Среда, 25 Март 2020    Печати
Атанас (Тасе) Христов

AtanasАтанас (Тасе) Христов 

Атанас (Тасе) Христов (20.V 1868 - ?) е македонски револуционер и охридски војвода. Во 1898 година тој се приклучил на Македонската револуционерна организација (МРО) и првично бил терорист на Организацијата. Во летото 1903 година Христов бил назначен за реонски војвода на Малесијата и Охридско Тој учествувал во Илинденското востание, Балканските и Првата светска војна. Познат бил под псевдонимот Аврам Барон.

Атанас (Тасе) Христов Тодоров е роден на 20 мај 1868 година во струшкото село Присовјани. Работел како ѕидар. Во 1898 година тој се приклучил на Македонската револуционерна организација и првично бил терорист на организацијата, а во 1899 година станал четник.

Во јули 1901 година заедно со Јаким Алулов и Ставре Гогов, Тасе Христов влегува во организациската чета на чие чело се наоѓа прилепскиот војвода Тале Горанов. Подоцна, на 27 – ми ноември 1901 година, Христов го заменува војводата Горанов се до доаѓањето на војводата Никола Русински.

До 25 март 1903 година Тасе Христов бил во четата на Никола Русински, заедно со неговиот татко Христо Ангелов и неговите браќа Цветко Христов и Дојчин Христов. На 15 март (ст. ст.) 1903 година, тој учествувал во битката со османлиите во Оздолени, во која беше убиен потполковник Тома Давидов. Во летото 1903 година Тасе Христов станал реонски војвода на Малесијата и Охридско.

Во подготовките за Илинденското востание, Тасе Христов бил војвода на Малесиската чета, во која секретар бил Арсени Јовков. Тасе Христов заедно со Христо Узунов, Дејан Димитров, Никола Митрев, Антон Кецкаров, Александар Чакаров и Лазар Димитров, учествувал на состанокот на Охридскиот револуционерен регион. Од 2 до 7 мај 1903 година, тој со Лука Групчев, Христо Узунов, Дејан Димитров и Аргир Маринчев учествувал и на Смилевскиот Конгрес, на кој била донесена одлуката за кревање на востание. 

За време на Илинденското востание, четата предводена од Тасе Христов го нападнала аскерот во селото Елевци и воделе дводневна борба. Потоа воделе серија битки со редовниот аскер и башибозучките одреди формирани во Жупа. На 4 август тие се префрлија во Горно Дебарско, каде ги продолжија своите активности заедно со четите на војводата Смиле Војданов.

Во втората половина на септември, по задушувањето на востанието, откако го собраа и скрија оружјето од демобилизираните чети во реонот, Тасе со неговите браќа Цветан и Дојчин се префрлија во Бугарија, преку каналот кој го одржувал кичевскиот војвода Ванчо Србаков.

Тасе Христов зел учество во Првата и Втората балканска војна како доброволец во Македонско-одринското ополчение и служел во 3та чета на Шестата охридска дружина. Исто така се борел и во Првата светска војна, како војник на Единаесеттата пешадиска македонска дивизија на бугарската армија.

По војната, тој се приклучил на обновеното ВМРО и на 3 април 1925 година бил назначен од Централниот комитет за војвода на Ресенската околија со 9 четници.