Среда, 06 Мај 2020    Печати
Никола Рашајков

1234567Никола Рашајков

Никола Рашајков - Вишенски (1867 – 4. VIII 1902) е македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација. Тој земал учество како член и организатор во сите акции на Организацијата. До крајот на својот живот, Никола познат како Кољо целосно бил посветен на ослободителното дело.

Никола Кољо Рашајков е роден во 1867 година во костурското село Вишени, Егејскиот дел на Македонија. Бил првиот нелегален организатор на Македонската револуционерна организација во селото Вишени .

Во 1889 година, на една свадба во Тихолишта, тој го убил гркоманот Танас, грчки учител во костурското село Шестево, по што избувнала т.н. Даскалтанасова афера, при која биле затворени четворица дејци на Организацијата од Шестево.

Вечерта на 3 август 1902 година, Кољо и Лазар Москов, еден од реонските организатори, по задача на Организацијата влегле во селото Вишени. Меѓутоа, при влез во селото биле забележани од еден заптија кој го чувал собирачот на даноци. Уште истата ноќ било пратено известување за нивното присуство во Костур, Лерин и Крупиште, по што била мобилизирана војската и башибозукот.

Утрото на 4 август 1902 година, селото Вишени осамна блокирано од 3000 души аскер и башибозук дојден од Костур, Лерин и Крупиште. Турската војска ја опколила куќата на Типо Цулев, исто така деец на Македонската револуционерна организација, во која биле сместени Кољо и Лазар и по извесно време започнала долга целодневна битка, 

На почетокот на битката, при обид аскерот да влезе во куќата, загинал Типо, стопанот на луќата и човек предан на македонската кауза. По неговото убиство започнала љута и крвава борба меѓу аскерот и двајцата македонски херои Кољо Рашајков и Лазар Москов.

На почетокот аскерот побарал од Кољо и Лазар да се предадат, но тие одговориле со истрели и борбата продолжила цел ден. Согледувајќи дека нема да може така да ги совлада,  за да го скршат нивниот отпор, војниците ја запалиле околината при што изгореле осум куќи и загинале три мажи и една жена.

За да не се изгорат живи Рашијков и Москов се обиделе да се пробијат. При пробивот Рашајков чија десна рака била скоро изгорена се фрлил меѓу војската и бил застрелан, а Москов бил ранет во коленото и за да не биде заробен се самоубил. Така завршил животот на двајцата видни синови на Македонија.

По неколку дена, кога месната чета влегла во селото, селаните им предале писмо напишано на парче бакалска хартија од Лазар Москов и Кољо Рашајков. Во ова писмо - аманет кој двајцата македонски херои го оставаат за своите соборци, другари и роднини, тие велат:

„Ако умреме, еве што ќе знаете: Ние не умираме од предавство, туку Кољо виде еден заптија на прозорец. Вие оставаме завет за голема претпазливост. Ако е можно, четата да остане надвор кога времето е добро. Типо беше убиен од Турците, бидејќи не ја отвори вратата. Запишете во весниците, дека не жаливме дека ќе умреме од куршум, но лути сме што не ја постигнавме, не ја исполнивме нашата цел - да ја ослободиме татковината. Нека нашите идеолошки другари го остварат овој татковински завет. Знајте другари дека со нас ништо не се губи. Храбро, не плашете се, ќе заврши сè и ќе заблеска слободата, еднаквоста и братството. Храброст, храброст и пак храброст. Многумина се убиени поради арамилак, многу умираат од треска, од сите видови на болести; но сите ние, другари, по идеја треба да умреме во борба со тиранинот на народот. Збогум, Македонијо! Збогум другари и роднини! Да живее револуцијата, слободата, еднаквоста и братството. Долу тиранија, долу ропството, долу Турција! Ние умираме, но доволна ние е награда некогаш да каже народот: Умре сиромавиот за правда. За правда и за народот.“