Среда, 10 Март 2021    Печати
Прочка во Македонија

prockaПрочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Струмичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.

Во минатото во Скопје често на денот на празникот Прочка се практикувало фотографирање во ателје. Скопските обичаи од кои дел имаале христијанска основа, а дел од нив биле поврзани со паганските верувања, најчесто биле исти како и сите останати од Македонија. По фотографирањето, пресоблечените возрасни и деца оделе на плоштадот во градот и на главните улици Краљ Петар (денешна улица Македонија) и улицата Војвода Путник (кејот на реката Вардар) каде што изгледало како на пазар на разнобојни костими и тоалети. Празничната атмосфера се надополнувала со фрлање конфети, улични музичари со народни инструменти, игри и песна.

По Втората Светска Војна празникот во редуцирана форма се прославувал само во круговите на семејствата според сопствената иницијатива и убедување, а од 60-тите години до денес почнува селективно навраќање на стариот начин на прославување со собирање на плоштадот Македонија и на Скопското Кале.

Весник „Наша стара Србија“, 1927, Скопље

Пандора Шетловска, сеќавања, теренски истражувања во 1995 год.