|

До балчак (англиски: To the Hilt) — македонски филм од 2014 година во режија на Столе Попов. Филмот трае 165 минути. Сценариото за филмот го напишал Горан Стефановски, директор на фотографијата е Апостол Трпески, сценограф е Миленко Јеремиќ, костимограф е Емилија И. Атанасовска, а шминкер е Светлана Гутиќ. Улогите во филмот ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јорданоски, Сашко Коцев, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Ана Костовска, Гораст Цветковски, Владо Јовановски, Камка Тоциновски, Билјана Јовановска, Ненад Нацев, Горан Трифуновски, Ѓорѓи Котев, Дениз Абдула, Береда Решит, Бојан Велевски, Наташа Петровиќ, Адем Карага, Горан Јовановски, Сенад Абдули, Хајрулах Рамизи, Салаетин Билал итн.
Филмот е снимен во продукција на „Триангл филм“, а во копродукција со „Сектор филм“, „Fх3х“ и Македонската радио телевизија. Главен продуцент на филмот е Данчо Чеврески од „Триангл филм“. Постпродукцијата е дело на продуцентската куќа „Fx3x“ од Скопје, а крајниот микс бил извршен во студиото „Барандов“ во Прага. Снимањето на филмот започнало во мај 2012 година, а филмот е сниман на локации во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп. Финансиска и логистичка поддршка на филмот обезбедиле: Владата на Македонија, неколку министерства, Филмскиот фонд на Македонија, Македонската православна црква, „Македонски железници“ итн., а како официјални спонзори се јавуваат „Алкалоид“ и „Лукоил Македонија“. Инаку, овој филм важи за најскапиот филм во македонската кинематографија, чиј буџет изнесува 3,6 милиони евра, од кои 2,5 милиони ги обезбедила владата, а 500 илјади евра обезбедил Филмскиот фонд.
На почетокот, филмот бил сниман во продукција на продуцентската куќа „Триангл“, но таа западнала во големи долгови, така што, по снимањето на филмот, за промоција и дистрибуција на филмот била задолжена Агенцијата за филм. Подоцна, за време на снимањето на филмот се случил скандал кога умрел еден коњ, кому му биле дадени премногу инјекции за заспивање. Овој настан предизвикал големи реакции од друштвата за заштита на животните.
Филмот започнал да се прикажува во кината на 18 октомври 2014 година, со премиерата во киното „Милениум“ во Скопје. Филмот е македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар странски филм.

Дејствието на филмот се случува во првата декада од XX век. Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од било каква идеологизација. Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани низ катарзични емоции што допираат „до балчак”. Поточно, сè е во знакот на типичниот парадокс издигнат до ниво на проверената балканска филозофска максима: „Ебати животот, ако не си спремен да умреш за негo”. Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во којшто се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот, низ македонската историја, исполнет со историски апсурди. Антивестерн, пандан на традиционалниот „Амerican Western“ или нешто што слободно би можеле да го наречеме „Маcedonian Eastern“, ова е филм што излегува од просторот на кој од памтивек се среќаваат и судираат западната и источната цивилизација. |