Среда, 17 Февруари 2021    Печати
Васил Попангелов

1vasiВасил Попангелов

Васил Попангелов (1861 –14/27. IX 1903) е македонски духовник и револуционер, учесник во Илинденското востание. Бил старешина на манастирот „Сите Свети“ во Долна Дебарца, член на ТМОРО од 1897 година и организатор на населението за време на Востанието во 1903 година. Во Илинденското востание предводел селска чета од село Лешани и загинал во борба за заштита на збегот над родното село.

Васил Попангелов е роден во 1861 година во село Лешани, во  областа Дебрца, во околината на Охрид. Следејќи ги стапките на својот татко поп Ангел, Васил станал духовно лице и старешина на манастирот „Сите Свети“ во Долна Дебарца.

Во 1897 година станал член на ТМОРО и бил прв од селото Лешани кмој пристапил на Македонската револуционерна организација. Воглавно соработувал со војводата Христо Узунов и во име на Организацијата, привлекол и заколнил пред евангелието и крстот многу луѓе од Дебарца.

Во 1901 година, во манастирот „Сите Свети“, поп Васил го организирал формирањето на првата вооружена чета во овој крај. Како водач на македонското револуционерно движење во Дебрца, тој бил и еден од организаторите на Илинденското востание во овј регион и претседател на Комисијата за обезбедување на потегот кон месноста Српница.

На 5 август 1903 година, поп Васил го осветил Охридското востаничко знаме кај селото Крилатица. На осветувањето присуствувале преставниците на Охридското горско начелство на чело со Христо Узунов, како и преставници на селата во Дебрца.

Турските власти биле запознати со револузионерните активности на поп Васил и турскиот аскер заради одмазада го запалил манастирот, убиле двајца манастирските слуги и го запалиле селото Лешани. Исто така, за време на востанието настрадала неговата мајка која била запалена од Турците во нивната кошара во местото Српница.

Свештеникот Васил Попангелов за време на Илинденското востанието раководел со збегот „Српница“. Тој загинал во битка на 27 септември 1903 година, на ден Крстовден (стар стил), во одбрана на збегот над неговото родно село  од нападот на многубројниот турски аскер.

За да го заплашат населението Турците ја отсекле главата на поп Васил и ја носеле низ негото родно село и другите села во Дебрца, а потоа му ја однеле на својот старешина, кој ги искарал, зошто жив не го фатиле.

Васил Попангелов првично бил закопан од месното население во својата кошара во месноста Српница, во која што била спалена и неговата мајка. Но, набрзо потоа, неговите мошти биле закопани во семјниот гроб, каде што бил закопан неговиот татко поп Ангел, близу манастирот „Сите Свети“.