Среда, 21 Април 2021    Печати
ЛАЗО ФИЛИПОВ - ЛАВСКИ

17103599ЛАЗО ФИЛИПОВ - ЛАВСКИ

Македонецот кој на 8 септември 1941, прв убива бугарски фашист во Вардарскиот дел на Македонија

Голем е бројот на Македонци кои го дале животот за нашата слобода, а ние денес не ги знаеме ни нивните имињата. Еден од нив е и Лавски.

Роден е на 6 април 1918 година во селото Мрзен Ораовец, Кавадаречко.

Рано останува без мајка. Тешкиот живот го принудува заедно со татко му да се пресели во Прилеп каде завршува основно образование. Набрзо го напушта Прилеп и еден период живее во Градско (Велес) каде работи во една пекара.

Во Велес доаѓа во контакт со тамошните револуционери и од тој момент започнува неговиот бурен живот. Станува член на работничкиот синдикат, кој е предвесник на идното партизанско движење во Македонија.

Македонија во тоа време била дел од Кралството СХС, подоцна Кралство Југославија (1918-1941), во кое Македонците не биле признаени како посебен народ и биле подложени на постојана асимилација.

Сиромаштијата го принудила Лазо краток период да живее и во Белград, каде во 1937 и 1938 год. работел како надничар. Во тоа време таму студирале многу Македонци. Лазо се запознава со прилепската група, и станува посебно близок со Кузман Јосифовски – Питу, кој бил еден од студентите таму.

По враќањето во Македонија, Лазо учествува во многу протести и демонстрации, меѓу кои и во познатите „Илинденски демонстрации“ во 1940-та, кои биле против српската асимилациона политика во Македонија.

Еден од водачите на „Илинденските демонстрации“ бил Методија Андонов Ченто, кој барал во училиштата во Македонија децата да учат на мајчин македонски јазик, наместо на српски.

Еден месец подоцна полицијата го запленува весникот „Пролетер“ и други револуционерни материјали. Уапсени се голем број лица меѓу кои и Лазо.

Во затвор е држен 15 дена и цело време е измачуван, но не признал ништо и не предал никого. Заради својата храброст го добива прекарот Лавски, кој подоцна ќе му стане и партизанско име.

Наскоро српското ропство ќе биде заменето со бугарски фашизам.

Во 1941 започнала бугарската фашистичка окупација на Македонија, а Лавски веднаш се вклучил во македонскиот отпор против бугарските фашисти.

Бил задолжен за собирање оружје и подготовки за борба. Едно од складиштата за оружје била неговата куќа. Деноноќно работел на подготовките за борба против новите окупатори – Бугарите.

Кон крајот на Август 1941, добива задача да го испита Богомилскиот тунел под планината Бабуна, кој требало подоцна да биде миниран.

На 8 септември 1941, Лавски тргнува заедно со уште тројца партизани, но кај тунелот наидуваат на бугарска стража. Бугарскиот стражар им побарал лични документи, но наместо документи Лавски го извадил револверот и го убил стражарот.

Тоа е првиот убиен бугарски фашист во Вардарскиот дел на Македонија.

На 12 септември 1941, Лавски е еден од седуммината партизани кои ја формираат Првата партизанска чета во областа Бидимаш на Селечка планина.

При крајот на Октомври 1941, со само 23 години станува заменик командант на партизанскиот одред „Гоце Делчев“. На првиот партизански митинг во Македонија, на 7 ноември 1941, Лавски држи говор пред селаните.

После растурањето на одредот заминува во илегала, а на почетокот на 1942 работи на подготовките за формирање на нов партизански одред. Во јануари и фебруари Лавски е постојано во обиколка на околните села и ги организира доброволците за новиот одред.

На 2 Март 1942, движејќи се од Кавадарци кон Прилеп, Борка Талески и Лазо Филипов – Лавски паѓаат во бугарска заседа кај Плетвар. Започнуваат престрелка со Бугарите и тргнуваат да се пробијат низ обрачот, но во нерамна борба и двајцата се убиени.

Лавски на 24 години ја даде својата младост за слободата на Македонија.

11 години по неговата смрт, на 9 Октомври 1953, Лавски е прогласен за народен херој на Македонија.

ВЕЧНА ТИ СЛАВА ГОЛЕМ МАКЕДОНЕЦУ!

ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН