Среда, 17 Март 2021    Печати
Тодор Ангеловски

1tos Тодор Ангеловски 

Тодор Ангеловски (04. I 1908 - 12. VI 1943) е македонски револуционер, комунистички деец, еден од организаторите и раководителите на Народноослободителното движење (НОД) во Битолско. Како резервен поручник на Кралството Југославија, со својата единица оружено се противставил на германската армија кај монополот во Битола. Во народот познат како Тошо Даскалот (псевд. Строгов), тој бил борец на НОПО „Пелистер“, командант на НОПО „Јане Сандански“, на НОПО „Гоце Делчев“, на НОПО „Даме Груев“ и на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ (мај 1943). Се самоубил при блокада на родното село од бугарската полиција.

Тодор Петрев Ангеловски е роден на 4 јануари 1910 година (или според други податоци на 16 јули 1908 г.) во битолското село Лавци. Потекнувал од занетчиско семејство. Основното четиригодишно училиште го завршил во родното село за три години, бидејќи како одличен ученик му било дозволено во една година да заврши две оделенија. Своето образование го продолжил во Државната мешовита реална гимназија во Битола, а пото во учебната 1925/26 година, се запишал во Учителската школа во Прилеп.

Уште како ученик во Учителската школа, во друштво на прогресивната младина во Прилеп, тој се оформил како напреден младинец, иден прогресивен учител и револуционерен деец. Неправедните прогони и казнувања, социјалната беда на работните луѓе, корупцијата на власта и пљачкањето на обичниот народ во него ќе изроди отпор и спремност за организирано спротивставување. Веќе во 1937 година тој станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ).

По завршувањето на Учителската школа Тодор Ангеловски учителствувал во Србија во Гњиланската околија, а потоа во Македонија во селата Карбинци, Ѓавато (1936/37), Ротино и Цапари (1940/1941 г.). За време на своето учителствување, тој бил во првите редови  на напредното учителско движење во тогашна кралска Југославија, а како член на КПЈ од 1937 година, станал член и на МК на КПЈ за Битола во 1939 година.

Во текот на Втората светска војна, како резервен поручник на Кралството Југославија, по нападот на Германија на 6 април 1941 година, со својата единица оружено се противставил на германската армија кај монополот во Битола. По завршувањето на војната на 17 април 1941 година, кога капитулирала Југославија, како и по спроведената окупација и поделба на Југославија, прогресивните елементи и КПЈ започнале со подготовки за вооружено востание.

Тодор Ангеловски се вклучил во Народоноослободителната борба (НОБ) уште истата 1941 година. Тој бил организатор и активен учесник во сите значајни настани од НОВ во Битола и битолско од 1941 до  јуни 1943 година.

Од почетокот на 1942 година бил во илегала и имал големи заслуги за формирање на битолските народноослободителни партизански одреди НОПО „Пелистер“,  „Даме Груев“, „Јане Сандански“ и „Гоце Делчев“. Бил командант на здружениот  одред „Даме Груев“ во 1943 година, командант  на здружените одреди „Даме Груев“ и  „Вичо“, член на Окружниот оперативен  штаб и командант на Штабот на Втората оперативна зона.

За револуционерната  антифашистичка активност, Тодор Ангелевски или Тошо Даскалот од фашистичкиот окупаторски суд бил  осуден на смрт во отсуство. Неговата глава била уценета со тогашни 200 000 лева. 

Тодор Ангелевски загинал на 23 јуни 1943 година, при блокада на родното село од бугарската полиција и војска, која ја запалила плевната во која се криел. За да не падне жив во рацете на окупаторите, тој се самоубил и изгорел во запалената плевна во селото Лавци.