да се сретне и како Благ Петок.

Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори. Според легендата изворот Балаклија, поврзан со името на Пресвета Богородица, се наоѓал во близината на Цариград и во него имало златни риби.

За Ајазмото Балаклија во Стамбол

Кога царуал цар Костадин на Стамбол, Турците беа дошле близу до Стамбол и од ден на ден се туку се приближуале за да влезат во него.

Една вечер, беше му пржеле риби на цар Костадин и беше му рекол некој покрај него, што седел:

- Честити царе, ме страв, Турците да не ни го земат Стамболот.

- Ако станат рибиве од тавава - му рекол царот - да оживеат и да појдат во најазмото, тогај и Турците ќе ни го земат Стамбол.

За чудо големо, уште не беше дорекол зборот и рипнале рибите, та пошле во најазмото и оттогај му нарекле името: „Бал'клија“. Велат, оти уште имало од тие риби живи, само една умрела и со патрико облечен ја закопале, како чоек што се закопуат некоаш за чес да и сторат.

(Подготви Марко Китевски)